(продолжува од претходниот ден) Кога учениците влегле во салата за вечера, нивните срца биле исполнети со чувство на навреда. Јуда се протуркал до Христа од левата страна, а Јован седнал од десната. Ако постоело некое повисоко место, Јуда бил готов да го заземе, а се сметало дека тоа место е крај Христа. А Јуда бил предавник.
Се појавила уште една причина за расправа. На празниците било вообичаено слугата да им ги измие нозете на гостите, па во оваа пригода за тоа биле извршени подготовки. Стомната, мијалникот и крпата биле подготовени за миење на нозете; но бидејќи немало слуга, на учениците им паднало во дел да го сторат тоа.
Меѓутоа, секој ученик, попуштајќи ѝ на повредената суета, решил да не презема должност на слуга. Сите покажале ладнокрвна небрежност, навидум несвесни дека мораат да сторат нешто. Со своето молчење ја одбиле можноста да се понизат.
Како да ги поведе Христос овие кутри души таму каде што сатаната нема да извојува над нив решавачка победа? Како да им покаже дека самото звање ученици не ги прави ученици и не им обезбедува место во неговото царство? Како да им покаже дека вистинската големина се гледа во службата на љубовта и во вистинската понизност? Како да запали љубов во нивните срца и да ги приготви да го сфатат она што сака да им го каже?
Учениците не дале никаков знак дека ќе си послужат еден на друг. Исус чекал извесно време да види што ќе сторат тие. Тогаш Тој, божествениот Учител, станал од трпезата. Соблекувајќи ја горната облека што би му пречела, ја зел крпата и се препашал. Вчудовидени, учениците го набљудувале сето тоа и во тишина чекале да видат што ќе се случи. „По тоа налеа вода во садот за миење и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата со која беше опашан.“ Оваа постапка им ги отворила очите на учениците. Срцето им се исполнило со горчлив срам и понижување. Го сфатиле неизговорениот укор и себеси се согледале во сосема нова светлина.
Така Христос ја покажал својата љубов кон своите ученици. Нивниот себичен дух му нанесувал болка, но не се впуштил во никаква расправа со нив за оваа нивна тешкотија. Наместо тоа, им дал пример што никогаш нема да го заборават. Неговата љубов кон нив не можела лесно да се помати или да се угасне. Знаел дека Отецот сè му предал во раце, дека доаѓа од Бога и се враќа кај Бога. Бил наполно свесен за својата божествена природа, но ја оставил својата царска круна и владетелска облека и зел лик на слуга. Едно од последните дела на неговиот живот на земјата било да се препаше како слуга и да изврши должност на слуга.
Пред празникот Пасха Јуда по вторпат се состанал со свештениците и закониците и склучил спогодба да им го предаде Исуса во раце. Сепак, потоа се помешал со учениците како потполно да е невин и божем е заинтересиран околу подготовката на празникот. За намерата на Јуда учениците не знаеле ништо. Само Исус можел да ја прочита неговата тајна, но не го разоткрил. Исус копнеел за неговата душа. За него чувствувал ист товар како и за Ерусалим кога плачел над овој град осуден на уништување. Неговото срце пекало: „Како да те дадам?“ Силата на таа љубов ја почувствувал и Јуда. Додека рацете на Спасителот ги миеле тие извалкани нозе и додека ги бришел со крпата, срцето на Јуда било поттикнато сега да го признае својот грев. Но не сакал да се понизи. Неговото срце се стврднало за покајание и старите побуди, отстранети за миг, повторно загосподариле со него. Јуда сега се навредувал поради Христовиот чин на миење на нозете на учениците. Ако Исус може толку да се понизи, си мислел, тогаш Тој не може да биде цар на Израел. Сите надежи во световна чест во земно царство биле уништени. Јуда бил уверен дека не може ништо да добие ако го следи Христа. Според негово мислење, кога видел дека Исус самиот себеси се потценува, бил решителен во својата намера да се откаже од него и да признае дека е измамен. Опфатен со лош дух, решил да го изврши делото што го прифатил, да го предаде својот Господ. (продолжува)