(продолжува од претходниот ден) Исусовата смрт не била предизвикана ниту од прободувањето со копје ниту од маките на крстот. Тој извик, изговорен „со силен глас“ (Матеј 27,50; Лука 23,46) во мигот на смртта, и млазот крв и вода што потекол од пределот на ребрата, покажуваат дека Тој умрел затоа што му препукнало срцето. Неговото срце препукнало од душевна болка. Го убил гревот на овој свет.

Со Христовата смрт згаснале надежите на неговите ученици. Со неопишана болка ги набљудувале неговите затворени очи и неговата наведена глава, неговата коса слепена со крв, неговите прободени раце и нозе. До последен миг не верувале дека ќе умре и затоа одвај можеле да поверуваат дека навистина е мртов.

Столчени со тага, ги заборавиле неговите зборови што ја преткажувале токму оваа сцена. Ништо што зборувал не можело сега да ги утеши. Го виделе само крстот и Жртвата како крвави на него. Иднината изгледала темна и безнадежна. Нивната вера во Исуса исчезнала, но никогаш како сега не го сакале во толкава мера својот Господ. Никогаш порано не ја чувствувале во толкава мера неговата важност и својата потреба од негово присуство.

Дури и во смртта Христовото тело било мошне драгоцено за неговите ученици. Копнееле достоинствено да го закопаат, но не знаеле како да го остварат тоа. Исус бил осуден како бунтовник против римската власт, а луѓето погубени поради таков прекршок биле закопувани на гробишта посебно одредени за такви злосторници. Ученикот Јован со жените од Галилеја останал крај крстот. Не можеле да им го препуштат телото на својот Господ на бесчувствителните војници да го закопаат на толку срамни гробишта. Сепак, тоа не можеле да го спречат. Не можеле да добијат никакво одобрение од еврејските власти, а врз Пилата немале никакво влијание.

Во оваа неприлика на учениците им дошле на помош Јосиф од Ариматеја и Никодим. Обајцата го познавале Пилата и биле членови на Синедрионот. Обајцата биле богати и влијателни луѓе. Тие решиле да помогнат Христовото тело да се закопа со почести.

Јосиф смело отишол кај Пилата и го замолил за Исусовото тело. Пилат дури сега првпат слушнал оти Исус веќе е мртов. До него допреле противречни вести за настаните што го придружувале распнувањето, но сознанието за Христовата смрт намерно е криено од него. Свештениците и поглаварите му обрнале внимание на Пилата дека Христовите ученици би можеле да изведат измама со неговото тело. Откако го чул барањето на Јосифа, го повикал капетанот кој бил на должност крај крстот и дознал дека Исус навистина умрел. Се потрудил да добие извештај од него за сцените на Голгота кој го потврдил сведоштвото на Јосифа.

Барањето на Јосифа е задоволено. Додека Јован чекал вознемирен поради закопот на својот Учител, Јосиф се вратил со налог од Пилата за Христовото тело; Никодим стигнал донесувајќи околу сто литри помешана смирна и алој за негово помазание. На најпочитуваниот во цел Ерусалим не би можело да му се укаже поголема почест за време на смртта. Учениците биле мошне изненадени кога ги виделе овие богати поглавари кои исто толку биле заинтересирани за закопот на нивниот Господ како и самите тие.

Ни Јосиф ни Никодим не го прифатиле отворено Спасителот додека бил жив. Знаеле дека таквиот чекор би ги исклучил од Синедрионот, а се надевале дека со своето влијание ќе го заштитат на неговите заседанија. Се чинело дека за извесно време успевале. Но, забележувајќи ја нивната наклоност кон Христа, подмолните свештеници ги осуетиле нивните планови. Во нивно отсуство Исус бил осуден и предаден да се распне. Сега, кога бил мртов, не криеле веќе да покажат колку му се приврзани. Додека учениците се плашеле јавно да се покажат како негови следбеници, Јосиф и Никодим храбро му прискокнале на помош. Помошта на овие богати почитувани луѓе во овој миг била мошне потребна. Тие за својот мртов Учител можеле да го сторат она што не можеле да го сторат сиромашните ученици; нивното богатство и влијание во голема мера ги штителе од злобните свештеници и поглавари. (продолжува)

Pin It on Pinterest