Во сторијата за милостивиот Самарјанец Христос ја прикажал природата на вистинската вера. Покажал дека таа не се состои од системи, од симболи или од обреди, туку од дела на љубовта, од правење на најголеми добра на другите, од вистинска добрина.

Додека Христос го учел народот, „стана еден толкувач на законот да го искушува и го праша: ‘Учителе, што треба да правам за да наследам вечен живот?’“ Со внимание од кое застанува здивот, големиот собир очекувал одговор. Свештениците и рабините очекувале со прашањето што му го поставил овој законик да го фатат Христа во стапица. Меѓутоа, Спасителот не се впуштал во расправање. Побарал одговор од оној што го поставил прашањето. „Што е напишано во законот“, прашал, „што читаш?“ Евреите сè уште го обвинувале Исуса дека лекомислено се однесува кон законот даден на Синај, но Тој прашањето на спасението го насочил кон држењето на Божјите заповеди.

Законикот кажал: „Љуби го својот Господ Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои мисли, и својот ближен како самиот себе. Исус му рече: ‘Точно одговори. Прави го тоа и ќе живееш.’“

Законикот не бил задоволен со гледиштето и со делата на фарисеите. Тој ги проучувал Писмата со желба да се запознае со нивното вистинско значење. Бил животно заинтересиран за тоа и искрено прашал: „Што треба да правам?“ Во својот одговор во врска со барањата на законот тој го заобиколил мноштвото обредни прописи. Ним не им придавал никаква важност, туку ги изнел двете големи начела врз кои почивале Законот и Пророците. Бидејќи Исус го пофалил овој одговор, истиот него го поставил во поволна положба пред рабините. Не можеле да го осудат зашто дал позитивен одговор во врска со законот.

„Прави го тоа и ќе живееш“, рекол Исус. Тој законот го прикажал како божествена целина и со оваа поука истакнал дека не е можно да се држи една заповед а да се крши друга, зашто сите се проникнати со исто начело. Судбината на човекот ќе биде одредена со неговата послушност кон целокупниот закон. Врвната љубов кон Бога и непристрасната љубов кон човекот се начела што треба да се остварат во животот.

Законикот утврдил дека самиот е престапник на законот. Бил осведочен со Христовите испитувачки зборови. Правдата на законот, за која тврдел дека ја разбира, не ја спроведувал во животот. Не покажувал љубов кон своите ближни. Од него се барало покајание, но наместо да се покае, се обидел да се оправда. Наместо да ја признае вистината, сакал да покаже колку е тешко да се исполни заповедта. На тој начин се надевал дека ќе може да се ослободи од осведочувањето и дека ќе се оправда во очите на народот. Зборовите на Спасителот покажале дека неговото прашање било непотребно, бидејќи и самиот можел да одговори на него. Сепак, законикот поставил уште едно прашање, велејќи: „А кој е мој ближен?“

Ова прашање меѓу Евреите предизвикало бескрајни расправии. Немало сомневање за незнабошците и Самарјаните тие биле туѓинци и непријатели. Но каде би требало да се прави разлика меѓу луѓето на својот народ и меѓу различните општествени слоеви? Кого свештеникот, рабинот, старешината треба да го смета за свој ближен? Својот живот го поминувале низ низа обреди за да бидат чисти. Сметале дека допирот со неукото и невнимателно мноштво би ги осквернил, што би барало мачни напори да се отстрани нечистотата. Дали „нечистите“ треба да бидат ближни?

Исус пак одбил да биде вовлечен во расправа. Не го осудил верскиот фанатизам на оние што демнеле да го осудат. Меѓутоа, со едноставен приказ пред своите слушатели издигнал таква слика на излевање на љубов која потекнува од небото, што сите срца биле трогнати, а законикот ја признал вистината.

Да ѝ се овозможи на светлината пристап е најдобриот пат за отстранување на темнината. Најдобар начин да се скрши заблудата е да се изнесува вистината. Појавата на Божјата љубов ја открива изопаченоста и гревот на срцето свртено кон себе.

„Еден човек“, рекол Исус, „слегувајќи од Ерусалим во Ерихон, налета на разбојници који го соблекоа и го ранија, го оставија полумртов и си отидоа. А случајно по истиот пат слегуваше еден свештеник и, кога го виде, го одмина“ (Лука 10, 30-­32). Тоа не била некоја измислена сцена, туку вистински настан што бил веродостојно претставен. Свештеникот и Левитот што поминале на другата страна се наоѓале меѓу оние што ги слушале Христовите зборови. (продолжува)

Pin It on Pinterest