(продолжува од претходниот ден) Кога Исус е положен в гроб, сатаната ликувал. Се осмелил да се надева дека Спасителот нема повеќе да го земе својот живот. Тврдел дека полага право на Господовото тело и поставил своја стража околу гробот, сакајќи да го задржи Христа како заробеник. Бил мошне лут кога неговите ангели побегнале пред небесниот весник. Кога го видел Христа како излегува како победник, знаел дека неговото царство ќе заврши и дека на крај и самиот ќе мора да умре.

Со тоа што го убиле Христа, свештениците себеси се сториле сатанско орудие. Сега биле потполно во негова власт. Заплеткани во неговата стапица, не виделе никакво ослободување освен само борба против Христа. Кога го чуле извештајот за неговото воскресение, се исплашиле од гневот на народот. Чувствувале дека животите им се во опасност. Нивна единствена надеж била да докажат дека Христос е измамник со тоа што ќе негираат дека воскреснал. Ги поткупиле војниците и обезбедиле молчење од страна на Пилата. Насекаде ги ширеле своите лажни извештаи. Но имало сведоци што не можеле да ги замолкнат. Мнозина го чуле сведоштвото на војниците за Христовото воскресение. А некои од умрените воскреснале со Христа и се појавиле пред мнозина изјавувајќи дека Тој станал. Оние што ги виделе овие воскреснати и што го чуле нивното сведоштво, им однеле извештај на свештениците. Свештениците и поглаварите живееле во постојан страв одејќи низ улиците и дома да не се сретнат лице в лице со Христа. Чувствувале дека за нив нема никаква сигурност. Резите и бравите биле слаба заштита од Божјиот Син. Дење и ноќе пред очи им се појавувала онаа страшна сцена од судницата кога викале: „Крвта негова нека падне врз нас и врз нашите деца“ (Матеј 27,25). Никогаш нема да избледи од нивното сеќавање таа сцена. Никогаш повеќе нема да падне мирен сон на нивната перница.

Кога се слушнал гласот на моќниот ангел крај Христовиот гроб како зборува: „Те вика твојот Отец“, Спасителот излегол од гробот со животот што се наоѓал во самиот него. Сега е докажана вистинитоста на неговите зборови: „Јас го давам својот живот за повторно да го земам… Имам власт да го дадам, имам власт пак да го земам.“ Сега се исполнило пророштвото што го кажал пред свештениците и поглаварите: „Урнете го овој храм и за три дена пак ќе го подигнам“ (Јован 10,17.18; 2,19).

Над разурнатата гробница на Јосифа, Христос победонос но објавил: „Јас сум воскресение и живот.“ Овие зборови можело да ги изговори само Божеството. Сите создадени суштества живеат со Божја волја и сила. Тие се зависни примачи на животот од Бога. Од највозвишениот серафим до најскромното живо суштество, сите одново примаат сила од Изворот на животот. Само Оној кој е едно со Бога може да каже: Имам власт да го дадам животот и имам власт да го земам. Во својата божествена природа Христос поседувал сила да ги скрши оковите на смртта.

Христос станал од мртвите како првина на оние што спијат. На него укажувал снопот како жртва приказница и неговото воскресение се случило токму оној ден кога пред Господа требало да се принесе тој сноп. Повеќе од илјада години се вршел овој симболички обред. Од нивите се собирани првите класје зрело жито и кога народот одел во Ерусалим на Пасха, снопот на првината се прикажувал како жртва благодарница пред Господа. Сè додека не било извршено ова, не почнувал срп да жнее и житото да се собира во снопови. Снопот посветен на Бога ја претставувал жетвата. Така и првината, Христос, ја претставувал големата духовна жетва што ќе се собере за Божјето царство. Неговото воскресение е слика и залог за воскресението на сите праведници што умреле. „Зашто, ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така и оние кои умреле во Исуса, Бог ќе ги земе со него“ (1. Солуњаните 4,14). (продолжува)

Pin It on Pinterest