(продолжува од претходниот ден) Како да му носи одговор на неговите молитви, овде му пристапил на Спасителот некој сличен на небесен ангел. Тој тврдел дека има налог од Бога да објави оти Христовиот пост е завршен. Бог пратил ангел да ја задржи раката на Аврама да не го жртвува Исака, а сега ­ задоволен со Христовата подготвеност да појде по патеката испрскана со крв ­ Отецот пратил ангел да го избави и него; таква вест му е донесена на Исуса. Исус бил исцрпен од гладот, чувствувал силна желба за храна, кога одненадеж му пристапил сатаната. Покажувајќи кон камењето што биле расфрлени во пустината и што личеле на лебови, искушувачот рекол: „Ако навистина си Божји Син, заповедај им на овие камења да станат лебови.“

Иако се појавил како светлосен ангел, овие први зборови го оддале неговиот карактер. „Ако навистина си Божји Син.“ Овде лежи навестување на недоверба. Кога Исус би го прифатил предлогот на сатаната, тоа би значело дека се сомнева. Искушувачот имал намера да го совлада Христа со истите средства што биле толку успешни при совладувањето на човечкиот род во почетокот. Колку вешто сатаната  ѝ се приближил на Ева во Едем! „Навистина ли Бог ви рекол да не јадете од секое дрво во градината?“ (1. Мојсеева 3,1). До овде зборовите на искушувачот биле вистина, но во начинот на нивното изговарање се наоѓало прикриено омаловажување на Божјите зборови. Имало прикриено негирање, сомневање во божествената вистинитост. Сатаната се обидел во умот на Ева да влее помисла дека Бог нема да постапи онака како што рекол; дека лишувањето од толку прекрасниот плод е во спротивност со неговата љубов и сочувство кон човекот.

Така и сега искушувачот се труди да го вдахне Христа со свои сопствени чувства. „Ако навистина си Божји Син.“ Овие зборови со својата горчина му нанеле болка на Христовиот ум. Во тонот на неговиот глас се наоѓ а израз на крајна нед верба. Дали Бог ќе постапи така со својот Син? Дали ќе го остави во пустината со диви животни, без храна, осамен, без утеха? Тој навестува дека Бог никогаш не замислил неговиот Син да биде во таква состојба. „Ако навистина си Божји Син“, покажи ја својата сила со тоа што ќе се ослободиш од гладот што те мачи. Нареди овие камења да станат лебови.

Зборовите од небото: „Овој е мојот мил Син, кој ми е по волја“ (Матеј 3,17), сè уште одѕвонувале во ушите на сатаната. Меѓутоа, тој решил да го натера Христа да не верува во ова сведоштво. Божјиот глас од небото за Христа бил доказ за неговата божествена мисија. Дошол да живее како човек меѓу луѓето, и тој глас ја објавил неговата врска со Небото. Цел на сатаната била да предизвика кај него сомневање во тој глас. Ако може Христовата доверба во Бога да се разниша, сатаната знаел дека победата во целокупната борба ќе биде негова. Би можел да го победи Исуса. Се надевал дека Христос, под притисок на потиштеноста и преголемиот глад, ќе ја загуби верата во својот Отец и дека ќе стори чудо себеси во прилог. Ако го стори тоа, планот на спасението ќе биде скршен.

Кога сатаната и Божјиот Син првпат се сретнале во борбата, Христос бил заповедник на небесните војски и сатаната, водач на бунтот на небото, бил истеран. Сега нивната состојба очигледно е обратна и сатанта користи најмногу од своето привидно предимство. Еден од најмоќните ангели ­ кажува сатаната ­ бил истеран од небото. Исусовата појава во пустината укажува на тоа дека токму Тој е тој паднат ангел, заборавен од Бога, оставен од човекот. Божественото суштество би можело да ги поткрепи своите тврдења со некое чудо. „Ако навистина си Божји Син, заповедај им на овие камења да станат лебови.“ Таквиот чин на творечка моќ ­ му вели искушувачот ­ би бил убедлив доказ за божествената природа. Тој би ја окончал борбата.

Исус не можел на мир, без внатрешна борба, да го слуша најголемиот измамник. Меѓутоа, Божјиот Син не требало на сатаната да му ја докажува својата божествена природа или да му ја објаснува причината за своето понижување. Со задоволувањето на барањата на бунтовникот ништо нема да се постигне за добро на човекот или да се прослави Бог. Кога Христос би го прифатил предлогот на непријателот, сатаната сè уште би можел да каже: покажи ми знак дека можам да ти поверувам оти си Божји Син. Доказот не би можел да ја скрши силата на бунтот во неговото срце. Христос не требало да ја употреби својата божествена сила за свое сопствено добро. Тој дошол да го поднесе искушението како што мораме да го поднесеме и ние, оставајќи ни пример на вера и понизност. Ниту овде ниту кога и да е подоцна во својот земен живот, Тој не сторил чудо во своја корист. Сите негови величествени дела се сторени за добро на другите. Иако Исус го препознал сатаната уште од почеток, Тој не бил предизвикан да влезе во борба со него. Засилен со сеќавањето на гласот од небото, си починал во љубовта на својот Отец. Тој не сакал да преговара со искушувачот. (продолжува)

Pin It on Pinterest