Кога го спречил народот да го прогласи за цар, Христос знаел дека настапила пресвртница во неговиот живот. Мноштвото што денеска сакало да го издигне на престол, утре ќе се сврти од него. Разочарувањето на нивното себично славољубие нивната љубов ќе ја пренасочи во омраза и нивното славење во клетви. Иако знаел за ова, не презел ништо да ја спречи кризата. Уште од почеток не им давал на своите следбеници никаква надеж во земни награди. На еден што дошол да стане негов ученик му рекол: „Лисиците имаат дувла, а небесните птици гнезда, додека Синот човечки нема каде да стави глава.“ (Матеј 8,20).

Кога луѓето би можеле да ги имаат заедно светот и Христа, мноштвото би му понудило своја преданост; но Тој не можел да прифати таква служба. Мнозина од оние што биле поврзани со него биле привлечени со надеж во световно царство. Овие луѓе не смеат да останат во самоизмама. Длабоката духовна поука од чудото со лебовите не ја разбрале. Таа треба да се објасни. Ова ново откровение ќе донесе со себе уште понепосредна проверка.

Чудото со лебовите се прочуло и близу и далеку и следното утро мошне рано во Витсаида се собирал народ да го види Исуса. Доаѓале во голем број по копно и по море. Оние што го напуштиле претходната ноќ се вратиле очекувајќи сè уште да го најдат тука, зашто немало лаѓа со која би можел да премине на другата страна. Но нивното трагање било бесплодно и мнозина, барајќи го, се упатиле во Капернаум.

Во меѓувреме, само по еден ден, стигнал во Генисарет. Штом се дознало дека е тука, народот „го облета сиот оној крај, и почнаа да носат болни на постели таму каде што ќе чуеја дека е Тој“ (Марко 6,55).

По извесно време отишол во синагогата и таму го нашле тие што дошле од Витсаида. Од неговите ученици дознале како преминал преку морето. Жестокоста на луњата и безбројните часови напразно веслање наспроти неповолните ветришта, Христовата појава што одела по водата, стравот што се појавил тогаш, неговите смирувачки зборови, Петровото доживување и неговиот резултат со ненадејното смирување на луњата и со истоварувањето од лаѓата сето тоа верно му е пренесено на восхитеното мноштво. Сè уште незадоволни со ова, мнозина се собирале околу Исуса, прашувајќи: „Учителе, кога дојде ваму?“ Се надевале дека од неговите усни ќе слушнат натамошно опишување на ова чудо.

Исус не го задоволил нивното љубопитство. Со жалост рекол: „Ме барате не затоа што видовте чудотворни знаци, туку затоа што јадовте од лебовите и се наситивте.“ Не го барале со некои возвишени побуди, туку затоа што биле нахранети со леб се надевале дека со тоа што се поврзале со него ќе добијат и друга земна корист. Спасителот им заповедал: „Работете не за храна што се расипува, туку за храна што останува за вечен живот.“ Не барајте само матерјална корист. Главен напор нека не биде грижата за сегашниот живот, туку барајте духовна храна, токму онаа мудрост што ќе остане за вечен живот. Тоа може да го даде само Божјиот Син, „зашто него го овласти за тоа Бог Отецот“.

За миг кај слушателите се разбудило интересирање. Извикнале: „Што да сториме за да правиме дела Божји?“ Тие извршиле многу напорни потфати за да му се препорачаат себеси на Бога и биле готови да чујат некое ново правило со чија помош би можеле да се здобијат со поголема заслуга. Нивното прашање значело: Што треба да правиме за да го заслужиме небото? Која цена се бара за да го добиеме животот што ќе дојде?

„Исус им одговори: ‘Ова е дело Божје: Да верувате во Оној што го прати Тој.’“ Небесната цена е Исус. Патот за небото оди преку верата во „Јагнето Божје кое ги зема на себе гревовите на светот“ (Јован 1,29).

Меѓутоа, народот решил да не ја прифати оваа божествена вистина. Исус ја извршувал токму онаа мисија што ја навестило пророштвото дека ќе ја изврши Месија; но тие не виделе ништо повеќе од она што нивните себични надежи го означиле како негова задача. Христос навистина еднаш нахранил мноштво со јачмени лебови; но во Мојсеево време Израел бил хранет со мана четириесет години, па затоа од Месија се очекувале многу поголеми благослови. Нивните незадоволни срца се прашувале зар Исус не е во состојба, ако веќе може да стори толку чудесни дела што ги гледале со свои очи, да му даде здравје, сила и богатство на целокупниот свој народ, да го ослободи од неговите угнетувачи и да го издигне со моќ и чест? Фактот што Тој тврдел оти е пратен од Бога, а сепак одбивал да биде Израелов цар, била тајна што не можеле да ја доловат. Неговото одбивање погрешно е протолкувано. Мнозина заклучиле дека Тој не се осмелувал да го бара своето право затоа што и самиот се сомневал во божествената природа на својата мисија. На тој начин своите срца му ги отвориле на неверството и семето што го посеал сатаната донело свое виден род погрешно сфаќање и отпад. (продолжува)

Pin It on Pinterest