(продолжува од претходниот ден) Каква спротивност меѓу неговото учење за новото царство и учењата што ги чуле од својот старешина! Исус не рекол ништо за нивното ослободување од Римјаните. Слушнале за неговите чуда и се надевале дека својата сила ќе ја употреби во нивна корист, но не забележале никакво навестување на таква намера.

Кога му ја отвориле вратата на сомневањето, срцата им се стврднале, иако само за миг им биле смекнати. Сатаната решил слепите очи тој ден да останат затворени и да не се ослободат душите оковани во ропство. Со жестока сила настојувал да ги зацврсти во неверството. Не обрнувале внимание на знакот што веќ е им е даден кога биле поттикнати со уверување дека Тој што им се обраќа е нивниот Откупител.

Меѓутоа, Исус им дал доказ за своето божество откривајќи ги нивните тајни мисли. Тогаш им рекол: „Бездруго ќе ми ја кажете поговорката: ‘Лекару, исцели се прво сам!’ Направи и тука, во својот роден крај, сè што чувме дека си направил во Капернаум! Тогаш им рече: ‘Вистина ви велам, ниеден пророк нема чест во својот роден крај’. Исто така, ви велам дека во времето на Илија, кога небото беше затворено три години и шест месеци и кога настапи голем глад по целата земја, во Израел имаше многу вдовици, но Илија не беше пратен кај ниедна од нив, туку само кај вдовицата во Сарепта Сидонска. Исто така, во времето на пророкот Елисеј во Израел имаше многу лепрозни, но ниеден од нив не се исчисти, освен Сириецот Неман“ (Лука 4,23­27).

Со ова посочување на настаните од животот на пророците, Исус одговорил на прашањето на своите слушатели. На слугите што ги избрал Бог за посебно дело не им било дозволено да работат за народот со тврдо и неверно срце. Но, оние што имале срце да чувствуваат и вера да поверуваат, доживеале посебна наклоност со доказите на неговата сила преку пророците. Во времето на Илија Израел се одвоил од Бога. Цврсто се држеле за своите гревови и ги отфрлале опомените на Духот преку Господовите весници. На тој начин сами се отцепиле од каналот низ кој Божјиот благослов можел да допре до нив. Господ ги заобиколил израелските домови и нашол прибежиште за својот слуга во незнабожечка земја, кај една жена што не му припаѓала на избраниот народ. Меѓутоа, оваа жена била удостоена затоа што ја следела светлината што ја примила и нејзиното срце било отворено за поголемата светлина што ѝ ја пратил Бог преку својот пророк.

Од иста причина во времето на Елисеј биле заобиколени лепрозните од Израел. Но, незнабожечкиот благородник, Неман, верно го следел своето уверување во она што е право и чувствувал голема потреба за помош. Се наоѓал во состојба во која можел да ги прими даровите на Божјата милост. Не само што се исчистил од лепрата, туку бил и благословен со знаење за вистинскиот Бог.

Нашата положба пред Бога не зависи од количеството на светлината што сме ја примиле, туку од тоа како сме го искористиле она што го имаме. На тој начин дури и незнабошците, што ќе го изберат она што е право, колку што можат тоа да го разликуваат, се во поповолна положба од оние што добиле голема светлина и што тврдат дека му служат на Бога, но не обрнуваат внимание на светлината и со својот секојдневен живот го побиваат она што го исповедаат.

Исусовите зборови, упатени до слушателите во синагогата, удриле во коренот на нивната самоувереност, правејќи ги свесни за горчливата вистина дека се оддалечиле од Бога и го загубиле правото да бидат негов народ. Секој збор сечел како нож кога им била изнесена нивната вистинска состојба. Сега ја презирале верата со која Исус ги вдахнал на почетокот. Не сакале да признаат дека Тој, кој потекнал од сиромаштво и од пониските слоеви, бил што и да е друго, освен обичен човек.

Нивното неверство предизвикало злоба. Со нив управувал сатаната кој во својот бес ги повикувал против Спасителот. Се одвратиле од него чијашто задача била да лекува и да обновува; сега покажале својства на уништувачи.

Кога Исус укажал на благословите дадени на незнабошците, кај неговите слушатели била предизвикана жестина на национална гордост и неговите зборови биле задушени од врева на толпата. Овие луѓе се гордееле со држењето на законот, но сега, кога нивните предрасуди биле повредени, биле готови да сторат убиство. Собирот се растурил и, фаќајќи го Исуса, го истуркале од синагогата и од градот. Се чинело дека сите сакале да биде уништен. Го туркале до работ на една провалија со намера да го струполат долу. Воздухот го исполнувале извици и клетви. Некои фрлале камења на него, но одненадеж исчезнал меѓу нив. Небесните весници, кои биле крај него во синагогата, биле со него и среде разбеснетото мноштво. Тие го засолниле од неговите непријатели и го одвеле на сигурно место. (продолжува)

Pin It on Pinterest