(продолжува од претходниот ден) Во осаменост, со размислување и со молитва, се трудел да ја приготви својата душа за животното дело што било пред него. Иако в пустина, не бил поштеден од искушенијата. Колку што било можно, затворал секоја патека по која сатаната би можел да дејствува, па сепак, искушувачот го напаѓал. Неговите духовни сфаќања биле јасни; развил силен и решителен карактер, а со помош на Светиот Дух можел да го забележи пристапот на сатаната и да ѝ се противстави на неговата сила.

Во пустината Јован пронашол своја школа и своја светиња. Како и Мојсеј среде Мадијанските планини, бил засолнет со Божје присуство и опкружен со докази на неговата моќ . Тој немал предимство како големиот водач на Израел да престојува среде свечената величественост на планинската самотија, туку пред него се издигнувале врвовите на Моав, отаде реката Јордан, зборувајќи му за Оној кој „ги создал горите“ (Псалм 65,6) и ги опашал со сила. Стушениот и суров изглед на природата во неговиот пустински дом живо ја прикажувал состојбата на Израел. Родното Господово лозје станало необработена пустелија. Меѓутоа, над пустината се распрострело сјајно и прекрасно небо. Облаците што се навлекувале, лунаво темни, биле наткрилени со виножито на ветување. Така, над понижувањето на Израел светела ветената слава на владеењето на Месија. Виножитото на неговата заветна милост ги растерало облаците на гневот.

Сам во тивките ноќ и го читал Божјето ветување дадено на Аврама за потомство безбројно како ѕвездите. Светлината на зората, позлатувајќи ги моавските планини, му зборувала за Оној што ќе биде како „утринска светлина кога ќе изгрее сонцето, утро без облак“ (2. Самоилова 23,4). А во пладневната светлина го видел раскошот на неговото појавување, кога ќе се јави „славата Господова и ќе ја види секое создание“ (Исаија 40,5).

Со дух полн со страхопочит, но и со радост, ги истражувал пророчките свитоци, откровенијата за доаѓањето на Месија ­ ветеното Семе што ќе  ѝ ја здроби главата на змијата ­ Шилоха, „Дародавецот на мир“, што требало да се појави пред да исчезне царот на Давидовиот престол. Сега се исполнило времето. Во дворот на гората Сион седел римски владетел. Врз основа на сигурната Божја реч, Христос веќе бил роден.

Одушевените описи на Исаија за славата на Месија биле предмет на негово деноноќно проучување ­ на таа Шиблинка од пенот на Есеја; на Царот кој ќе владее според правдата, кој на сиромасите ќе им суди според правдината и кој ќе биде „како засолниште од невреме… како сенка во жедна пустелија“. Израел нема веќе да се нарекува „оставена“ ниту неговата земја „пустош“, туку Господ ќе ја вика „милина моја“, а неговата земја „мажена“ (Исаија 11,4; 32,2; 62,4). Срцето на осамениот изгнаник било исполнето со славно видение. Заборавајќи на себе, тој го набљудувал Царот во неговата убавина. Ја гледал величественоста на светоста, а себеси се сметал за неуспешен и недостоен. Бил готов да појде како небесен весник, не плашејќи се од човечкото, затоа што гледал на Божествениот. Можел да стои простум и бестрашно во присуство на земните владетели затоа што длабоко се клањал пред Царот над царевите.

Јован не ја сфатил потполно природата на царството на Месија. Тој очекувал Израел да биде ослободен од народните непријатели; но доаѓањето на Царот во правда и воспоставувањето на Израел како свет народ била голема цел на неговата надеж. На тој начин верувал дека ќе се исполни пророштвото искажано при неговото раѓање: „Да се сети на својот свет завет, Да му служиме без страв, Избавени од рацете на непријателите, Во светост и праведност пред него во сите наши дни.

Го видел својот народ заведен, самозадоволен и успиен во своите гревови. Копнеел да го разбуди за посвет живот.

Веста што му ја дал Бог да ја носи била одредена да ги разбуди од успиеноста и да ги натера да затреперат поради својата голема злоба. Пред семето на евангелието да пронајде место, земјиштето на срцето мора да се обработи. Пред да побараат исцелување од Исуса, мора да станат свесни за опасноста од раните на гревот.

Бог не ги праќа весниците да им ласкаат на грешниците. Тој не праќа вест на мир со кобна сигурност да ги успие непосветените. Тој ја оптоварува совеста на престапникот со тешко бреме и ја прострелува душата со стрели на осведочување. Ангелите што служат му ги изнесуваат страшните Божји судови за да разбудат чувство на потреба и да го поттикнат да извикне: „Што треба да правам за да се спасам?“ Тогаш раката што го фрлила во прав, го подига покајникот. Гласот што го укорувал гревот и ги посрамил горделивоста и самољубието прашува со најнежно сочувство: „Што сакаш да ти сторам?“ (продолжува)

Pin It on Pinterest