(продолжува од претходниот ден) Кога Петар влегол во куќата, Спасителот не се повикал на она што се случило, туку го прашал: „Што мислиш, Симоне, земните цареви од кого земаат царина или данок, од своите синови или од туѓите?“ Петар одговорил: „Од туѓите!“ Тогаш Исус му рекол: „Значи, синовите се слободни.“ Додека народот на некоја земја се оданочува за издржување на својот цар, децата на владетелот се ослободени од тоа. Така и Израел, според сопствената изјава како Божји народ, бил повикан да ја одржува неговата служба. Но Божјиот Син, Исус, немал таква обврска. Ако Левитите биле ослободени поради својата поврзаност со храмот, колку повеќе би требало тоа да биде Оној чијшто храм бил дом на неговиот Отец.

Кога Исус би платил данок без противење, Тој всушност би ја поддржал оправданоста на барањата и со тоа би се откажал од својта божествена природа. Но, додека сметал дека е добро да го исполни барањето, го побил тврдењето врз кое тоа било засновано. Во начинот како го обезбедил плаќањето на данокот, дал доказ за својот божествен карактер. Јасно покажал дека Тој е едно со Бога и поради тоа не е под обврска на данокот како обичен поданик на царството.

„Оди до морето“, му заповедал на Петар, „фрли јадица и земи ја првата риба што ќе ја фатиш, а кога ќе ѝ ја отвориш устата, ќе најдеш статир. Земи го и дај им го за себе и за мене.“

Иако својата божествена природа ја наметнал со човечка природа, со ова чудо ја открил својта слава. Било очигледно дека Тој е Оној кој преку Давида објавил: „Сите шумски животни се мои и стоката по многубројните гори. Ја знам секоја птица по планините, мои се сите полски животни. И да изгладнам нема да ти кажам, зашто мој е светот и сè што е во него“ (Псалм 50,10­12).

Иако разјаснил дека не подлежи на никаква обврска да плаќа данок, Исус не стапил во никаква расправа со Евреите за овој предмет, зашто тие погрешно би ги протолкувале неговите зборови и би ги свртиле против него. За да не ги соблазни со одбивањето да плати данок, Тој го сторил она што со право од него не можело да се бара. Оваа поука ќе има голема вредност за неговите ученици. Наскоро требало да се случат значајни промени во нивниот однос кон службата во храмот, и Христос ги поучил без потреба да не му се противставуваат на воспоставениот поредок. Колку што е можно, треба да избегнат да даваат повод за погрешно толкување на нивната вера. Христијаните не треба да жртвуваат ниедно начело на вистината, но треба, секогаш кога е тоа можно, да ги избегнат расправиите.

Додека Христос и учениците биле сами во куќата, а Петар отишол на морето, Исус ги повикал другите кај себе и ги прашал: „За што се расправавте патем меѓу себе?“ Исусовото присуство и неговото прашање целиот предмет го ставиле во наполно поинаква светлина од онаа во која им се појавувал додека попатно се расправале. Не проговориле од срам и самоосуда. Исус им рекол дека ќе умре за нив, па нивното себично самољубие се нашло во потполна спротивност со неговата несебична љубов. (продолжува)

Pin It on Pinterest