Квечерина. Исус ги повикал кај себе своите тројца ученици Петар, Јаков и Јован и ги повел низ поле, далеку по планинска патека до една осамена падина. Спасителот и неговите ученици поминале цел ден во патување и во поучување, па искачувањето на планината уште повеќе ги изморило. Христос ги симнал товарите од душите и од телата на многубројни неволници и им подарил животен трепнеж на нивните ослабени тела. Меѓутоа, бил облечен во човечка природа, па заедно со своите ученици се изморил од качувањето.
Врз овој планински врв сè уште почивала светлина на Сонцето што заоѓало и со својата слава, што полека исчезнувала, ја позлатувала патеката по која оделе. Меѓутоа, набргу светлината ја напуштила планината и долината и Сонцето исчезнало на западниот хоризонт, па осамените падини потонале во темнината на ноќта. Темнината во нивната околина како да била одглас на нивните животи полни со тага, околу кои почнале да се напластуваат и згуснуваат облаци.
Учениците не се осмелувале да го прашаат Христа каде оди и со каква цел. На планини често поминувал цели ноќ и на молитва. Тој, чијашто рака ги обликувала планините и долините, ја познавал природата и уживал во нивната тишина. Учениците оделе патем по Христа. Сепак, се прашувале зошто нивниот Учител ги води по оваа напорна и стрмна патека кога се уморни и кога и нему му е потребен одмор.
На крај Христос им рекол дека не треба да одат понатаму. Оддалечувајќи се неколку чекори од нив, Човекот на болката ги излевал своите молитви со силен вик и солзи. Се молел за сила да го издржи искушението за добро на човечкиот род. Тој сам одново мора да се фати за Семожниот, зашто само на тој начин можел да размислува за иднината. Ги излевал сите желби на своето срце за своите ученици со цел во часот на силите на мракот нивната вера да не се поколеба. Неговата ужалена појава ја прекрила густа роса, но Тој не обрнувал внимание на тоа. Околу него се згуснувале ноќните сенки, но Тој не гледал на нивната темнина. Така часовите бавно поминувале. Од почеток учениците со искрена преданост своите молитви ги соединувале со неговите, но по извесно време, иако се труделе да го сочуваат интересот за оваа сцена, совладани од уморот, заспале. Исус им зборувал за своите страдања. Тој ги повел со себе за да можат да се соединат со него во молитвата. Сега дури се молел за нив. Спасителот ја забележал столченоста на своите ученици, па сакал да им ја олесни болката уверувајќи ги дека нивната вера не била напразна. Дури ни сите меѓу дванаесеттемина не можеле да го примат откровението што сакал да им го даде. Само тројца, што треба да бидат сведоци за неговата голема болка во Гетсиманија, биле избрани да бидат со него на планината. Бремето што го изнел во својата молитва било да им се открие славата што ја имал со Отецот пред создавањето на светот, неговото царство да им се открие на човечките очи и неговите ученици да бидат засилени додека го набљудуваат тоа. Сесрдно се молел да бидат сведоци на откривањето на неговото божество што ќе ги теши во часот на неговите најголеми страдања со сознанието дека Тој навистина е Божји Син, а неговата понижувачка смрт дел на планот на откупувањето.
Неговата молитва е примена. Додека понизно коленичел на каменливата почва, одненадеж небото се отворило, златните капии на Божјиот град се отвориле ширум, а планината ја осветлиле свети зраци и го покриле Спасителот. Низ човечката природа од неговата внатрешност болснала божествената природа која се сретнала со славата што доаѓала озгора. Христос, кој до сега лежел ничкум, станал и се исправил во своето божествено величество. Болката на душата исчезнала. Неговото лице светело „како сонцето“, додека неговата облека била „бела како снег“.
Расонетите ученици го набљудувале излевањето на славата што ја осветлила планината. Со страв и со чудење ја гледале сјајната појава на својот Учител. Кога се привикнале на оваа чудесна светлина, виделе дека Исус не е сам. Крај него биле две небесни суштества, во интимен разговор со него. Тоа биле Мојсеј, кој разговарал со Бога на Синај, и Илија, на кого му е дадено возвишено предимство, дадено само на уште еден од Адамовите синови, за никогаш да не дојде под власт на смртта.
На планината Фазга, пред петнаесет векови, Мојсеј стоел и ја набљудувал ветената земја. Но поради гревот кај Мерива не можел да влезе во неа. Нему не му припаѓала радоста да ги поведе четите Израелови во наследството на нивните претци. Неговата сесрдна молба: „Дозволи ми да одам таму и да ја видам онаа блажена земја преку Јордан, оној прекрасен горски крај и Ливан“ (5. Мојсеева 3,25), била одбиена. Сега морал да ја напушти надежта што четириесет години му ја осветлувала темнината на пустинските талкања. Гробот во пустината бил крајниот досег на сите оние години на големи напори и грижи што ја притискале душата. Меѓутоа, Оној што „може да направи неспоредливо повеќе, отколку што можеме да бараме или замислиме“ (Ефесците 3,20), одговорил на овој начин на молитвата на својот слуга. Мојсеј преминал во царството на смртта, но не требало да остане во гробот. Сам Христос го повикал назад во живот. Искушувачот, сатаната, сметал дека има право на Мојсеевото тело поради неговиот грев, но Спасителот Христос го повикал да излезе од гробот (Јуда 9). (продолжува)