(продолжува од претходниот ден) Сè уште е точно дека децата се најприемчиви за поуките од евангелието; нивните срца се отворени за божественото влијание, силни да ги задржат примените поуки. Малечките деца можат да бидат христијани со искуство сообразено со нивните години. Потребно е да се воспитуваат духовно и родителите треба да им дадат секаква можност да го обликуваат карактерот според примерот на Христовиот карактер.

Татковците и мајките своите деца треба да ги сметаат за помлади членови на Господовото семејство што им се доверени да ги одгледуваат за небото. Поуките што сами ги учиме од Христа треба да им ги пренесеме на нашите деца онака како што можат да ги прифатат младите умови, откривајќи им ја малку по малку убавината на небесните начела. На тој начин христијанскиот дом станува училиште во кое родителите се помошни учители, додека Христос е главен учител.

Кога им помагаме на нашите деца да се преобратат не треба да очекуваме силни чувства како основен доказ дека тие се осведочени за гревот. Не е неопходно да се знае ниту точното време кога тие се преобратиле. Треба да ги поучиме своите гревови да му ги донесат на Исуса и од него да побараат прошка, верувајќи дека Тој им проштава и дека ги прифаќа и нив исто како што ги прифаќал децата кога лично бил на земјата.

Кога мајката ги учи децата да ја слушаат затоа што ја сакаат, таа им ги дава и првите поуки од христијанскиот живот. Мајчината љубов за детето ја претставува Христовата љубов, а малечките што имаат доверба во мајката и ја слушаат, учат да имаат доверба и да му бидат послушни на Спасителот.

Исус бил пример за децата и пример за татковците. Тој зборувал како човек кој има власт и неговите зборови имале сила; па сепак, во сите свои постапки кон грубите и незауздани луѓе не покажал ниеден нељубезен или неучтив израз. Христовата милост во срцето ќе всади небесно достоинство и чувство за она што одговара на дадениот миг. Тој ќе ублажи сè што е грубо и ќе покори сè што е невкусно и нељубезно. Тоа ќе ги поведе и татковците и мајките со своите деца да постапуваат како со разумни суштества, онака како што би сакале да се постапува со нив.

Родители, при воспитувањето на своите деца проучувајте ги поуките што ги дал Бог во природата. Кога би одгледувале некој каранфил, или трендафил, или крин, како би го правеле тоа? Прашајте го градинарот како постигнува секоја гранка и секој лист толку чудесно да расте и да се развива во совршена хармонија и убавина. Тој ќе ви каже дека тоа не е постигнато со груб допир ниту со силни напори, зашто тоа само би ги скршило нежните изданоци. Тоа биле малечки вниманија што често се повторувале. Тој ја залевал почвата и билките што се развивале ги штител од силните ветришта и од жешкото сонце, а Бог сторил да растат и да цутат со прекрасна убавина. Во постапувањето со своите деца следете ја методата на градинарот. Со нежен допир, укажувајќи им љубезна помош, трудете се нивните карактери да ги обликувате според примерот на Христовиот карактер. (продолжува)

Pin It on Pinterest