(продолжува од претходниот ден) Додека го гледал мноштвото што го опкружувало, Исусовото внимание го привлекла една силуета. Во подножјето на крстот стоела неговата мајка којашто ја придружувал ученикот Јован. Не можела да поднесе да биде оддалечена од својот син, и Јован, знаејќи дека се приближува крајот, повторно ја привел кон крстот. Во претсмртниот час Христос се сетил за својата мајка.

Гледајќи го нејзиното болно измачено лице, а потоа Јована, ѝ рекол: „Жено, ете ти син!“, а потоа на Јована: „Ете ти мајка!“ Јован ги сфатил Христовите зборови и ја прифатил доверената задача. Веднаш ја повел Марија во својот дом и од тој час нежно се грижел за неа. Милостивиот Спасител, полн со љубов, среде сите свои телесни болки и душевни страдања, нежно се грижел за својата мајка. Немал пари со кои би ја обезбедил, но бидејќи Јован Христа го чувал во своето срце како скапоценост, Тој му ја предал својата мајка како драгоцен залог. Така се погрижил за она што најмногу ѝ било потребно за нежно сочувство на човекот кој ја сакал затоа што таа го сакала Исуса. Примајќи ја како свето завештание, Јован примил голем благослов. Таа постојано го потсетувала на саканиот Учител. Совршениот пример на Христовата синовска љубов блескоти со несмален сјај низ маглата на вековите. Речиси триесет години Исус со својот секојдневен труд помагал при носењето на товарот во домот. А сега, дури и во своите последни, претсмртни маки, се сетил за потребите на својата мајка, ујадена вдовица. Истиот дух ќе се види кај секој ученик на нашиот Господ. Оние што го следат Христа, ќе сметаат дека е дел на нивната вера да ги почитуваат и да се грижат за родителите. Во едно срце, во кое се негува неговата љубов, секогаш ќе постои грижа и нежно сочувство кон родителите.

Славниот Господ сега умира како откуп за човечкиот род. Положувајќи го својот скапоцен живот, Христос не добил поддршка со победоносна радост. Сите ги притискала тешка темнина. Него не го оптоварувал страв пред смртта. Неговото неискажливо душевно страдање не го предизвикале болката и срамот на крстот. Христос бил кнез на оние што страдаат, но неговите страдања произлегувале од свеста за опачноста на гревот, сознанието дека човекот со својата тесна врска со злото станал слеп за неговата стравотија. Христос видел колку е цврсто упориштето на гревот во човечкото срце и колку малку има такви кои се готови да се одвојат од неговата сила. Знаел дека без Божја помош човечкиот род мора да загине и видел мноштво како гинат и покрај изобилната помош.

Врз Христа како наша замена и гаранција е положено беззаконието на сите нас. Тој се вброил меѓу престапниците за нас да нè откупи од осудата на законот. Неговото срце го оптоварувала вината на секој Адамов потомок. Божјиот гнев кон гревот, страшниот израз на неговото незадоволство кон неправдата, ја исполнувале со ужас душата на неговиот Син. Во текот на целиот свој живот Христос на паднатиот свет му ги објавувал добрите вести за милоста и љубовта на Отецот која проштава.

Често зборувал за спасението на најголемите грешници. Меѓутоа, сега, со страшниот товар на вината што ја носел, не можел да го види милостивото лице на Отецот. Повлекувањето на божественото лице од Спасителот во овој час на најголеми страдања го проболо неговото срце со таква болка која човекот никогаш не може потполно да ја сфати. Неговите душевни страдања биле толку силни што одвај ги чувствувал своите телесни болки.

Со жестоки искушенија сатаната го нагрвалувал Исусовото срце. Спасителот не можел да види преку гробот. Надежта не му покажувала дека ќе излезе од гробот како победник ниту му зборувала за тоа дека Отецот ја прифатил неговата жртва. Се плашел дека гревот му е толку одвратен на Бога, што нивната разделба ќе биде вечна. Христос го чувствувал страдањето што ќе го чувствува грешникот кога милоста нема повеќе да се зазема за грешниот човечки род. Чувството на гревот, кој предизвикал гнев кај Отецот, а кој се урнал врз него како замена за човекот, ја загорчило чашата што ја пиел и го скршило срцето на Божјиот Син. (продолжува)

Pin It on Pinterest