(продолжува од претходниот ден) Кога се појавил ангелот и прославениот Спасител, римските стражари се обесхрабриле и паднале како мртви. Кога исчезнала небесната придружба од нивниот поглед, станале и бргу, колку што ги носеле треперливите нозе, пошле кон капијата на градината. Тетеравејќи се како пијани, се упатиле во градот, објавувајќи им ја прекрасната новост на сите со кои се сретнувале. Пошле кај Пилата, но нивниот извештај стигнал до еврејските власти, па првосвештениците и поглаварите пратиле да ги доведат прво кај нив. Овие војници изгледале чудно. Тресејќи се од страв, со бледи лица, посведочиле за Христовото воскресение. Војниците раскажале сè, токму онака како што виделе; немале време да мислат или да раскажат ништо друго освен вистината. Со болен израз кажале: Оној што беше распнат на крст беше Божји Син. Го чувме ангелот кој го прогласи за небесно Величество, за Цар на славата.

Лицата на свештениците биле како лица на мртовци. Кајафа се обидел да зборува. Усните му се движеле, но не изустиле ниту еден збор. Војниците се приготвувале да ја напуштат судницата, кога еден глас ги запрел. Кајафа најпосле успеал да проговори. Чекајте, чекајте рекол. Немојте никому да му зборувате за она што сте го виделе.

Тогаш на војниците им е речено да шират лажен извештај. „Кажете“, велеле свештениците, „дојдоа неговите ученици ноќе и го украдоа додека ние спиевме.“ Овде свештениците се измамиле. Како можат војниците да кажат дека учениците го украле телото додека спиеле? Кога би спиеле, како би можеле да го знаат тоа? А кога би се докажала кражбата на Христовото тело, зар свештениците не би биле први што би ги осудиле? Или, ако стражата спиела крај гробот, зар свештениците не би биле први да ги обвинат кај Пилата?

Војниците се вџашувале при помислата да бидат обвинети дека спиеле на должност. Тоа бил прекршок што се казнувал со смрт. Дали лажно ќе сведочат, мамејќи го народот и доведувајќи ги своите животи во опасност? Зар не биле будни на својата заморна стража? Како можат да поднесат суд и лажно да се заколнат дури и од љубов кон парите?

За да го замолкнат сведоштвото од кое се плашеле, свештениците им ветиле на стражарите дека ќе ги заштитат, истакнувајќи дека ниту Пилат, ниту тие, не би сакале да кружи таков извештај. Римските војници својата чесност им ја продале на Евреите за пари. Дошле пред свештениците донесувајќи ја најпотресната вест на вистината; отишле натоварени со пари и со лажен извештај на усните што за нив го измислиле свештениците.

Во меѓувреме извештајот за Христовото воскресение стигнал и до Пилата. Иако Пилат бил одговорен што Христа го осудил на смрт, тој главно бил рамнодушен. Иако го осудил Спасителот против своја волја и со чувство на сожалување, до тој миг не чувствувал вистинска грижа на совеста. Преплашен, сега се затворил во својата куќа, решен да не види повеќе никого. Меѓутоа, свештениците се протуркале до него, му ја раскажале прикаската што самите ја измислиле и упорно го молеле да им го прости на стражарите занемарувањето на должноста. Пред да се согласи со тоа, стражарите ги испитал лично за себе. Плашејќи се за својата сигурност, тие не се осмелувале ништо да скријат и Пилат од нив дознал сè што се случило. Не се распрашувал повеќе за тоа, но од тогаш немал повеќе мир. (продолжува)

Pin It on Pinterest