(продолжува од претходниот ден) Најголема измама на човечкиот дух во Христовите денови било сфаќањето дека правдата едноставно е само согласување со вистината. Во целокупното човечко искуство теоретското знаење на вистината се покажало недоволно за спасение на душата. Тоа не донесува плодови на праведноста. Ревносното почитување на она што се нарекува теолошка вистина често е здружено со омраза кон правата вистина откриена во животот. Најмрачните поглавја во историјата се оптоварени со извештаи за злосторства што ги направиле верските фанатици. Фарисеите тврделе дека се Аврамови деца, фалејќи се дека по седуваат божествени пророштва; сепак, овие предимства нив не ги сочувале од себичност, од злоба, од желба за добивка и од најниско лицемерство. Себеси се сметале за најпобожни на светот, но нивната божемна правоверност ги навела да го распнат Господа на славата.

Сè уште постои истата опасност. Мнозина тврдат дека се христијани едноставно затоа што прифатиле некои основни теолошки начела. Меѓутоа, тие не ја вовеле вистината во секојдневниот живот. Не поверувале во неа и не ја засакале, па затоа не ги примиле силата и благодатта што произлегуваат од посветувањето со вистината. Луѓето можат да тврдат дека веруваат во вистината, но ако тоа не ги прави искрени, љубезни, трпеливи и умни, тогаш тоа е проклетство за оние што ја поседуваат, а преку нивното влијание тоа е проклетство и за светот.

Праведноста што ја проповедал Исус претставува хармонија на срцето и животот со откриената Божја волја. Грешните луѓе можат да станат праведни само ако имаат вера во Бога и ако одржуваат жива врска со него. Тогаш вистинската побожност ќе ги издигне мислите и ќе го облагороди животот. Тогаш надворешните форми на религијата ќе се сообразат со внатрешната чистота на христијанинот. Тогаш обредите што ги бара службата на Бога не се безначајни свечености, како оние кај лицемерните фарисеи.

Исус поединечно ги зема заповедите и ја објаснува длабината и ширината на нивните барања. Наместо да отфрли и една цртичка од нивната сила, Тој покажува колку далекусежни се нивните начела и ја открива судбоносната грешка на Евреите со тоа што покажувале надворешна послушност. Тој изјавува дека Божјиот закон се престапува со лоша мисла или со страстен поглед. Човекот што се согласува со најмалечка неправда, го прекршува законот и ја унижува својата морална природа. Убиството прво заживува во мислите. Оној што ѝ отстапува во срцето место на омразата, нозете ги става на патека на убиец и неговите приноси му се одвратни на Бога.

Евреите одгледувале дух на одмазда. Во својата омраза кон Римјаните изговарале тешки јавни обвинувања со што го радувале лукавиот и ги покажувале неговите својства. На тој начин се обучувале за страшни дела на кои ги наведувал тој. Во верскиот живот на фарисеите не постоело ништо што побожноста би ја направило привлечна за незнабошците. Исус ги повикал да не се лажат самите себеси со мислата дека во срцето можат да станат против своите угнетувачи и да негуваат стремеж да се одмаздат за нивните зла.

Вистина е дека постои гнев што може да се оправда, дури и кај Христовите следбеници. Кога ќе видиме дека Бог се навредува, а неговата служба не се почитува, кога ќе видиме дека невините се угнетувани, тогаш нашата душа ја обзема праведен гнев. Таквиот гнев, произлезен од истенчените морални начела, не е грев. Меѓутоа, оние што при каков било предизвик си земаат слобода да му попуштат на гневот или на омразата, му го отвораат своето срце на сатаната. Ако сакаме да бидеме во хармонија со небото, мораме да ги истераме горчината и непријателството од душата.

Спасителот оди понатаму од ова: Тој вели: „И така, ако принесуваш дар пред олтарот и вчасум се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, остави го таму својот дар пред олтарот и оди првин смири се со својот брат, па потем врати се и принеси го дарот.“ Мнозина се ревни во верските служби, додека меѓу нив и нивните браќа постојат несредени несогласија што би можеле да се средат. Бог бара од нив да сторат сè што стои во нивна моќ повторно да воспостават слога. Сè додека не го сторат тоа, Тој не може да ја прифати нивната служба. Должноста на христијанинот во тој случај е јасно истакната.

Бог врз сите излева свои благослови. „Тој му заповеда на своето сонце да ги осветлува и лошите и добрите, им дава дожд на праведните и на неправедните.“ Тој е „добар кон неблагодарните и грешните“ (Лука 6,35). Тој ни заповеда да бидеме слични на него. „Љубете ги своите непријатели“, вели Исус, „и молете се за оние што ве прогонуваат, за да бидете синови на вашиот Отец кој е на небесата.“ Тоа се начела на законот и извор на животот. (продолжува)

Pin It on Pinterest