(продолжува од претходниот ден) Како човек, еднаков со нас, морал да го носи товарот на нашата вина и несреќа. Безгрешниот морал да го почувствува срамот на гревот. Оној што сакал мир, морал да живее во немир, вистината морала да живее со невистината, чистотата со нечистотата. Секој грев, секое несогласие, секоја понижувачка жед што ја донел престапот, било мачење за неговиот дух.

Сам морал да ја разгази патеката, сам морал да го носи товарот. Врз него, кој ја оставил својата слава и ги прифатил слабостите на човечкиот род, мора да лежи товарот за откуп на светот. Тој сето тоа го видел и го чувствувал, но неговата цел останала непоколебана. Од неговите мишки зависело спасението на паднатиот род и Тој ја подал својата рака за да ја пофати раката на семожната Љубов.

Додека ја излевал душата во молитва, погледот на Спасителот како да проникнувал во небото. Добро знаел како гревот ги стврднал човечките срца, и колку ќе им биде тешко да ја распознаат неговата мисија и да го прифатат дарот на спасението. Тој го молел Отецот за сила да го победи нивното неверие, да ги скрши оковите со кои сатаната ги оковал и за нивно добро да го победи рушителот. Тој барал доказ дека Бог го прифаќа човечкиот род во личноста на својот Син.

Никогаш порано ангелите не слушале таква молитва. Тие имале топла желба на својот сакан Заповедник да му донесат вест што охрабрува и утеха. Но не ­ Отецот сам ќе одговори на молбата на својот Син. Непосредно од престолот излегувале зраци на неговата слава. Небесата се отвориле и врз главата на Спасителот слегла најчиста светлина во вид на гулаб ­ погоден симбол за Оној кој е понизен и кроток.

Меѓу огромното мноштво на Јордан, малкумина имало такви, освен Јован, кои го препознале ова небесно видение. Сепак, врз собраните почивала свечена сериозност на божествено присуство. Народот стоел и во тишина го набљудувал Христа. Тој се капел во светлината што вечно го опкружува Божјиот престол. Неговото подигнато лице било прославено, што никогаш порано не се видело ниту на едно човечко лице. Од отворените небеса се слушнал глас како зборува: „Овој е мојот мил Син, кој ми е по волја.“

Овие потврдни зборови ја засилиле верата на сведоците што присуствувале на крштавањето, а и Спасителот за неговата мисија. Иако врз Христа се положени гревовите на светот, иако Тој се понизил, наметнувајќи се со наша падната човечка природа, гласот од небото го потврдил за Син на Вечниот.

Јован бил длабоко трогнат кога го видел Исуса како понизен молител кој со солзи во очите бара потврда од Отецот. Кога го опкружила Божја слава и кога се слушнал глас од небото, Јован го препознал знакот што го ветил Бог. Тој знаел дека Оној што го крстил бил Откупителот на светот. Врз него почивал Светиот Дух и со подадена рака, покажувајќи кон Исуса, рекол: „Еве го Јагнето Божје кое ги зема на себе гревовите на светот.“

Никој од слушателите, па дури ни самиот говорник, не го сфатил значењето на овие зборови: „Јагне Божје“. На гората Морија Аврам го слушнал прашањето на својот син: „Татко,… каде е јагнето за жртва?“ Таткото одговорил: „Синко, Бог ќе се погрижи себеси за жртва“ (1. Мојсеева 22,7.8). Во овенот што го дал Бог наместо Исака, Аврам го видел симболот на Оној што ќе умре за гревовите на луѓето. Прифаќајќи го овој сликовит приказ, Светиот Дух преку Исаија пророкувал за Спасителот: „Го одведоа како јагне на колење, и Господ ги положи врз него сите наши беззаконија“ (Исаија 53,7.6), но израелскиот народ не ја сфатил оваа поука. Мнозина од нив жртвените дарови ги гледале онака како незнабошците што ги гледале своите жртви ­ како дарови со чија помош самите можат да го смилуваат божеството. Бог сакал да ги поучи дека од неговата љубов произлегува дар кој ги помирува со него.

Зборовите што му се упатени на Исуса на Јордан, „Овој е мојот мил Син, кој ми е по волја“ ­ го прегрнале целиот човечки род. Бог на Исуса му проговорил како на наш претставник. Покрај сите наши гревови и слабости, ние не сме отфрлени како безвредни. Тој „ни укажа милост (нè прифати) во Саканиот“ (Ефесците 1,6). Славата што почивала врз Христа е залог на Божјата љубов за нас. Таа ни зборува за силата на молитвата ­ како може човечкиот глас да допре до Божјето уво и нашите молби да бидат прифатени во небесните дворови. Поради гревот земјата е отсечена од небото и отуѓена од неговата заедница; но Исус пак ја поврзал со подрачјето на славата. Неговата љубов го опкружила човекот и достигнала до највисокото небо. Светлината што доаѓала од отворените капии врз главата на Спасителот ќе доаѓа и врз нас додека се молиме за помош да му се противставиме на искушението. Гласот што му зборувал на Исуса ѝ кажува на секоја верна душа: „Овој е мојот мил Син, кој ми е по волја.“

„Љубезни, сега сме Божји деца, и уште не се откри што ќе бидеме. Но знаеме дека кога Тој ќе се појави, ќе бидеме слични со него, зашто ќе го гледаме онаков каков што е“. Нашиот Откупител го отворил патот и нај грешните, најзагрозените, најугнетените и најпрезрените можат да најдат пристап кон Отецот. Сите можат да имаат дом во домовите што Исус отишол да ги приготви. „Ова го кажува Светиот и Вистинитиот, Оној што го има Давидовиот клуч; Оној што отвора и никој не затвора; Оној што затвора и никој не отвора… Еве, ја отворив пред тебе вратата која никој не може да ја затвори“ (Откровение 3,7.8).

Pin It on Pinterest