(продолжува од претходниот ден) Христовиот дух нашите срца ги прави нежни и покорни и тоа е единствен начин на кој можеме да стекнеме посовршено разбирање на вистината. Душата мора да биде исчистена од суетата и од горделивоста и ослободена од сè што ја обземало, и во неа мора да се устоличи Христос. Човечката наука премногу е ограничена за да го сфати откупувањето. Планот на откупувањето е толку далекусежен, што филозофијата не може да го објасни. Тој секогаш ќе остане тајна што и најдлабокото размислување не може да ја долови. Науката за спасението не може да се објасни, таа може да се запознае само со лично искуство. Само оној што ја увидува сопствената грешност, може да препознае колку Спасителот е драгоцен.

Поуките што ги изнесувал Христос додека полека одел по патот од Галилеја кон Ерусалим биле полни со упатства. Народот со копнеж ги слушал неговите зборови. Во Переја, како и во Галилеја, народот бил помалку под власт на еврејскиот фанатизам отколку во Јудеја, па неговото учење нашло одглас во нивните срца.

Во текот на овие последни месеци на својата служба Христос изнел многу од своите споредби. Свештениците и рабините сè пожестоко го прогонувале па своите опомени упатени до нив ги засолнил со симболи. Не можеле да погрешат во обидот да проникнат во нивното значење, но сепак во неговите зборови не можеле да најдат ништо на што би засновале некое обвинување против него. Во споредбата за фарисејот и цариникот, самоуверената молитва: „Боже, ти благодарам што не сум како другите луѓе“, стои во остра спротивност со молитвата на покајникот: „Боже, биди ми милостив мене грешен’ (Лука 18,11.13). На тој начин Христос го укорил лицемерството на Евреите. Со сликовитиот приказ за неродната смоква и за големата вечера ја преткажал несреќата што наскоро ќе го снајде непокајаниот народ. Оние што презриво го одбиле повикот на евангелската гозба ги чуле него вите предупредувачки зборови: „Ви кажувам дека ниту еден од тие што беа повикани нема да ја вкуси мојата вечера“ (Лука 14,24).

Упатството дадено на учениците било мошне драгоцено. Сториите за наметливата вдовица и за пријателот што барал леб на полноќ им дале нова сила на неговите зборови: „Молете се истрајно и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; тропајте и ќе ви се отвори“ (Лука 11,9). Често нивната колеблива вера била засилувана со сеќавањето на Христовите зборови: „Та нема ли Бог да ги заштити своите избраници кои го повикуваат дење и ноќе, и ќе ги остави ли долго да чекаат? Ви велам, брзо ќе ги заштити“ (Лука 18,7.8).

Христос ја повторил онаа прекрасна парабола за загубената овца. Во својата поука одел уште понатаму додека зборувал за загубениот денар и за загубениот син. Тогаш учениците не можеле во целост да ја проценат силата на овие поуки, но по излевањето на Светиот Дух, кога го виделе собирањето на незнабошците и зависливиот гнев на Евреите, подобро ја сфатиле поуката за загубениот син и можеле подобро да проникнат во радоста на Христовите зборови: „Но треба да се весели­ме и да се радуваме“, „зашто овој мој син беше мртов и оживе, беше загубен и се најде“ (Лука 15,32.24). Кога тргнале во име на својот Учител, соочувајќи се со подбиви, со сиромаштво и со прогонство, често своите срца ги засилувале повторувајќи го неговиот налог изговорен при ова последно патување: „Не плаши се, мало стадо, зашто вашиот Татко со радост реши да ви го даде царството. Продајте го својот имот и дајте го како милостина! Направете си торби што не излитуваат, неисцрпно богатство на небесата, каде крадец не се приближува, ниту молец изедува, зашто каде што е вашето богатство, таму ќе биде и вашето срце“ (Лука 12,32­34).

Pin It on Pinterest