(продолжува од претходниот ден) Христовото често повторувано тврдење дека неговото царство не е од овој свет го соблазнувало Јуда. Ја означил насоката и очекувал Христос да работи според неа. Направил план според кој Јован Крстителот мора да се ослободи од затвор. Но одненадеж Јован е погубен. Наместо да го потврди своето царско право и да ја одмазди смртта на Јована, Исус се повлекол со своите ученици во едно место во внатрешноста. Јуда сакал значително поостри судири. Сметал дека делото би било многу поуспешно кога Исус не би ги спречувал учениците при спроведувањето на нивните замисли. Го забележал зголеменото непријателство на еврејските водачи и уочил дека Христос не одговорил на нивниот предизвик кога барале знак од небото. Неговото срце било отворено за неверство, па непријателот му влевал мисли на сомневање и бунт. Зошто Исус толку долго се задржува на она што обесхрабрува? Зошто себеси и на своите ученици им преткажува искушение и прогонство? Изгледите да добие некое високо место во новото царство го навеле Јуда да му се придружи на Христовото дело. Зар да бидат изневерени неговите надежи? Иако уште не откажал дека Исус е Божји Син, Јуда почнал да се сомнева и сакал да најде некое објаснение за неговите силни дела.

Наспроти учењето на Спасителот, Јуда постојано ја истакнувал мислата дека Христос ќе владее во Ерусалим. Кога Христос нахранил пет илјади луѓе, се обидел да го оствари тоа. Во оваа пригода Јуда помогнал при делењето на храната на гладното мноштво. Имал прилика да види каков благослов се крие во неговата моќ да им дава на другите. Го чувствувал задоволството што секогаш се јавува во службата на Бога. Им помагал на болните и унесреќените од мноштвото да дојдат кај Христа. Видел какво олеснение, каква радост и каква среќа настануваат во човечките срца со животодавната сила на божествениот Исцелител. Можел да го сфати Христовиот начин на работа, но бил заслепен со своите себични желби. Меѓутоа, Јуда бил прв што го искористил одушевувањето предизвикано со чудото со лебовите. Бил иницијатор на замислата Христос со сила да се прогласи за цар. Надежите му биле големи. Разочарувањето било горко.

Христовиот јавен говор во синагогата за лебот на животот претставувал пресвртница во историјата на животот на Јуда. Ги чул зборовите: „Ако не го јадете телото на Синот човечки и не ја пиете неговата крв, не ќе имате живот во себе“ (Јован 6,53). Видел дека Христос нуди духовни, а не световни добра. Се сметал за далекувид и способен да согледа дека Исус не ќе има никаква чест и дека не ќе може да им подари високи положби на своите следбеници. Решил да не се поврзува толку блиску со Христа за да не може да се повлече. Решил да набљудува. И набљудувал.

Од тоа време изразувал сомневања што ги збунувале учениците. Поттикнувал расправии и непријатни чувства, повторувајќи ги доказите што ги изнесувале закониците и фарисеите против Христовите тврдења. Сите малечки и големи тешкотии и неволји, незгоди и очигледни пречки во напредувањето на евангелието, Јуда ги толкувал како докази дека тоа не е вистинито. Изнесувал такви текстови од Писмото, кои немале никаква врска со вистините што ги објавувал Исус. Овие текстови, изделени од целината, ги збунувале учениците и го зголемувале обесхрабрувањето што постојано ги притискало. Сепак, Јуда сето ова го правел така за да изгледа дека е мошне совесен. И додека учениците барале докази да ги потврдат зборовите на големиот Учител, Јуда речиси неусетно би ги повел на друга патека. Така на привидно побожен и мудар начин ги прикажувал вистините во поинаква светлина од онаа во која ги изнесувал Христос и на неговите зборови им припишувал значење што Тој не им го давал. Мислите што им ги наметнувал предизвикувале славољубиви желби за земни почести, свртувајќи ги на тој начин учениците од она што е важно а со што би требало да се занимаваат. Препирањата околу тоа кој е најголем меѓу нив обично ги почнувал Јуда. (продолжува)

Pin It on Pinterest