(продолжува од претходниот ден) Грешникот кој се кае нека ги насочи очите кон „Божјето Јагне кое ги зема на себе гревовите на светот“ (Јован 1,29) и, гледајќи, нека доживее промена. Неговото стравување ќе се претвори во радост, неговите сомневања во надеж. Ќе никне благодарност. Каменото срце е скршено. Во срцето се излева порој на љубов. Христос во него е извор вода што тече во живот вечен. Кога го гледаме Исуса, Човекот на болката, запознат со тагата, како се труди да ги спаси загубените, како го понижуваат, го презираат, го исмеваат, го прогонуваат од град во град, додека не ја исполнил својата мисија; кога го гледаме во Гетсиманија, со крупни капки крвава пот и како на крстот умира во претсмртни маки кога го гледаме тоа, нашето јас нема веќе бучно да бара да биде ценето. Гледајќи го Исуса, ќе се посрамиме поради нашето студенило, поради нашата нечувствителност, поради нашата себичност. Ќе бидеме готови да бидеме нешто или ништо, така што ќе може ме од срце да му служиме на Учителот. Ќе се радуваме да го носиме крстот за Исуса, да трпиме искушение, срам или прогонство за него кого што го сакаме.

„Ние, силните, должни сме да ги носиме слабостите на слабите, а не да се однесуваме како нам што ни годи“ (Римјаните 15,1). Ниедна душа што верува во Христа, иако верата може да ѝ биде слаба, а чекорите несигурни како на малечко дете, не смее да се презира. Со сето она што сме го добиле како предимство над другите било тоа да е образованието или елегантноста, благородниот карактер, христијанското воспитување, верското искуство должни сме им на оние што имаат помалку можности и колку што стои до нас треба да им служиме. Ако сме јаки, мораме да ги потпреме рацете на послабите. Ангелие кои живеат во слава, кои постојано го гледаат лицето на небесниот Отец, се радуваат кога им служат на најмалечките. Тие особено се грижат за душите што се уплашени, што имаат многу непријатни црти во карактерот. Ангелите секогаш се присутни таму каде што се најпотребни, крај оние што имаат најжестока борба со себе и чиишто околности се мошне обесхрабрувачки. Во оваа служба ќе соработуваат вистинските Христови следбеници.

Ако некој од овие, малечкиве, би бил победен и би ви сторил некое зло, тогаш ваша задача е да се обидете да го вратите на доброто. Немојте да очекувате од него тој да го направи првиот чекор кон помирување. „Што мислите“, рекол Исус, „ако некој човек има сто овци и една од нив заскита, не ќе ги остави ли деведесет и деветте во планините и не ќе ли ја бара заскитаната? И ако се случи да ја најде, вистина ви велам дека ќе ѝ се радува повеќе отколку на деведесет и деветте што не заскитале. Па така, не е волјата на вашиот Отец кој е на небесата да загине ни едно од малечкиве.“

Со благ дух, „внимавајќи на себе и ти да не бидеш искушан“ (Галатите 6,1), оди кај оној што греши и „искарај го насамо“. Немој да го осрамотиш, изнесувајќи ја неговата вина пред други, ниту да му нанесуваш срам на Христа објавувајќи го гревот или грешката на оној што го носи неговото име. Често на тој што греши мора јасно да му се изнесе вистината; тој мора да се свести и да ја увиди својата грешка за да може да се поправи. Меѓутоа, ти не треба да судиш или да осудуваш. Немој воопшто да се обидуваш да се оправдаш самиот себе. Сиот твој труд нека биде насочен кон негово обновување. При постапките во врска со раните на душата е потребен нај нежен допир, најфина чувствителност. Само љубовта што излегува од Човекот на болката од Голгота овде може да помогне. Брат со брата си нека постапува жалосливо и нежно, па ако успее, тој ќе ја „спаси неговата душа од смрт“ и „ќе покрие многу гревови“ (Јаков 5,20).

Меѓутоа, дури и овој напор може да биде недоволен. Тогаш, рекол Исус: „Земи со себе уште еден или двајца.“ Можно е нивното здружено влијание да преовладее таму каде што не успеало влијанието на првиот. Бидејќи не биле учесници во таа тешкотија, тие најверојатно ќе дејствуваат непристрастно, па тој факт на нивниот совет ќе му даде поголемо значење кај оној што греши. (продолжува)

Pin It on Pinterest