(продолжува од претходниот ден) Сега еден рабин потсмешливо прашал: „Каков знак ќе направиш за да видиме и да ти поверуваме? Какво дело ќе извршиш? Нашите татковци јадеа мана во пустината, како што е напишано: ‘Им даде да јадат леб од небото.’“

Евреите Мојсеја го почитувале како оној што ја дал маната, припишувајќи му ја славата на орудието, а губејќи го од вид Оној што го извршил тоа дело. Нивните татковци мрмореле против Мојсеја, му ја откажувале и се сомневале во неговата божествена задача. Сега со истиот дух потомците го одбиваат Оној што им ја донел веста од Бога. „Тогаш им рече Исус: ‘Вистина, вистина, ви велам, Мојсеј не ви даде леб од небото.’“ Дарителот на маната стоел меѓу нив. Христос бил тој што ги водел Евреите низ пустината и секојдневно ги хранел со леб од небото. Таа храна била пример на вистинскиот небесен Леб. Животодавниот Дух, произлегувајќи од бесконечната Божја полнота, е вистинска мана. Исус рекол: „Зашто леб Божји е Оној кој слегува од небото и му дава живот на светот“ (Јован 6,33).

Сè уште мислејќи дека Исус зборува за земна храна, некои од неговите слушатели извикнале: „Господе, давај ни го секогаш тој леб!“ Исус отворено рекол: „Јас сум леб на животот.“

Сликовитиот израз што го употребил Христос им бил познат на Евреите. Мојсеј, вдахнат со Светиот Дух, рекол: „Човекот не живее само од леб, туку од сè што излегува од Божјата уста.“ „Кога ми дојдоа зборовите твои, јас ги голтав: зборовите твои го восхитија и го израдуваа срцето мое“ (5. Мојсеева 8,3; Еремија 15,16). Рабините тврделе дека јадењето на лебот во духовна смисла значи проучување на законот и правење на добри дела; често се зборувало за тоа дека, кога ќе дојде Месија, ќе биде нахранет цел Израел. Учењето на пророците ја разјаснило длабоката духовна поука во чудото со лебовите. Оваа поука Христос се обидел да им ја објасни на своите слушатели во синагогата. Кога би ги разбрале светите списи, би ги разбрале неговите зборови кога кажал: „Јас сум леб на животот.“ Само еден ден порано изнемоштеното и гладно мноштво било нахрането со лебот што го дал Тој. Како што примиле од тој леб телесна сила и освежување, така од Христа можеле да примат духовна сила за вечен живот. „Оној што доаѓа кај мене“, рекол Тој, „нема да огладни и кој верува во мене, нема никогаш да ожедни.“ Но, додал: „Туку ви реков дека иако ме видовте не верувате.“

Тие го виделе Христа во сведоштвото на Светиот Дух, а Бог им се открил и на нивните души. Од ден на ден пред нив стоеле живи докази за неговата сила, па сепак барале уште некој знак. И кога би им бил даден и тој знак, тие би останале исто така неверни како што биле и порано. Ако не биле уверени со она што го виделе и што го чуле, би било бесполезно да им се покажуваат уште почудесни дела. Неверството секогаш ќе најде оправдување за сомневање и со причини ќе го негира и најсилниот доказ.

Христос пак им упатил повик на тие тврдокорни срца. „А оној кој доаѓа кај мене нема да го истерам.“ Сите што го примаат со вера, кажал Тој, ќе имаат живот вечен. Никој не може да биде загубен. Не постои никаква потреба фарисеите и садукеите да расправаат за идниот живот. Не е веќе потребно луѓето да тагуваат со безнадежна болка за своите мртви. „Желба на мојот Отец е, секој што го гледа Синот и верува во него, да добие живот вечен, и јас да го воскреснам во последниот ден.“ Меѓутоа, народните водачи биле навредени: „Прашаа: ‘Не е ли овој Исус, синот на Јосифа, чиишто татко и мајка ги познаваме? Како може сега да каже: Јас слегов од небото?’“ Се обиделе да создадат предрасуди со тоа што потсмешливо го споменале Исусовото скромно потекло. Со омаловажување укажувале на неговиот живот како галилејски работник и на неговото сиромашно и скромно семејство. Тврдењата на овој необразован дрводелец, велеле тие, не се достојни за наше внимание. На сметка на неговото таинствено раѓање ја подметнале мислата дека Тој има сомнително потекло, прикажувајќи ги човечките околности на неговото раѓање како дамка во неговиот живот.

Исус не се обидел да ја објасни тајната на своето раѓање. Тој не дал никаков одговор на прашањето во врска со своето доаѓање од небото, како што не дал никаков одговор на прашањето во врска со своето преминување преку морето. Не го насочувал вниманието кон чудата што го обележувале неговиот живот. Доброволно себеси се сторил човек без углед, земајќи на себе лик на слуга. Меѓутоа, неговите зборови и дела го откривале неговиот карактер. Сите, чиишто срца биле отворени за божественото просветлување, во него го препознале „Единородниот од Отецот“, полн „со милост и со вистина“ (Јован 1,14). (продолжува)

Pin It on Pinterest