Во таканаречената „Горна соба“ на една куќа во Ерусалим, Христос со своите ученици седел на трпеза. Се собрале да празнуваат Пасха. Спасителот сакал со дванаесеттемина да го прослави овој празник. Знаел дека се приближил неговиот час; самиот Тој бил вистинското пасхално Јагне и требало да биде жртвуван на денот кога се јадела пасхата. Набргу требало да ја испие чашата на гневот, да го прими последното страдално крштавање. Меѓутоа, му преостанале уште неколку мирни часови и нив требало да ги помине за добро на своите сакани ученици.

Целокупниот Христов живот бил живот на несебична служба. Не „да му служат, туку да служи“ (Матеј 20,28), била поуката на секое негово дело. Но учениците уште не ја научиле оваа поука. На оваа последна пасхална вечера Исус го повторил своето учење со сликовит приказ што засекогаш го врежал во нивните умови и срца.

Разговорите меѓу Исуса и неговите ученици обично биле време на тивка радост што сите тие многу ги ценеле. Пасхалните вечери биле посебно значајни сцени; но овојпат Исус бил потиштен. Неговото срце било притиснато со товар и врз неговото лице почивала сенка. Кога се состанал со учениците во Горната соба, забележале дека нешто тешко ја притиска него вата душа, па, иако не ја знаеле причината, сочувствувале во неговата болка.

Кога се собрале околу трпезата, со тажен глас рекол: „Имав желба да ја јадам оваа пасха со вас пред да настрадам, зашто ви велам, нема веќе да ја јадам додека не се исплни во Божјето царство. И ја крена чашата, се заблагодари и рече: ‘Земете ја и поделете ја меѓу себе, зашто ви велам, нема да пијам од лозовиот плод додека не дојде Божјето царство!’“

Христос знаел дека настапило времето да премине од овој свет кај Отецот. Колку ги сакал своите што биле на светот, до крај ги сакал! Сега се наоѓал во сенката на крстот и неговото срце го притискала болка. Знаел дека ќ е биде напуштен во мигот на предавството. Знаел дека ќе биде убиен во најголемо понижување, онака како што се убиваат злосторниците. Знаел за неблагодарноста и за суровоста на оние што дошол да ги спаси. Ја знаел големината на жртвата што мора да ја поднесе и како за мнозина таа ќе биде напразна. Знаејќи што сè му претстои, природно е што можел да биде совладан со мислата за своето понижување и страдање. Но ги набљудувал дванаесеттемина што биле со него како негови најродени, кои, по неговото понижување, по жалоста и болното искуство, ќе бидат оставени сами да се борат во светот. Неговите мисли за сопствените страдања секогаш биле поврзани со неговите ученици. Не мислел на себе. Во неговите мисли грижата за нив била најважна.

Исус имал многу да каже оваа последна вечер што ја поминувал со своите ученици. Кога би биле подготвени да го примат она што сакал Тој да им го даде, би биле сочувани од болката што го раскинувала срцето, од разочарувањата и од неверството.

Меѓутоа, Исус видел дека тие не можат да го поднесат она што требало да им го каже. Додека ги набљудувал нивните лица, зборовите на опомена и утеха се задржале на неговите усни. Миговите поминувале во тишина. Се чинело дека Исус нешто очекува. На учениците им било неугодно. Сочувството и нежноста поттикнати со Христовата болка како да исчезнале. Неговите зборови, полни со тага, што укажувале на неговите страдања, останале незабележани. Погледите што си ги упатувале едни на други откривале љубомора и борба за првенство.

„Настана и расправија меѓу нив за тоа кој од нив е поголем.“ Ова препирање, продолжено и во Христово присуство, го ожалостило и го ранило. Учениците се придржувале кон своите омилени замисли дека Исус ќе воспостави своја власт и ќе ја заземе положбата на Давидовиот престол. Секој од нив сè уште во своето срце копнеел за највисокото место во тоа царство. Се прецениле себеси и другите и наместо своите браќа да ги сметаат за подостојни, на прво место се ставале себеси. Барањето на Јакова и Јована да седнат од десната и левата страна на Христовиот престол кај другите поттикнало гнев. Тоа што овие двајца браќа се осмелиле да бараат најви сока положба во толкава мера ги возбудило другите десетмина, што им се заканил расцеп. Чувствувале дека за нив погрешно се расудувало, дека нивната верност и нивните дарови не се доволно ценети. Јуда бил најостар спрема Јакова и Јована. (продолжува)

Pin It on Pinterest