(продолжува од претходниот ден) Потоа ангелот рекол: „Ќе склучи завет со мнозина за една седмица (седум години).“ Прво Христос требало да им го проповеда евангелието на Евреите три и пол години, а потоа три и пол години апостолите ­ вкупно седум години откако Спасителот ја почнал својата работа. „А во половината на седмицата ќе ја укине жртвата и приносот“ (Даниел 9,27). Пролетта 31­та година од н. е. Христос, вистинската Жртва, е принесена на Голгота. Тогаш завесата во храмот била искината надве, покажувајќи дека поминале светоста и значењето на службата поврзана со принесување на жртвите. Настапило времето да престане земната жртва и приносот.

Таа една седмица ­ седум години ­ завршила 34­та година по Христа. Тогаш, со каменувањето на Стефана, Евреите конечно го запечатиле своето отфрлање на евангелието, а учениците, изложени на прогонство, се расеале низ други земји каде што „поминуваа од еден до друг крај и го проповедаа евангелието“ (Дела 8,4). Набргу потоа се обратил прогонувачот Савле и станал Павле, апостол на незнабошците.

Времето на Христовото доаѓање, неговото помазание со Светиот Дух, неговата смрт и изнесувањето на евангелието пред незнабошците, биле точно истакнати. Разбирањето на овие пророштва и препознавањето на нивното исполнување во Исусовата мисија било предимство на еврејскиот народ. Христос на своите ученици им ја предочил важноста на проучувањето на пророштвата. Повикувајќи се на пророштвото дадено на Даниел за нивното време, Тој рекол: „Кој чита, нека сфати“ (Матеј 24,15).

По своето воскресение, Исус, „почнувајќи од Мојсеја и од сите пророци“, им го објаснил на учениците она „што е пишано за него во Писмото“ (Лука 24,27). Спасителот зборувал преку сите пророци. „Тие (пророците) испитуваа на кого и на какво време посочуваше Христовиот Дух, кој беше во нив, кога однапред навестуваше за Христовите страдања и за идната слава“ (1. Петрово 1,11).

Ангелот Гаврил, кој зазема положба веднаш до Божјиот Син, дошол кај Даниел со божествена вест. Тој бил Божји „ангел“, Гаврил, кого Христос го пратил да му ја открие иднината на саканиот Јован, и преку кого е изречен благослов над сите што читаат, што ги слушаат зборовите на пророштвото и што го извршуваат она што е напишано во него (Откровение 1,3).

„Зашто Господ, Господ, не прави ништо а да не им ги открие своите тајни на своите слуги пророците.“ Додека „тајното му припаѓа на нашиот Бог“, „јавното е наше и на нашите синови до века“ (Амос 3,7; 5. Мојсеева 29,29). Бог ни ги дал пророчките списи и ако понизно ги проучуваме со молитва, следи негов благослов.

Како веста за првото Христово доаѓање што го објавувала царството на неговата милост, така и веста за неговото второ доаѓање ќе го објавува царството на неговата слава. А втората вест, како и првата, почива врз пророштвата. Зборовите на ангелот, упатени до Даниел за последните денови, треба да се разберат во последно време. Во тоа време „мнозина ќе истражуваат и знаењето ќе се умножи“. „Безбожниците и понатаму ќе бидат безбожни; грешниците нема да се вразумат, а разумните ќе разберат“ (Даниел 12,4.10).

Лично Спасителот ги дал знаците на своето доаѓање и вели: „Така и вие, кога ќе видите дека ова се збиднува, знајте дека Божјето царство е близу.“ „Но, вардете се вашите срца да не бидат обременети со ненаситност, со пијанство и со грижа за животот, за да не ви дојде ненадејно тој ден.“ „Бдејте и молете се да имате сила да избегнете од сето тоа што ќе настане и да застанете пред Синот човечки“ (Лука 21,31.34.36).

Стигнавме до временскиот период преткажан во овие стихови на Светото писмо. Настапило последното време, пророчките виденија се отпечатени и нивните свечени опомени ни укажуваат дека е близу доаѓањето на нашиот Господ во слава.

Евреите погрешно ја толкувале и ја применувале Божјата реч и не го препознале своето време. Годините на Христовата служба и на службата на неговите апостоли ­ драгоцените последни години на милоста за избраниот народ ­ ги поминале во ковење на заговор за уништување на Господовите весници. Земната жед за слава толку ги окупирала, што попусто до нив допирала понудата на духовното царство. Така и денеска царството на овој свет ги окупира човечките мисли, па тие не го забележуваат брзото исполнување на пророштвата и доказите за скорашното доаѓање на Божјето царство.

„Но вие, браќа, не сте во темнината тој ден да ве затече како крадец, зашто вие сите сте синови на светлината и синови на денот и не ѝ припаѓаме на ноќта ниту на темнината.“ Иако не сме во можност да го знаеме часот на Господовото враќање, ние можеме да ја знаеме неговата близина. „Така да не спиеме како другите, туку да бдееме и да бидеме трезвени“ (1. Солуњаните 5,4­6).

Pin It on Pinterest