(продолжува од претходниот ден) Нежно и со почит со свои раце го симнале Исусовото тело од крстот. Од нивните очи бргу капеле солзи на сочувство додека го гледале неговото изранавено и измачено тело. Јосиф имал нов гроб издлабен во карпа. Го чувал за себе, но бидејќи бил близу до Голгота, сега го приготвил за Исуса. Телото, заедно со мирисите што ги донел Никодим, грижливо е завиткано во ленен чаршаф и Спасителот е пренесен до гробот. Тука овие тројца ученици ги исправиле повредените нозе и ги прекрстиле ранетите раце на неподвижните гради. Жените Галилејки дошле да видат дали е сторено сè што можело да се стори за мртвото тело на нивниот сакан Учител. Го виделе тешкиот камен потпрен на влезот на гробот во кој е положен Спасителот да почива. Жените биле последни крај крстот и последни на Христовиот гроб. Додека се спуштале вечерните сенки, Марија Магдалена, и другата Марија, се задржале околу местото на почивање на нивниот Господ, леејќи солзи жалоснички над судбината на Оној што го сакале. „Потоа се вратија… а во саботата си почиваа според заповедта“ (Лука 23,56).

Тоа била сабота што нема никогаш да ја заборават ожалостените ученици, а исто така и свештениците, поглаварите, закониците и народот. Кога сонцето заоѓало, при крајот на денот за подготовка, се огласиле трубите, означувајќи дека саботата почнала. Пасха е празнувана онака како што се празнувала со векови, додека Оној, на кого таа укажувала, лежел во Јосифовиот гроб убиен од рацете на злосторниците. Предворјата на храмот во саботата биле исполнети со верници. Прво свештеникот од Голгота бил тука, облечен во сјајна свештеничка облека. Свештениците со бели капи, потполно окупирани, ги извршувале своите должности. Меѓутоа, некои од присутните не биле мирни додека за гревот била принесувана крвта на јунците и јарците. Не биле свесни дека симболите се исполниле, дека за гревовите на светот е принесена бесконечната Жртва. Не знаеле дека обредната служба немала повеќе никаква важност. Но никогаш порано на таа служба не присуствувале со толку противречни чувства. Трубите, музичките инструменти и гласовите на пеачите биле гласни и јасни како и обично. Меѓутоа, сите чувствувале дека се случува нешто необично. Еден по еден се распрашувале за несекојдневниот настан што се одиграл. До тогаш светињата над светињите неприкосновено е чувана од сите што не смееле да влезат во неа. Но сега била отворена за сите очи. Тешката извезена завеса, направена од чист лен и богато украсена со злато и пурпур, била раскината од горе до долу. Местото на кое Господ се состанувал со првосвештеникот да ја објави својата слава, местото што било света Божја сала за прием, било отворено за секое око место што Господ не го признавал повеќе. Свештениците стушено служеле пред олтарот. Оголеноста на светињата над светињите ги исполнувала со ужас на несреќата што настапувала.

Многу умови биле окупирани со мисли предизвикани со сцените на Голгота. Од распнувањето, сè до воскресението, многу будни очи постојано ги истражувале пророштвата, некои да најдат докази дека Исус не бил она што тврдел, а други со болно срце трагале по докази дека Тој навистина е вистинскиот Месија. Иако истражувале со различни цели, сите биле осведочени во истата вистина дека пророштвото се исполнило во настаните на неколкуте минати денови и дека Распнатиот е Откупител на светот. Мнозина што учествувале тогаш во службата, никогаш повеќе не учествувале во пасхалните обреди. Дури и многу свештеници биле осведочени во вистинскиот Исусов карактер. Нивното истражување на пророштвата не било напразно, зашто по неговото воскресение го признале за Божји Син. (продолжува)

Pin It on Pinterest