(продолжува од претходниот ден) Христовиот живот бил обележен со почит и со љубов кон мајка си. Марија во своето срце верувала дека нејзиното родено свето Дете е тој долго ветуваниот Месија, но не смеела да ја изрази својата вера. Во текот на целиот свој живот на земјата таа учествувала во неговите страдања. Со жалост ги гледала искушенијата на кои бил изложен во детството и во младоста. Бранејќи го она што знаела дека е правилно во неговото однесување, и самата доаѓала во искушенија. Односите во домот и мајчинската нежна грижа над децата ги сметала за животно важни во обликувањето на карактерот. Јосифовите синови и ќерки го знаеле тоа и, користејќи ја нејзината грижа, се обидувале Исусовите постапки да ги сообразат со своето мерило.

Марија често му приговарала на Исуса и барала од него да го прифати рабинскиот начин на постапување. Меѓутоа, него не можел никој да го увери да ги промени своите навики на размислување за Божјите дела и за помагање на луѓето, па дури и на немите животни, да се ослободат од страдањата. Кога свештениците и учителите побарале помош од Марија да го натераат Исуса на послушност, таа многу се вознемирила, но во нејзиното срце владеел мир додека Тој изнесувал факти од Светото писмо што ги поддржувале неговите постапки.

Таа понекогаш се колебала меѓу Исуса и неговите браќа кои не верувале дека тој е Божји пратеник, иако постоеле многу докази дека неговиот карактер бил божествен. Таа видела како се жртвува за добро на другите. Неговото присуство внесувало почиста атмосфера во домот, а неговиот живот бил како квасец кој дејствува во елементите на општеството. Простодушен и невин, се движел меѓу невнимателни, груби, нељубезни, меѓу неправедни цариници, лекомислени растурачи, неправедни Самарјани, меѓу незнабожечки војници, груби селани и мешано мноштво. Тој изговарал зборови на сочувство насекаде каде што видел луѓе уморни, но присилени да носат тешки товари. Го делел нивниот товар и им ги повторувал поуките што ги учел од природата, поуките за љубовта, за милоста и за Божјата доброта.

Тој ги учел сите себеси да се сметаат за надарени со драгоцени таленти, што можат да им обезбедат вечни богатства само ако правилно се употребат. Искоренувал секое ништожество од животот и со својот личен пример учел дека секој миг на времето има вечни резултати; дека со него треба да се постапува како со богатство што треба да се користи за возвишени цели. Ниедно човечко суштество не го сметал за безвредно, туку на секоја душа ѝ давал спасоносен лек. Во какво било друштво да се нашол, изнесувал поука што била погодна за тоа време и за тие околности. Се трудел да ги вдахнува со надеж најсуровите, кои ништо не ветуваат, уверувајќи ги дека можат да станат беспрекорни и непорочни, дека можат да изградат таков карактер што ќе покаже дека се Божји деца. Често ги сретнувал оние што ѝ се препуштиле на власта на сатаната и кои немале сили да се оттргнат од неговите стапици. На таков обесхрабрен, болен, заведен и паднат човек, Исус му упатувал зборови на најнежно сожалување, зборови што биле потребни и што можеле да се разберат. Сретнувал и други што воделе непосредна борба со непријателот на душите. Овие ги храбрел да издржат, уверувајќи ги дека ќе победат, зашто Божјите ангели се на нивна страна и ќе им дадат победа. Оние на кои им помогнал вака биле уверени дека овде е Оној во кого можат да имаат совршена доверба. Тој нема да ги открие тајните што му ги довериле на неговото сочувствително уво.

Исус бил исцелител и на телото и на душата. Тој се интересирал за секој вид страдање што го забележувал и на секој неволник му донесувал олеснение, а неговите љубезни зборови биле како мелем што ја смирува болката. Никој не можел да каже дека сторил чудо, но од него врз болните и очајните пре минувала сила ­ исцелувачка сила на љубовта. Со тоа Тој уште од самото детство ненаметливо работел за луѓето. Тоа била причината што мнозина, кога ја почнал својата служба, радо го слушале.

Сепак, Исус сам поминувал низ детството, низ младоста и мажевноста. Во својата чистота и верност сам газел во кацата; никој од луѓето немало да му помогне. Носел страшен товар на одговорност за спасението на луѓето. Знаел дека, ако не настапи решителна измена на начелата и на целите на човечкиот род, сè ќе биде загубено. Тоа било бреме на неговата душа и никој не можел да го процени товарот што го притискал. Цврсто решен, ја остварувал својата животна задача самиот да биде светлина на луѓето.

Pin It on Pinterest