Историјата на Јуда прикажува жалосен крај на еден живот што може да биде полн со чест пред Бога. Кога Јуда би умрел пред своето последно патување во Ерусалим, би се сметал за човек достоен за место меѓу дванаесеттемина и за човек кој многу би им недостигал. Одвратноста со која луѓето со векови го гледале него не би постоела кога не би биле особините што се откриле при крајот од неговиот живот. Постои причина зошто неговиот карактер му е откриен на целиот свет. Тоа требало да биде опомена за сите кои, како и тој, би ја изневериле светата доверба.
Непосредно пред празникот Пасха, Јуда го обновил својот договор со свештениците да им го предаде Исуса во раце. Тогаш било договорено Спасителот да биде фатен на едно од местата каде што се засолнувал да размислува и да се моли. Од гозбата во куќата на Симона Јуда имал можност да размислува за делото за кое се обврзал да го изврши, но не ја променил својата намера. За триесет сребреници за цена на еден роб го продал Господа, изложувајќи го на срам и смрт.
Јуда по природа ги сакал парите, но не бил секогаш толку алчен да стори такво дело какво што е ова. Негувал лош дух на скржавштина сè додека тој дух не станал владеачка побуда во неговиот живот. Љубовта кон богатството, на кое ропски му служел, ја победила неговата љубов кон Христа. Станувајќи роб на еден порок, му се предал на сатаната потполно да го вовлече во гревот.
Јуда им се придружил на учениците додека Христа го следело мноштво народ. Учењето на Спасителот ги поттикнало нивните срца додека восхитено ги слушале неговите зборови што ги изговарал во синагогата, крај морскиот брег или на гората. Јуда ги видел болните, улогавите, слепите како од сите градови и села доаѓаат кај Христа. Ги видел оние што умираат положени крај неговите нозе. Бил сведок на величествените дела на Спасителот во исцелувањето на болните, во истерувањето на ѓаволите и во воскреснувањето на мртвите. Лично го почувствувал доказот на Христовата сила. Христовото учење го препознал како повозвишено од сите што кога и да е ги чул. Го сакал големиот Учител и сакал да биде со него. Копнеел да го измени карактерот и животот и се надевал дека тоа ќе го искуси ако се поврзе со Исуса. Спасителот не го одбил Јуда. Му дал место меѓу дванаесеттемина. Му доверил да врши дело на еден евангелист. Го надарил со сила да лекува болни и да истерува ѓ аволи. Но Јуда не му се предал потполно на Христа. Не се откажал од своето све товно честољубие или од љубовта кон парите. Иако ја прифатил положбата на Христов слуга, не дозволил да го преобрази божествената сила. Сметал дека може да ги задржи своите сопствени судови и мислења, негувајќи дух на критика и осуда.
Уживал голем углед меѓу учениците и имал силно влијание врз нив. Имал високо мислење за своите способности, а своите браќа ги гледал како пониски од себе во расудувањето и способностите. Тие не ги гледаат своите можности, си мислел тој, и не ги користат околностите. Црквата нема никогаш да напредува ако за водачи има такви кратковиди луѓе. Петар бил брз и дејствувал без размислување. Јована, кој како скапоценост ги чувал вистините што излегувале од Христовите усни, Јуда го сметал за слаб деловен човек. Матеја, воспитан да биде точен во сè, особено грижлив во поглед на чесноста, кој постојано размислувал за Христовите зборови и бил обземен со нив, Јуда го сметал за неспособен за каква и да е остроумна и далекусежна работа. Така Јуда бргу ги проценил сите ученици и си ласкал себеси дека, лишена од неговите способности на вешто управување, Црквата често ќе биде доведувана во тешкотии и понижувања. Јуда себеси се сметал за способен човек што никој не може да го надмине. Според неговото сопствено мислење, тој бил чест за Делото и секогаш така се прикажувал.
Јуда бил слеп за своите карактерни слабости и Христос го поставил таму каде што ќе има можност да ги увиди и исправи. Како благајник на учениците, бил повикан да се грижи за потребите на оваа малечка група и за потребите на сиромасите. На празникот Пасха во Горната соба, кога Исус му рекол: „Што ќе правиш, прави побргу“ (Јован 13,27), учениците мислеле дека му заповедал да купи што е потребно за празникот или да им даде нешто на сиромасите. Служејќи им на другите, Јуда можел да развие дух на несебичност. Меѓутоа, додека од ден на ден ги слушал Христовите поуки и бил очевидец на неговиот несебичен живот, Јуда ѝ попуштал на својата алчна природа. Малечките суми што пристигнувале во неговите раце претставувале постојано искушение. Кога би му направил некоја малечка услуга на Христа или би посветил време за верски цели, често си наплатувал себеси од таа скудна резерва. За него тоа биле изговори со кои ја правдал таквата постапка, но во Божјите очи бил арамија. (продолжува)