(продолжува од претходниот ден) Јован требало да биде весник на Јехова, да им ја носи Божјата светлина на луѓето. Тој ќе им даде нов правец на нивните мисли. Тој на впечатлив начин морал да им ја пренесе светоста на Божјите барања и нивната потреба за неговата совршена праведност. Таквиот весник мора да биде свет. Тој мора да биде храм во кој ќе живее Божјиот Дух. За да ја исполни својата задача, тој мора да има здраво тело, умна и духовна сила. Затоа било неопходно да владее со своите желби и страсти. Тој морал да биде способен да владее со своите сили за да може да стои меѓу луѓето непоколебан од околностите, како карпите и планините в пустина.

Во времето на Јована Крстителот била многу раширена алчноста за богатство, љубовта за раскош и растурање. Сетилните задоволства, гозбите и пијанките, предизвикувале болести на телото и изопаченост, умртвувајќи ја духовната острина и намалувајќи ја чувствителноста кон гревот. Јован требало да стои како реформатор. Со својот воздржлив живот и со својата обична облека требало да ги укори претерувањата на своето време. Поради тоа упатствата дадени на родителите на Јована претставуваат поука за умереноста што ја дал ангелот од небесниот престол.

Во детството и во младоста карактерот е најпогоден да прима впечатоци. Тогаш треба да се стекне моќ на владеење со себеси. Крај огништето и крај семејната трпеза се врши влијание чијшто резултат е траен како вечноста. Повеќе од која било природна дарба, навиките стекнати во детството решаваат дали некој човек ќе биде победник или победен во животната борба. Младоста е време на сеидба. Таа ја одредува природата на жетвата за овој живот и за животот што ќе дојде.

Како пророк, Јован требало „да ги обрати срцата на татковците кон децата, а непокорните кон мудроста на праведниците и да приготви народ кој е подготвен за Госпога“. Во приготвувањето на патот за првото Христово доаѓање тој бил претставник на оние што ќе го приготват народот за второто Христово доаѓање. Светот потонал во своите похотни желби. Врие од заблуди и лаги. Се умножуваат стапиците на сатаната за уништување на душите. Сите што сакаат совршена светост, во Божји страв мора да ја научат поуката за умереност и самосовладување. Повисоките сили на умот мора да ги потчинат похотните желби и страстите. Основа за стекнување на умни сили и духовна проникливост е таа самодисциплина што ќе ни овозможи да ги разбереме и во живот да ги спроведеме светите вистини на Божјата реч. Поради тоа, умереноста наоѓа свое место во делото на подготовката за второто Христово доаѓање.

Според природниот редослед, синот на Захарија би бил подготвен за свештеничка служба. Меѓутоа, воспитувањето во рабинските школи не би го приготвило за неговото дело. Бог не го пратил кај учителите по теологија да го научат како да ги толкува Писмата. Го повикал в пустина за да може да учи за природата и за Творецот на таа природа.

Свој дом нашол во осамен предел, среде неплодни ритчиња, диви клисури и карпести пештери. Меѓутоа, негов избор бил да се откаже од животните удобности и од раскошот и да ги прифати немилосрдните стеги на пустината. Овде неговата околина создавала навики на едноставност и самооткажување. Непречен од бучавата на светот, овде можел да ги проучува поуките од природата, од откровенијата и провидението. Зборовите што му ги упатил ангелот на Захарија често му ги повторувале на Јована неговите богобојазни родители. Уште од неговото детство тие му укажувале на неговата мисија и тој ја прифатил таа света доверба. Самотијата во пустината за него била добредојдено засолниште од друштвото во кое речиси преовладеале сомневање, неверство и нечистота. Не верувал во својата сила да му се противстави на искушението, избегнувајќи го постојано допирот со гревот за да не го загуби чувството на неговата страшна грешност.

Посветен на Бога уште од своето раѓање како назиреј, овој завет го прифатил како свој завет на доживотно посветување. Неговата облека била иста со облеката на старите пророци ­ облека од камилски влакна, опашан со кожен појас. Тој „јадеше скакулци и див мед“, што ги наоѓал во пустината, и пиел чиста планинска вода.

Меѓутоа, Јован својот живот не го поминал во безделничење, во испосничка стушеност и во себично издвојување. Од време на време одел да се сретне со луѓето; секогаш со интерес го посматрал она што се случувало во светот. Од своето тивко прибежиште го следел развојот на настаните. Со свој поглед, расветлен со божествениот Дух, го проучувал карактерот на луѓето за да пронајде начин како да допре до нивното срце со небесната вест. Врз него почивал товарот на неговата задача.

Pin It on Pinterest