(продолжува од претходниот ден) Фактот што некој не се сообразува во сè со нашите замисли и сфаќања не е оправдување за тоа што му забрануваме да работи за Бога. Христос е голем учител; ние не треба да судиме ниту да заповедаме, туку сите понизно да седиме крај Исусовите нозе и да се учиме од него. Секоја душа што ја исполнил Бог со ревност претставува канал со чија помош Христос ја открива својата љубов која проштава. Колку повнимателни би требало да бидеме за да не обесхрабриме некого од носителите на Божјата светлина и со тоа да ги пресечеме зраците со кои Тој би го осветлил светот.
Грубоста или студенилото што ги покажуваат некои од учениците кон лицето што го привлекува Христос таквиот чин, како оној на Јована, кога му забранил на човекот да прави чуда во Христово име може да ги пренасочи стапалките кон непријателската патека и да предизвика загуба на една душа. За оној што прави така Исус рекол: „Подобро ќе биде да му обесат на вратот воденички камен и да го фрлат во море.“ „И ако твојата рака те наведува на грев, отсечи ја. Подобро е да влезеш без рака во животот, отколку со двете раце да отидеш во пеколот. Ако твојата нога те наведува на грев, отсечи ја! Подобро е за тебе да влезеш во животот сакат, отколку со двете нозе да бидеш фрлен во пеколот“ (Марко 9,4345).
Каква е целта на овој сериозен говор, од кој ниеден друг не може да биде построг? Затоа што „Синот човечки дојде да го бара и да го спаси она што е загубено“. Зар тогаш неговите ученици ќе покажуваат помалку обѕири кон душите на своите ближни од обѕирот што го покажувало небесното Величество? За секоја душа е платена бесконечна цена и затоа е страшен грев да се одврати една душа од Христа, бидејќи за неа ќе биде напразна љубовта на Спасителот, неговото понижување и неговите смртни маки.
„Тешко му на светот од соблазни! Но неизбежно е да дојдат соблазни“ (Матеј 18,7). Светот, поттикнат од сатаната, сигурно ќе им се противставува на Христовите следбеници и ќе настојува да ја уништи нивната вера, но тешко на оној што го носи Христовото име, а врши ваква работа. Нашиот Спасител го понижуваат оние што тврдат дека му служат, но погрешно го претставуваат неговиот карактер, а со тоа мнозина се измамени и поведени на погрешни патеки.
Секоја навика или обичај што би воделе во грев, нанесувајќи му срам на Христа, без оглед на жртвата, подобро е да се отфрлат. Она што го обесчестува Бога не може да ѝ користи на душата. Ниеден човек што ги крши вечните начела на правдата не може да очекува небесен благослов. Само еден грев што се прифаќа е доволен да го понижи карактерот и да ги заведе другите. Колку порешителни би требало да бидеме да го отфрлиме гревот што ѝ донесува смрт на душата отколку да ја пресечеме ногата или раката, или дури да го извадиме и окото за да го спасиме телото од смртта!
Во обредната служба на секоја жртва ѝ се додавала сол. Ова, како и принесувањето на темјан, означувло дека само Христовата правда може таа служба да ја стори прифатлива за Бога. Повикувајќи се на оваа постапка, Исус рекол: „Имено, секој ќе биде посолен со оган.“ „Имајте сол во себе и имајте мир меѓу себе.“ Сите што сакаат да се принесат себеси „како жива и света богоугодна жртва на Бога“ (Римјаните 12,1), мора да ја примат спасоносната сол, правдата на нашиот Спасител. Тогаш тие стануваат „сол на земјата“, и како солта што чува од расипување, така тие го спречуваат злото меѓу луѓето (Матеј 5,13). Меѓутоа, ако солта се отсоли, ако побожноста постои само по име, без Христова љубов, тогаш тука нема никаква сила кон добро. Тој живот не може да изврши никакво спасоносно влијание врз светот. Вашата сила и делотворност при изградувањето на моето царство, вели Исус, зависат од тоа дали ќе го примите мојот Дух. Морате да станете учесници во мојата милост за да станете животен мирис за живот. Тогаш нема да има никакво соперништво, никаква себичност, никаква желба за највисоки положби. Ќе имате таква љубов што не го бара своето, туку доброто на другите. (продолжува)