(продолжува од претходниот ден) Поттикнете израз на љубов кон Бога и еден кон друг. Причината што во светот има толку мажи и жени со тврдо срце лежи во тоа што вистинската љубов се сметала за слабост, што се обесхрабрувала и потиснувала. Благородната природа на овие луѓе била задушувана во детството, и ако светлината на божествената љубов не ја растопи нивната студена себичност, нивната среќа засекогаш ќе биде уништена. Ако сакаме нашите деца да го покажуваат истиот нежен Исусов дух и истата наклоност што ја покажуваат ангелите кон нас, мораме да поттикнуваме побуди на благодарност и љубов што ги носи детството.

Учете ги децата да го видат Христа во природата. Изведете ги надвор, под величествените дрвја, во градина, и учете ги во сите грандиозни дела на создавањето да видат израз на неговата љубов. Поучувајте ги децата дека Тој воспоставил закони што управуваат со сите суштества, дека Тој поставил закони и за нас и дека тие закони се за наша среќа и радост. Немојте да ги заморувате со долги молитви и со здодевни опомени, туку со очигледните поуки од природата научете ги на послушност кон Божјиот закон.

Кога ќе ги задобиете да имаат доверба во вас како Христови следбеници, лесно ќе ги учите за големата љубов со која Тој нè љубел нас. Кога ќе се обидете да ги објасните вистините за спасението и кога ќе им укажете на децата на Христа како личен Спасител, ангелите ќе бидат покрај вас. Господ на татковците и на мајките ќе им даде милост своите малечки да ги заинтересираат за возвишената историја за Детето од Витлеем кое навистина е надеж на светот.

Кога Исус им кажал на своите ученици да не им бранат на децата да дојдат кај него, Тој им зборувал на своите следбеници на сите векови на службениците на Црквата, на проповедниците, на помошниците и на сите христијани. Исус ги привлекува децата кон себе и ни заповеда: „Не бранете им да дојдат кај мене.“ Со тоа како да кажува: Тие ќе дојдат ако не ги спречите. Немојте да дозволите вашиот карактер, кој не е сличен на Христовиот, погрешно да го прикаже Исуса.

Немојте да ги оддалечите малечките од него со своето студенило и грубост. Немојте да станете причина за нивното чувство дека небото нема да им биде пријатно место ако сте вие таму. За верата не зборувајте како за нешто што децата не можат да го разберат и не постапувајте така како од нив да не се очекува во детството да го прифатат Христа. Немојте да им пренесете погрешен впечаток дека Христовата вера е мрачна вера и дека со доаѓањето кај Спасителот мора да се откажат од сè што животот го прави радосен.

Кога Светиот Дух ќе ги поттикне срцата на децата, соработувајте во неговата работа. Учете ги дека Спасителот ги повикува, дека ништо не му создава поголема радост од онаа кога му се предаваат во цутот и во свежината на своите години.

Со бескрајна нежност Спасителот ги набљудува душите што ги откупил со својата крв. Тие се негови благодарение на неговата љубов. Тој ги набљудува со неискажлив копнеж. Неговото срце широко е отворено не само за децата со најдобро однесување, туку и за оние што наследиле лоши црти на карактерот. Многу родители не сфаќаат во колкава мера се одговорни за овие недостатоци кај своите деца. Тие ги направиле такви. Со заблудените не постапуваат нежно и мудро. Но Исус ги набљудува овие деца со сожалување. Тој гледа сè, од причината до последиците.

Христијанскиот работник може да стане Христово орудие кога овие деца ги води кај Спасителот. Со мудрост и со истенчено разбирање, тој може да ги приврзе за своето срце, да ги охрабри и да им влее надеж, и со Христова милост да ги види со преобразен карактер, така што за нив може да се каже: „На таквите им припаѓа небесното царство.“

Pin It on Pinterest