(продолжува од претходнот ден) Исус не престанал да работи сè додека и последниот страдалник не бил излекуван. Ноќта веќе поодминала кога мноштвото се повлекло и мир се спуштил врз домот на Симона. Долгиот возбудлив ден поминал и Исус побарал мир. Меѓутоа, додека градот уште бил во сон, Спасителот „изутрината мошне рано стана и излезе, и отиде на осамено место и таму се молеше на Бога“.

Така поминувале деновите на Исусовиот земен живот. Често ги отпуштал своите ученици да ги посетат своите домови и да си починат, да се одморат, но благо се опирал на нивните напори да го одвојат од работата. По цел ден работел напорно, учејќи ги неучените, лекувајќи ги болните, враќајќи им вид на слепите, хранејќи го мноштвото, а навечер или рано наутро се повлекувал во тишините на планините за да разговара со својот Отец. Често поминувал цели ноќи на молитва и во размислување, враќајќи се в зори на својата работа меѓу луѓето.

Рано изутрината Петар и неговите другари дошле кај Исуса велејќи му дека народот од Капернаум веќе го бара. Учениците биле горко разочарани со приемот на кој Христос наидувал до тогаш. Властите во Ерусалим барале да го убијат; дури и неговите сограѓани се обиделе да му го одземат животот, но во Капернаум е пречекан со радосно одушевување и надежите на учениците повторно оживеале. Можеби меѓу слободољубивите Галилејци било можно да се најдат следбеници на новото царство. Со изненадување ги слушале Христовите зборови: „И на другите градови треба да им го проповедам евангелието за Божјето царство; впрочем, јас сум за тоа дојден.“

Во возбудата што го зафатила тогаш Капернаум постоела опасност целта на неговата мисија да се загуби од вид. Исус не се задоволувал да го привлече вниманието на себе само како чудотворец или исцелител од телесните болести. Се стремел да ги привлече луѓето кон себе како Спасител. Додека народот се стремел кон верување дека дошол како цар да воспостави земно владеење, Тој се трудел нивните мисли да ги пренасочи од земното кон духовното. Само световниот успех би бил пречка за неговото дело.

Восхитувањето на безгрижното мноштво го оптоварувало неговиот дух. Во својот живот Тој ниту малку не се залагал за себе. На Синот човечки му биле туѓи почестите што светот им ги укажува на положбата, на богатството или на надареноста. Исус не употребувал ниедно од средствата со кои луѓето задобивале предност или барале почит. Со векови пред неговото раѓање било преткажано за него: „Тој не вика, не го подига гласот, ниту може да се чуе по улиците. Тој не крши напукната трска ниту гаси фитилче што тлее. Верно Тој носи правда, не се преморува ниту изнемоштува додека не воспостави правда на земјата“ (Исаија 42,2­4).

Фарисеите настојувале да се разликуваат со своето крајно совесно придржување кон обредите, со истакнување на своето богослужение и со своите дела на милосрдие. Ревноста за верата ја докажувале со тоа што ја направиле предмет на дискусија. Расправиите меѓу противничките секти биле гласни и долги и не било необично да се чуе на улиците гласот на жолчните препирања на учените толкувачи на законот.

Исусовиот живот во однос на сето тоа бил сушта спротивност. Во тој живот никогаш не се забележала никаква жолчна расправа, никакво истакнато богослужение, никакво дело со кое би се задобило одобрување. Христос бил скриен во Бога, а Бог се открил во карактерот на својот Син. Исус сакал умовите на луѓето и нивната почит да ги насочи кон тоа откровение.

Сонцето на правдата не го осветлило светот со величествениот сјај со цел Тоа со својата слава да ги засенчи сетилата. За Христа е напишано: „Неговата појава е како утринската зора“ (Осија 6,3). Дневната светлина на земјата се појавува тивко и нечујно, растерувајќи ги сенките на мракот и будејќи го светот во живот. Исто така осамнало Сонцето на правдата со „здравје во зраците“ (Малахија 4,2).

Pin It on Pinterest