Гласот на пророкот од пустина и неговата возвишена вест се рашириле низ цела Галилеја. Веста допрела до селаните на најзафрлените планински места и до рибарите крај морето, и кај овие едноставни, сериозни срца, наишла на најискрен одѕив. Во Назарет таа била пренесена во дрводелската работилница што му припаѓала на Јосифа и Еден го препознал повикот. Неговото време настапило. Напуштајќи ја својата секојдневна напорна работа, се простил од својата мајка и, заедно со своите земјаци, се упатил кон реката Јордан.

Исус и Јован Крстителот биле роднини, блиску поврзани со околностите на своето раѓање, па сепак не се познавале лично еден со друг. Исус живеел во Назарет во Галилеја, а Јован во Јудејската пустина. Во наполно различни услови, живеејќи повлечен живот, немале врска еден со друг. Така одредило Провидението. Не требало да биде дадена никаква можност што би ги обвинувала дека се договарале да си го поддржат тврдењето еден на друг.

Јован бил запознат со настаните што го обележувале Исусовото раѓање. Тој чул за Исусовата посета на Ерусалим во неговото детство и за тоа што се случило во рабинската школа. Знаел за неговиот безгрешен живот и верувал дека Тој е Месија, но за тоа немал сигурна гаранција. Фактот што Исус толку години останал непознат, не давајќи никакво особено сведоштво за својата задача, оставал можност за сомневање дали Тој може да биде Ветениот. Меѓутоа, Крстителот чекал со вера, надевајќи се дека Бог во свое време ќе објасни сè. Нему му било откриено дека Месија ќе бара од него да го крсти со свои раце и дека тогаш ќе биде даден знак за неговиот божествен карактер. Така тој ќе може да му го претстави на народот.

Кога Исус дошол да се крсти, Јован во него открил чистота на карактер каква што никогаш порано не забележал ниту кај еден човек. Самата атмосфера на неговото присуство била света и влевала страхопочит. Од мноштвото што се собирало околу него на Јордан, Јован слушал мрачни прикаски за злосторства и се среќавал со души свиени под товарот на безбројни гревови; но никогаш не дошол во допир со човечко суштество кое толку многу зрачело божествено влијаније. Сето тоа било во сообразност со она што му било откриено за Месија. Сепак, се притеснувал да го исполни Исусовото барање. Како може тој, грешник, да го крсти Безгрешниот? И зошто Оној, на кого не му е потребно покајание, да се подложи на обредот кој претставува признавање на вина што треба да се испере?

Кога Исус побарал крштавање, Јован се повлекол, извикнувајќи: „Ти треба да ме крстиш мене, а ти доаѓаш кај мене!“ Со решителен, но сепак благороден авторитет, Исус одговорил: „Дозволи го сега ова, зашто вака треба да исполниме секоја правда.“ Попуштајќи, Јован влегол со Спасителот во Јордан и го нурнал во водата. Исус „веднаш излезе од водата. Наеднаш се отворија небесата и Тој го виде Божјиот Дух како слегува како гулаб и се спушта над него.“

Исус крштавањето не го примил како признавање на некоја своја сопствена вина. Тој се идентификувал со грешниците, правејќи чекор што треба ние да го преземеме и извршувајќи работа што мораме ние да ја свршиме. Неговиот живот, исполнет со страдања и со стрплива истрајност по крштавањето, исто така е пример за нас.

Кога излегол од водата, на брегот на реката Исус ја наведнал главата на молитва. Пред него се отворал нов и значаен период. Тој сега на поширока сцена влегувал во својот животен судир. Иако бил Кнез на мирот, неговото доаѓање мора да прилега на потегање на меч. Царството што Тој дошол да го основе било спротивно на она што го сакале Евреите. Тој, кој бил темел на израелските обреди и уредувања, ќе биде сметан како нивни непријател и рушител. Тој, кој го објавил законот на Синај, ќе биде осуден како престапник. Тој, кој дошол да ја скрши силата на сатаната, ќе биде прогласен за Велзевул. Никој на земјата не го разбирал и во текот на својата служба Тој и понатаму морал да оди сам. Во текот на целиот негов живот, неговата мајка и браќа не ја сфаќале неговата мисија. Дури и неговите ученици не го разбирале. Тој живеел во вечна светлина, еднаков со Бога, но својот живот на земјата морал да го помине во осаменост. (продолжува)

Pin It on Pinterest