Ноќта на првиот ден од седмицата полека поминувала. Настапил најмрачниот миг што му претходи на осамнувањето. Христос сè уште бил заробеник во својот тесен гроб. Големиот камен бил на своето место, римскиот печат нескршен, римските чувари стоеле на стража. Тука се наоѓале и невидливи стражари. Околу ова место биле собрани војските на лошите ангели. Кога би било можно, кнезот на темнината со својата отпадната војска засекогаш би го сочувал запечатен гробот кој го држел Божјиот Син. Меѓутоа, гробницата ја опкружувала небесна војска. Ангели „силни и јаки“ го чувале гробот и чекале да го поздрават со добредојде Кнезот на животот.
„Наеднаш земјата се затресе силно, зашто слезе Господен ангел од небото.“ Облечен во сето Божје оружје, од небесните дворови излегол ангел. Пред него оделе и му го осветлувале патот сјајни зраци на Божјата слава. „Лицето му светеше како молња, а облеката му беше бела како снег. Од страв пред него стражарите се преплашија и паднаа како мртви.“
А сега, свештеници и поглавари, каде е силата на вашата стража? Храбрите војници, кои никогаш не се плашеле од човечка сила, сега биле заробени без меч и копје. Лицето што го гледале сега не е лице на некој смртен борец, туку лице то на најмоќниот во Господовата војска. Овој весник ја заземал положбата од која паднал сатаната. Тој е оној што го објавил Христовото раѓање на витлеемските ритчиња. При неговото приближување земјата се тресе, војските на темнината бегаат и додека тој го трга каменот, се чини како небото да се симнало на земјата. Војниците го гледаат како го отстранува каменот како некое каменче и го слушаат како извикнува: „Сине Божји, те вика твојот Отец, стани!“ Го гледаат Исуса како излегува од гробот и ја слушаат неговата објава над разурнатиот гроб: „Јас сум воскресение и живот!“ Додека излегува во величество и слава, ангелските војски длабоко се поклонуваат пред Откупителот и го поздравуваат со добредојде со песна и фалба.
Земјотрес го означил часот кога Христос го положил својот живот, а друг го посведочил мигот кога победнички повторно го зел. Тој, кој ја победил смртта и гробот, со победнички чекор излегол од гробот среде земјотрес, молскање на молњи и грмежи. Кога повторно ќе дојде на земјата, Тој ќе ја потресе „не само земјата, туку и небото“. „земјата ќе се тетерави како пијан човек, ќе се ниша како колиба.“ „Небесата се свиткаа како книга“, „состојките ќе бидат уништени и земјата ќе изгори со сите нејзини дала“. Но „Господ е прибежиште на својот народ и заштита на синовите Израелови“ (Евреите 12,26; Исаија 24,20; 34,4; 2. Петрово 3,10; Јоил 3,16).
При Исусовата смрт војниците среде бел ден ја виделе земјата обвина во темнина, при воскресението го виделе сјајот на ангелот како ја осветлува ноќта и чуле како небесните жители со голема радост победносно пеат: Ти го победи сатаната и силите на темнината; Ти ја победи, ја надвладеа смртта!
Христос излегол од гробот прославен додека го набљудувале римските стражари. Нивните очи биле приковани за лицето на Оној кого неодамна го исмевале и на кого му се подбивале. Во ова прославено Суштество го набљудувале Заробеникот што го виделе во судската сала, на кого му исплеле трнов венец. Тоа бил Оној кој без опирање стоел пред Пилата и Ирода, Оној чиешто тело било измачено со свирепо шибање. Тоа бил Оној кој е прикован на крст и пред кого свештениците и поглаварите, полни со самозадоволство, мафтале со главата велејќи: „Спасува други, а самиот себе не може да се спаси“ (Матеј 27,42). Тоа бил Оној кој е положен во новиот гроб на Јосифа. Со небесна одлука Затвореникот е ослободен. Кога и горите и планините би го затвориле него виот гроб, не би можеле да го спречат неговото излегување. (продолжува)