(продолжува од претходниот ден) Така ангелите го заштитиле и Лота и безбедно го извеле од Содом. Така го заштитиле и Елисеја во малечкиот планински град. Кога околните планини биле полни со коњи, со бојни коли на сирискиот цар и со голема војска на вооружени луѓе, Елисеј видел како блиските планински падини се покриени со Божји војски со коњи и со огнени бојни коли насекаде околу Господовиот слуга.

Така во сите векови ангелите биле крај Христовите верни следбеници. Силниот сојуз на злото е нареден во борбени редови против оние што ќе победат, но Христос сака да го видиме она што е невидливо, небесните војски улогорени околу оние што го љубат Бога за да ги ослободат. Никогаш нема да дознаеме од кои опасности, видливи и невидливи, сме биле сочувани со посредување на ангелите сè додека во светлината на вечноста не ги согледаме Божјите провиденија. Тогаш ќе знаеме дека целокупното небесно семејство се интересирало за нас овде долу, и дека весниците од Божјиот престол постојано ги следеле нашите чекори.

Кога Исус во синагогата го читал пророштвото, не го прочитал конечниот опис на работата на Месија. Кога ги прочитал зборовите: „Да ја навестам благопријатната Господова година“, ја изоставил реченицата „и денот на одмазда на нашиот Бог“ (Исаија 61,2). Тоа било исто толку вистинито колку и првиот дел на пророштвото. Со своето премолчување Исус не ја побил вистината. Меѓутоа, неговите слушатели радо се задржувале на последниот израз и сакале тој да се исполни. Ги објавувале судовите против незнабошците, не сфаќајќи дека нивната вина била дури и поголема отколку вината на другите. Ним најитно им била потребна милост од која тие толку подготвено ги лишувале незнабошците. Тој ден во синагогата, кога Исус стоел меѓу нив, имале можност да го прифатат небесниот повик. Тој, на кого му е „мила милоста“ (Михеј 7,18), радо би ги спасил од уништувањето што го заслужувале нивните гревови.

Тој не можел да ги напушти без да им упати уште еден повик на покајание. Пред крај на својата работа во Галилеја, повторно го посетил домот на своето детство. Од отфрлањето што го доживеал овде, веста за неговото проповедање и за неговите чуда ја исполнила сета земја. Сега никој не можел да откаже дека Тој поседува сила поголема од човечката. Луѓето од Назарет знаеле дека одел правејќи добро и лекувајќи ги сите што ги угнетувал сатаната. Околу нив постоеле цели села во кои во ниедна куќа не се слушнало офкање на болни, зашто Тој поминал низ нив и ги исцелил сите нивни болни. Милоста што се откривала во секој потфат на неговиот живот давала доказ за неговото божествено помазание.

Додека ги слушале неговите зборови, Назареќаните пак биле поттикнати со Светиот Дух. Меѓутоа, дури ни сега не сакале да признаат дека овој Човек, кој пораснал меѓу нив, бил поинаков или поголем од нив. Сè уште ги печело горчливото сеќавање кога ним, додека за себе тврдел оти е Ветениот, им го оспорувал местото во Израел, зашто им покажал дека се помалку достојни за Божјата наклоност од еден незнабожец или незнабожица. Затоа, иако го поставиле прашањето: „Од каде му се на Овој оваа мудрост и моќ ?“, тие не го примиле како Божји Христос. Поради нивното неверство, Спасителот не можел меѓу нив да направи многу чуда. За неговите благослови биле отворени само неколку срца и Тој со тешко срце се оддалечил за никогаш повеќе да не се врати.

Со луѓето од Назарет продолжило да владее неверството што го негувале порано. Тоа исто така владеело со Синедрионот и со народот. За свештениците и за народот првото одбивање на силата на Светиот Дух било почеток на крајот. За да докажат дека нивното прво одбивање било исправно, продолжиле дребничаво да ги осудуваат Христовите зборови. Нивното отфрлање на Духот кулминирало на голготскиот крст, во уништувањето на нивниот град и во расејувањето на народот на сите четири страни на светот. (продолжува)

Pin It on Pinterest