(продолжува од претходниот ден) Кога им рекол дека ќе биде убиен и дека повторно ќе стане, Исус се обидел да ги воведе во разговор за големиот тест на нивната вера. Кога би биле подготвени да го прифатат она што сакал да им го објави Тој, би биле поштедени од горчливите страдања и очајувања. Неговите зборови би им донеле утеха во мигот на жалост и разочарување. Меѓутоа, иако зборувал толку отворено за она што го очекува, неговото спомнување на фактот дека наскоро треба да оди во Ерусалим, повторно ја разгорело нивната надеж дека набргу ќе биде воспоставено царството. Ова поттикнувало прашања за тоа кој ќе ги заземе највисоките места. Кога се вратил Петар од морето, учениците му го повториле прашањето на Спасителот, и најпосле еден се осмелил да го праша Исуса: „Кој е, всушност, најголем во небесното царство?“

Спасителот ги собрал учениците околу себе и им рекол: „Кој сака да биде прв, нека биде последен и слуга на сите.“ Во овие зборови имало сериозност и влијание што учениците воопшто не можеле да ги разберат. Она што го распознавал Христос тие не можеле да го видат. Не ја сфатиле природата на Христовото царство и ова непознавање било очигледна причина за нивните препирања. Меѓутоа, вистинската причина лежела многу подлабоко. Објаснувајќи ја природата на своето царство, Христос можел привремено да ја задуши нивната расправа, но тоа не би ја допрело причината што лежела многу подлабоко. Дури и кога би добиле најпотполно сознание, секое прашање во врска со првенството можело да ја обнови неволјата. На тој начин, по Христовото заминување, врз Црквата би се навлекло зло. Расправата околу највисокото место претставувало дејствување на истиот дух што се јавил во почетокот на големата борба во горните светови и која го довела Христа од небото да умре. Пред него се појавила визијата за Луцифера, синот на зората, кој со славата ги над минувал сите ангели околу престолот и кој бил поврзан со Божјиот Син со најцврсти врски. Луцифер рекол: „Ќе се изедначам со Севишниот“ (Исаија 14,12.14), па желбата за извишување внесла раздор во небесните дворови и протерала мноштво Божји чети. Кога Луцифер навистина би сакал да биде сличен на Севишниот, никогаш не би го напуштил своето место што го заземал на небото, бидејќи духот на Севишниот јасно се покажува во несебичната служба. Луцифер ја сакал Божјата моќ , но не и неговиот карактер. Сакал за себе највисоко место, и секое создание, поттикнувано со неговиот дух, ќе го стори истото. На тој начин неизбежно настануваат отуѓеност, кавги и неслоги. Власта станува награда за најсилните. Царството на сатаната е царство на принуда; секој поединец другиот го смета за пречка на својот пат кон напредокот или на скалата по која ќе се искачи на повисоко место.

Додека Луцифер сметал дека она што треба да го постигне -еднаквост со Бога -Возвишениот, Христос, „се лиши од еднаквоста со Бога, земајќи лик на слуга и станувајќи сличен на луѓето. И откако стана сличен на човек, Тој се понизи самиот себеси и стана послушен до смрт, дури до смрт на крст“ (Филипјаните 2,7.8). Сега крстот се наоѓал токму пред него, а неговите ученици во толкава мера биле исполнети со саможивост -со вистинското начело на царството на сатаната – што не можеле да сочувствуваат со својот Господ ниту дури да сфатат додека зборувал за своето понижување за нив.

Мошне нежно, но со свечен нагласок, Исус се обидел да го исправи злото. Тој покажал кое начело владее во небесното царство и во што се состои вистинската големина оценета според мерилата на небесните дворови. Оние што ги поттикнувала горделивост и љубов кон истакнување мислеле на себе и на наградата што ќе ја добијат, а не за тоа како ќе му ги вратат на Бога даровите што ги примиле. Тие нема да имаат никакво место во небесното царство, зашто се наредиле во редовите на сатаната.

На честа ѝ претходи понизност. За да го потполни високото место пред луѓето, Небото бира работник кој, како Јован Крстителот, пред Бога зазема ниско место. Ученикот што најмногу наликува на дете е најуспешен во работата за Бога. Небесните суштества можат да соработуваат со оној што не сака да се издигне себеси туку да ги спасува душите. Оној што најдлабоко ја чувствува својата потреба за божествена помош, ќе се моли за неа, па Светиот Дух ќе му подари дел од Исусовата светлина која ќе ја засили и ќе ја издигне душата. По средбата со Христа ќе појде да работи за оние што умираат во своите гревови. Тој е помазан за својата служба и ќе има успех таму каде што многу учени и умни претрпеле неуспех. (продолжува)

Pin It on Pinterest