(продолжува од претходниот ден) Божјиот идеал за неговите деца е повозвишен од највозвишената мисла што може да ја досегне човечкиот ум. „Бидете совршени како што е совршен вашиот небесен Отец.“ Оваа заповед е и ветување. Планот на спасението подразбира наше целосно ослободување од сатанската сила. Скршената душа Христос секогаш ја изделува од гревот. Тој дошол да ги раскопа делата на ѓаволот и се погрижил Светиот Дух да ѝ биде даруван на секоја душа што се кае за да ја сочува од гревот.

Средството со кое искушувачот нè наведува на зло не смее да се смета како изговор за некое лошо дело. Сатаната се радува кога ќе чуе дека оние што се нарекуваат Христови следбеници ја оправдуваат изобличеноста на својот карактер. Всушност тие оправдувања водат кон грев. За гревот не постои оправдување. Светиот карактер, животот сличен со Исуса, му е достапен на секое Божје дете кое се кае и верува.

Идеал на христијанскиот карактер е сличност со Христа. Како Синот човечки што бил совршен во својот живот, така и неговите следбеници треба да бидат совршени во својот живот. Исус наполно бил еднаков со своите браќа. Тој станал тело, како што сме и ние. Тој бил гладен, жеден и уморен. Својот живот го одржувал со храна и го освежувал со сон. Ја делел човековата судбина, иако бил безгрешен Божји Син. Бил Бог во тело. Неговиот карактер треба да стане наш. Господ кажува за оние што веруваат во него: „Ќе живеам меѓу нив и ќе одам среде нив, и ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат мој народ“ (2. Коринќаните 6,16).

Скалите што ги видел Јаков, чијшто долни дел се потпирал на земјата, а со врвот допирале до небесните капии, до прагот на славата, всушност тоа е Христос. Кога тие скали само со едно скалило не би успеале да ја допрат земјата, ние би биле загубени. Меѓутоа, Исус слегол до нас таму каде што сме се наоѓале. Тој ја зел нашата природа и победил, за ние, земајќи ја неговата природа, да можеме да победиме. Ставен „во облик на грешно тело“ (Римјаните 8,3), живеел безгрешен живот. Сега со својата божествена природа го држи небесниот престол, а со својата човечка природа допира до нас. Тој бара од нас со вера во него да ја постигнеме славата на Божјиот карактер. Затоа мораме да бидеме совршени, како што е „совршен небесниот Отец“.

Исус покажал во што се состои праведноста и ни укажува на Бога како нејзин извор. Сега се осврнал на практичните должности. Кога давате милостиња, кога се молите и постите, вели Тој, тоа не треба да го правите за да го привлечете вниманието на другите на себе или себеси да се прославите. Да даваме искрено за добро на сиромасите што страдаат. Во молитвата душата нека биде поврзана со Бога. Во постот да не одиме со наведени глави и со срце исполнето со себе. Срцето на фарисеите е пуста и некорисна земја на која не може да напредува никакво семе на божествениот живот. Оној што безусловно ќе му се потчини на Бога, ќе подари најприфатлива служба. Дружејќи се со Бога, луѓето стануваат негови соработници, откривајќи го во човечката природа неговиот карактер.

Службата извршена со искрено срце има голема награда. „А твојот Отец кој го гледа тоа што е тајно, ќе те награди.“ Карактерот се обликува со животот што го живееме со Христовата милост. Во душата почнува да се обновува изворната убавина. Подарени се особините на Христовиот карактер и почнува јасно да свети ликот на Божествениот. Лицата на мажите и жените што одат и работат со Бога покажуваат небесен мир. Опкружени се со небесна атмосфера. За овие души почнало Божјето царство. Тие имаат Христова радост, радост што е благослов за човештвото. Тие уживаат чест прифатени се да му служат на Учителот; ним им е доверено да ја извршуваат неговата работа во негово име.

„Никој не може да им служи на двајца господари.“ Не можеме да му служиме на Бога со поделено срце. Библиската религија не е едно влијание меѓу многуте други; нејзиното влијание треба да биде најсилно, да проникнува и да владее над секое друго влијание. Таа не треба да биде слична на платно на кое на одделни места е нафрлена боја, туку треба да го проникне целиот живот како платно што целосно е потопено во боја, сè додека секоја нишка на ткаенината не ја прими длабоко во себе бојата што не бледнее.

„Ако твоето око е бистро, целото тело ќе ти биде осветлено, но ако окото ти е зло, целото тело ќе ти биде мрачно.“ Чистотата и непоколебливата цел се услови за примање на светлина од Бога. Оној што сака да ја запознае вистината, мора да биде готов да прифати сè што таа открива. Тој не може да направи никаква спогодба со гревот. Да се биде колеблив и млак во прифаќањето на вистината значи да се одбере темнината на гревот и сатанската измама. (продолжува)

Pin It on Pinterest