(продолжува од претходниот ден) Историјата се повторува. Со отворена Библија пред себе, изјавувајќи дека ги почитуваат нејзините учења, многу верски водачи на нашето време ја уништуваат верата во неа како Божја реч. Се занимаваат со дребничави испитувања на зборовите, ставајќи ги своите мислења над нејзините најјасни учења. Во нивните раце Божјата реч ја губи силата што обновува. Тоа е причината што беснее неверство, а беззаконието незпирливо се шири.

Кога ја поткопал верата во Библијата, сатаната ги насочил луѓето кон други извори на светлина и сила. Така тој незабележано напредува. Оние што се одвраќаат од јасните учења на Светото писмо и од уверливата сила на Божјиот Свети Дух, ја повикуваат управата на демоните. Критицизмот и пресметаното толкување на Светото писмо им отвориле пат на спиритизмот и на теозофијата на тие современи облици на старото незнабоштво да стекнат упориште дури и во црквите што тврдат дека му припаѓаат на Господа Исуса Христа.

Напоредно со проповедањето на евангелието, работат и посредници на лажните духови. Многу луѓе од љубопитство тајно соработуваат со нив, но кога ќе видат докази за дејствување на натчовечка сила, сè повеќе се примамени, додека не бидат подвластени на волјата што е посилна од нивната. Тие не можат да се ослободат од нејзината таинствена сила.

Одбраната на душата е скршена. Таа нема никаков браник против гревот. Кога еднаш ќе се отфрлат ограничувањата на Божјата реч и неговиот Дух, никој не знае до кои длабини на понижување може да потоне. Тајниот грев или страста што завледеала со него може да го држи како роб толку беспомошен, како што бил опседнатиот од зол дух во Капернаум. Но сепак, неговата состојба не е безнадежна.

Средството со кое можеме да го совладаме искушувачот е исто она со кое го победил Христос со силата на Речта. Бог не управува со нашите умови без наша согласност; ако сакаме да ја дознаеме и да ја исполнуваме неговата волја, неговите ветувања стануваат наши: „Ќе ја запознаете вистината и вистината ќе ве ослободи.“ „Оној што сака да ја исполнува неговата волја, ќе знае дали ова учење е од Бога“ (Јован 8,32; 7,17). Со вера во овие ветувања, секој човек може да биде ослободен од стапиците на заблудите и од власта на гревот.

Секој човек има слобода да ја избере силата што ќе владее со него. Никој не паднал толку ниско, никој не е толку лош за да не може да најде ослободување во Христа. Опседнатиот од лоши духови, наместо молитва, можел да изговори само зборови на сатаната, па сепак, неискажаната молба на срцето била исполнета. Ниеден вик на душата во неволја, иако не е изразен со зборови, нема да остане невослишен. Оние што ќе се согласат да стапат во заветен однос со небесниот Бог, не ѝ се препуштени на сатанската сила или на слабостите на сопствената природа. Нив Спасителот ги повикува: „Нека дојде под моја закрила, нека склучи мир со мене; нека склучи мир со мене“ (Исаија 27,5).

Духовите на темнината ќе се борат за душата што порано била под нивна власт, но Божјите ангели ќе се борат за таа душа со сила што ќе победи. Господ вели: „Може ли на јунакот да му се одземе пленот? Може ли на победникот да му побегне заробеникот? Да, вака вели Господ: ‘На јунакот ќе му се одземе пленот, на победникот ќе му побегне заробеникот. Јас ќе се спорам со оние што ќе се спорат со тебе, и јас ќе ги избавам твоите деца’“ (Исаија 49,24.25).

Додека собирот во синагогата сè уште бил опфатен со страхопочит, Исус се повлекол во домот на Петар малку да се одмори. Меѓутоа, и тука паднала сенка. Тештата на Петар лежела болна од „треска“. Исус ѝ наредил на болеста да се повлече, и болната станала и им служела на Учителот и на не говите ученици.

Веста за Христовото дело бргу се раширила низ цел Капернаум. Од страв од рабините, народот не се осмелувал да дојде и да побара исцелување додека не помине саботата, но штом Сонцето се спуштило зад хоризонтот, настанала голема турканица. Од домовите, од продавниците, од пазариштата, жителите на градот се слевале кон скромното засолниште во кое се засолнил Исус. Болните ги носеле на носила; други, потпирајќ и се на стапови или потпомогнати од пријателите, немоќно тетеравејќи се доаѓ але кај Спасителот.

Постојано доаѓале и си заминувале, зашто никој не знаел дали утрешниот ден ќе го затече Исцелителот меѓу нив. Никогаш порано Капернаум не бил сведок на таков ден. Воздухот бил исполнен со гласови на победа и со извици на ослободување. Спасителот бил радосен во радоста што ја разбудил. Додека бил сведок на страдањата на тие што доаѓале кај него, неговото срце било поттикнато со сочувство и се радувал што можел со својата сила да им го поврати здравјето и среќата. (продолжува)

Pin It on Pinterest