(продолжува од претходниот ден) При крштавањето на Спасителот сатаната се наоѓал меѓу сведоците. Тој ја видел славата со која Отецот го засенил својот Син. Тој го слушнал гласот на Јехова како сведочи за Исусовото божество. Од Адамовиот грев човечкиот род ја загубил непосредната заедница со Бога; врската меѓу Небото и земјата се одржувала преку Христа; но сега, кога Исус дошол „во облик на грешно тело“ (Римјаните 8,3), проговорил директно Отецот. Тој порано општел со луѓето преку Христа; сега општи со човечкиот род во Христа. Сатаната се надевал дека Божјето гнасење над злото ќе донесе вечна разделба меѓу Небото и земјата. Меѓутоа, сега се покажало дека врската меѓу Бога и човекот е обновена.

Сатаната увидел дека мора или да победи или ќе биде победен. Спорните прашања на оваа борба биле премногу важни за да им бидат доверени на неговите здружени ангели. Оваа војна мора да ја води лично тој. Сите отпаднички сили повторно се престроиле против Божјиот Син. Христос станал мета на секое пеколно оружје.

Мнозина сметаат дека оваа борба меѓу Христа и сатаната нема некое особено значење за нивниот живот; за нив таа е нешто споредно. Меѓутоа, во срцето на секое човечко срце оваа борба се повторува. Никогаш човекот не ги напушта редовите на злото за да му служи на Бога, а да не се соочи со напади на сатаната. Искушенијата на кои Христос им се противставил се исти со оние за кои сметаме дека е тешко да им се противставиме. Тие нему му се наметнувале во толку поголема мера, колку што е понадмоќен неговиот карактер од нашиот. Со страшниот товар на гревот на светот врз себе, Христос му се противставил на искушението на апетитот, на љубовта кон светот и на љубовта за расфрлање што води кон горделивост. Тоа биле искушенијата што ги совладале Адама и Ева и што толку лесно нè победуваат и нас.

Адамовиот грев сатаната го кристел како доказ дека Божјиот закон е неправеден и дека не може да се послуша. Христос морал да го откупи Адамовиот престап облечен во наша човечка природа. Меѓутоа, кога искушувачот го нападнал Адама, кај него не се виделе последици на грев. Тој стоел во сила на совршена мажевност, со совршено крепок ум и тело. Бил опкружен со славата на Едем и во секојдневна заедница со небесните суштества. Така не било со Исуса кога влегол во пустината да се соочи со сатаната. Во текот на четири илјади години човечкиот род опаѓал во својата телесна сила, во умната моќ  и во моралната вредност. Христос ги зел на себе немоќите на човечкиот род ослабен со гревот. Само на тој начин можел да го спаси човекот од најголемите длабини на неговото понижување.

Мнозина тврдат дека искушението не можело да го победи Христа. Тогаш Тој не би можел да биде ставен во Адамова положба. Тој не би можел да ја извојува победата што ја загубил Адам. Ако во која било смисла имаме многу потешка борба отколку Христос, тогаш Тој не би бил во состојба да ни помогне. Меѓутоа, нашиот Спасител ја зел човечката природа со сите нејзини склоности. Зел човечка природа со можност да попушти во искушението. Ние не треба ништо да носиме што Тој не поднел.

Кај Христа, како и кај светата брачна двојка во Едем, апетитот претставувал основа на првото големо искушение. Токму таму каде што почнал падот, мора да почне и делото на нашиот откуп. Како Адам што паднал попуштајќи му на апетитот, така и Христос морал да победи откажувајќи се од желбите. „И откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне. Тогаш му пристапи искушувачот и рече: ‘Ако навистина си Божји Син, заповедај им на овие камења да станат лебови.’ А Исус одговори: ‘Напишано е: Човекот не живее само од леб, туку од секој збор што излегува од Божјата уста.’“

Во периодот од Адама до Христа човекот си попуштал самиот себеси и тоа попушње ја зајакнало силата на желбите и страстите, така што тие речиси неограничено завладеале со него. Така луѓето станале морално понижени и болни и сами од себе не биле во состојба да победат. На местото на човекот победил Христос, издржувајќи најтешки искушенија. Заради нас покажал самосовладување што било посилно од гладот и од смртта. Во оваа прва победа биле опфатени и други прашања што влегуваат во сите наши борби со силите на темнината.

Кога Исус влегол во пустината, бил опкружен со славата на Отецот. Проникнат од заедницата со Бога, бил издигнат над човечките слабости. Но славата го напуштила и Тој бил оставен да се бори со искушението. Тоа секој миг се уривало врз него. Неговата човечка природа се повлекла пред борбата што го очекувала. Четириесет дни постел и се молел. Слаб и исцрпен од гладот, премален и измачен од душевен очај ­ „лицето му беше во толкава мера нечовечки обезобразено, што со својот изглед не личеше повеќе на човек“ (Исаија 52,14). Настапил мигот на сатаната. Сега претпоставувал дека ќе може да го победи Христа. (продолжува)

Pin It on Pinterest