“Исус дојде во Галилеја и тука го проповедаше Божјето евангелието, зборувајќи: ‘Времето се исполни и наближи царството Божје. Покајте се и верувајте во евангелието’“ (Марко 1,14.15).

Доаѓањето на Месија најпрво е објавено во Јудеја. Во ерусалимскиот храм, додека служел пред олтарот, на Захарија му е преткажано раѓањето на преттечата. На витлеемските ритчиња ангелите го објавиле Христовото раѓање. Мудреците дошле во Ерусалим да го побараат. Во храмот Симеон и Ана сведочеле за неговото божество. „Ерусалим и сета Јудеја“ го слушале проповедањето на Јована Крстителот, а пратениците на Синедрионот, заедно со мноштвото, го чуле неговото сведоштво за Исуса. Во Јудеја Христос ги примил своите први ученици. Овде поминал голем дел од својата прва служба. Блескотот на неговото божество при чистењето на храмот, неговите чуда поврзани со лекувањето и поуките на божествената вистина од неговите усни, сето тоа го објавувало она што по исцелувањето во Витезда го изјавил пред Синедрионот ­ дека Тој е Син на Вечниот.

Кога водачите во Израел би го примиле Христа, Тој би им укажал почест со тоа што ќе станат негови весници кои ќе му го однесат евангелието на светот. Ним им е дадена предност први да станат весници за царството и за Божјата милост. Меѓутоа, Израел не го препознал своето време. Љубомората и недовербата на еврејските водачи прераснувале во отворена омраза и срцето на народот се одвраќало од Исуса.

Синедрионот ја отфрлил Христовата вест, приготвувајќи се да го убие, и затоа Исус се оддалечил од Ерусалим ­ од свештениците, од храмот, од еврејските водачи, од народот кој бил поучен на законот ­ и се свртил кон друга група луѓе да ја објави својата вест и да ги собере оние кои евангелието ќе им го однесат на народите.

Како во Христово време што светлината била отфрлена од духовната власт, така таа била отфрлувана од секое наредно поколение. Секогаш одново се повторувала историјата за Христовото повлекување од Јудеја. Кога реформаторите ја проповедале Божјата реч, не мислеле да се одвојат од веќе постојната Црква, но верските водачи не ја поднесувале светлината, па оние што ја носеле биле присилени да побараат други групи луѓе што копнееле за вистината. Во нашите денови малку има следбеници на реформаторите поттикнати со нивниот дух. Малку има такви што го слушаат Божјиот глас и што се готови да ја прифатат вистината без оглед во каков вид се изнесува. Оние што ги следат стапките на реформаторите, често се присилени да се одвратат од црквите што ги сакаат за да го објават јасното учење на Божјата реч. Многупати оние што ја бараат светлината, поради истото учење се присилени да ја напуштат црквата на своите татковци за да можат да бидат послушни.

Рабините од Ерусалим ги презирале луѓето од Галилеја како груби и необразовани, а сепак тие биле многу попогодно поле за работа на Спасителот. Биле поискрени и почесни, помалку подложени на фанатизмот; нивниот ум бил поотворен за прифаќање на вистината. Заминувајќи во Галилеја, Исус не планирал издвојување или повлекување. Покраината во тоа време била густо населена, повеќенационална, и имала значително поголем број жители отколку Јудеја.

Додека Исус патувал низ Галилеја, учејќи и лекувајќи, кај него се собирало мноштво од градовите и селата. Мнозина доаѓале дури од Јудеја и од соседните покраини. Често бил присилуван да се крие од народот. Одушевувањето толку многу растело, што било потребно да се преземат мерки на претпазливост со цел кај римските власти да не се создаде страв од востание. Никогаш порано за светот не постоел ваков период. Небото им се приближило на луѓето. Гладните и жедните души, кои долго го очекувале избавувањето на Израел, сега уживале во милоста на благиот Спасител.

Суштина на Христовото проповедање била: „Времето се исполни и наближи царството Божје. Покајте се и верувајте во евангелието.“ Така веста на евангелието, што ја изнесувал Спасителот, била заснована на пророштвата. „Времето“, за кое Тој најавил дека се исполнило, бил оној период што му го објавил ангелот Гаврил на Даниел: „Седумдесет седмици му се одредени на твојот народ и на твојот свет град да се сврши престапот, да му се стави печат на гревот, да се исчисти беззаконието, да се воведе вечна правда, да им се стави печат на видението и на пророците и да се помаже Светиот над светите“ (Даниел 9,24). Еден ден во пророштвото претставува една година (види: 4. Мојсеева 14,34; Езекил 4,6). Седумдесет седмици или четиристотини и деведесет дена претставуваат четиристотини и деведесет години. Појдовната точка за овој период е дадена: „Затоа знај и разбери: Од часот кога ќе се издаде заповед Ерусалим повторно да се изгради, до Кнезот Помазаник, ќе поминат седум седмици, а потоа шеесет и две седмици“ ­ шеесет и девет седмици или четиристотини осумдесет и три години (Данило 9,25). Заповедта да се обнови и да се изгради Ерусалим, како што ја објавил Артаксеркс Лонгиманус (види: Ездра 6,14; 7,1.9), стапила во сила есента 457 година пред Христа. Од овој миг периодот од четиристотини осумдесет и три години се протега сè до есента 27­та година по Христа. Според пророштвото, овој временски период требало да допре до Помазаникот, до Месија. Во 27­та година од н. е. Исус при своето крштавање бил помазан со Светиот Дух и набргу потоа ја почнал својата служба. Тогаш се објавувала веста: „Времето се исполни.“ (продолжува)

Pin It on Pinterest