„Кога излегуваше на пат, притрча еден, клекна пред него и го праша: ‘Добар Учителе, што да правам за да наследам вечен живот?’“

Младичот што го поставил ова прашање бил народен поглавар. Имал голем имот и заземал одговорна положба. Ја видел љубовта што ја покажал Христос кон децата што ги довеле кај него; видел како нежно ги прима и ги зема во прегратки и во неговото срце се разгорела љубов кон Спасителот. Посакал да стане негов ученик. Бил длабоко поттикнат и, додека Исус одел патем, потрчал по него, клекнал крај неговите нозе и искрено и сериозно го поставил прашањето што било толку важно за неговата душа, но и за душата на секое човечко суштество: „Добар Учителе, што да правам за да наследам вечен живот?“

„Зошто ме нарекуваш добар?“ рекол Исус, „само еден е добар Бог.“ Исус сакал да ја провери искреноста на поглаварот и да го поттикне да каже на кој начин го смета за добар. Дали сфаќа дека Овој, на кого му зборува, е Божји Син? Кое било вистинското чувство на неговото срце?

Овој поглавар имал високо мислење за својата праведност. Тој и не претпоставувал дека нешто му недостига, па сепак, не бил сосема задоволен. Чувствувал потреба за нешто што го немал. Зар Исус не би можел да го благослови како што ги благословил малечките и да ја задоволи потребата на неговата душа?

Одговарајќи на неговото прашање, Исус рекол дека неопходна е послушност кон Божјите заповеди ако сака да добие вечен живот, и навел некои од заповедите што ја покажуваат човековата должност кон неговите ближни. Одговорот на поглаварот бил потврден: „Сето тоа сум го запазил уште од својата младост. Што треба уште?“

Христос го набљудувал лицето на овој млад човек како да го чита неговиот живот и го испитува неговиот карактер. Го засакал и копнеел да му подари мир, милост и радост што наполно би го измениле неговиот карактер. „Едно ти недостига“, рекол Тој; „оди, продај сè што имаш, и раздај им го на сиромасите, па ќе имаш богатство на небото! Тогаш дојди и следи ме!“

На Христа му бил мил овој младич, зашто знаел дека бил искрен кога рекол: „Сето тоа го почитувам.“ Откупителот копнеел да му го отвори умот и да го оспособи да ја увиди потребата од посветување на срцето и од христијанска доброта. Копнеел кај него да види понизно и скршено срце свесно за возвишената љубов што треба да му ја подари на Бога, срце кое својот недостаток ќе го покрие со Христовото совршенство.

Исус во овој поглавар видел помошник што би му бил потребен кога овој младич би станал соработник во делото на спасението. Кога би го прифатил Христовото водство, тој би станал сила за добро.

Поглаварот можел да стане бележит Христов претставник, зашто имал такви особини кои, кога би се соединил со Спасителот, би го оспособиле да стане божествена сила меѓу луѓето. Согледувајќи го неговиот карактер, Христос го засакал. Во срцето на поглаварот се будела љубов кон Христа, зашто љубовта раѓа љубов. Исус копнеел да го види како соработник. Копнеел да го создаде сличен на себе, огледало на кое би се прелевала сличност со Бога. Копнеел да развие совршенство во неговиот карактер и да го посвети на Господовата служба. Кога поглаварот тогаш би му се предал на Христа, би напредувал во атмосферата на неговото присуство. Кога би го прифатил овој избор, колку поинаква би била неговата иднина!

„Едно ти недостига“, рекол Исус. „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го својот имот, дај им на сиромашните и ќе имаш богатство на небото, па потоа дојди и следи ме!“ Христос го читал срцето на овој поглавар. Му недостигало само едно, тоа било начело од животна важност.

Во душата му била потребна Божја љубов. Оваа потреба, ако не се задоволи, ќе биде судбоносна за него; целата негова природа ќе стане изопачена. Со попуштањето би се засилила себичноста. За да може да ја прими Божјата љубов, морал да се откаже од големата љубов кон самиот себе.

Христос овој човек го ставил на тест. Го повикал да бира меѓу небесното богатство и световната големина. Кога би решил да го следи Христа, би му било осигурано небесното богатство. Но морал да го потчини своето „јас“; неговата волја морала да ѝ се потчини на Христовата волја. На младиот поглавар му е понудена вистинската Божја светлина. Имал предимство да стане Божји син и со Христа сонаследник на небесното богатство. Меѓутоа, морал да земе крст и да појде по Спасителот по пат на самооткажување.

Христовите зборови за поглаварот навистина биле повик: „Изберете денеска на кого ќе му служите“ (Исус Навин 24,15). Изборот му е препуштен нему. Исус копнеел за негово преобрату вање. Тој му ја покажал слабата точка во неговиот карактер и со длабоко интересирање ја очекувал одлуката додека младичот го проценувал неговото прашање. Ако реши да појде по Христа, ќе мора во целост да ги послуша неговите зборови. Тој мора да ги напушти своите честољубиви намери. Со каков сериозен, грижлив копнеж, со каков глад во душата Спасителот го набљудувал младичот, надевајќи се дека ќе го прифати повикот на Божјиот Дух! (продолжува)

Pin It on Pinterest