(продолжува од претходниот ден) Надевајќи се дека од него ќе ја дознае вистината и ќе ја избегне бркотијата на толпата, Пилат Исуса го повел на страна и го прашал: „Ти ли си Цар на Евреите?“

Исус не одговорил директно на ова прашање. Знаел дека Светиот Дух се бори со Пилата, па му дал можност да го изрази своето уверување. „Го зборуваш тоа сам од себе или други ти кажаа за мене?“ прашал. Тоа значи, дали ова прашање на Пилата го поттикнале обвинувањата на свештениците или желбата да прими светлина од Христа. Пилат го разбрал Христовото навестување, но во неговото срце се појавила гордост. Не сакал да го признае осведочувањето што го оптоварувало. „Јас Евреин ли сум?“ рекол. „Твојот народ и првосвештениците те предадоа во мои раце. Што си сторил?“

Златната прилика за Пилата поминала. Па сепак, Исус не го оставил без уште поголема светлина. Иако не одговорил директно на прашањето на Пилата, јасно ја изнел својата задача. Отворено му рекол на Пилата дека Тој не сака земен престол.

„Ако моето царство беше од овој свет, моите приврзаници ќе се бореа да не им бидам предаден на Евреите, но моето царство не е тукашно. Пилат на тоа му рече: ‘Значи, цар си?’ Исус одговори: ‘Ти велиш дека сум цар. Јас се родив за тоа и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината. Секој кој е од вистината, го слуша мојот глас.’“

Христос потврдил дека неговата реч сама по себе е клуч што ќе ја отвори тајната за оние кои се подготвени да ја прифатат. Таа во себе има сила и тоа е тајната на ширењето на неговото царство на вистината. Сакал Пилат да сфати дека само ако ја прими и ако ја усвои вистината, неговата упропастена природа може да се обнови.

Пилат сакал да ја дознае вистината. Во неговиот ум владеела бркотија. Жедно ги прифатил зборовите на Спасителот и неговото срце било поттикнато со голема желба да сознае што е вистина и како може да ја долови. „Што е вистина?“ прашал, но не го почекал одговорот. Гневните гласови што се чуле однадвор го потсетиле на обврските во тој час, зашто свештениците бучно барале брзо дејствување. Излегувајќи пред Евреите, решително објавил: „Јас не наоѓам никаква вина во него.“

Овие зборови на незнабожечкиот судија се остар укор за лукавството и за лицемерството на израелските поглавари кои го обвинувале Спасителот. Кога го чуле тоа свештениците и старешините од Пилата, нивното разочарување и бес станале бескрајни. Одамна ковеле заговор и ја чекале оваа прилика. Кога виделе дека Исус би можел да биде ослободен, биле подготвени да го раскинат на парчиња. Гласно го обвинувале Пилата и му се заканувале дека ќе го тужат кај римската влада. Го обвинувале дека одбива да го осуди Исуса кој, според нивното тврдење, се дигнал против цезарот.

Острите гласови кажувале дека Исусовото „бунтовно влијание“ добро е познато во целата земја. Свештениците изјавиле: „Тој го бунтува народот, зашто поучува по цела Јудеја, почнувајќ и од Галилеја па довде.“

Во тој час Пилат не помислувал да го осуди Исуса. Знаел дека Евреите го обвиниле од омраза и од предрасуди. Знаел што му е должност. Правдата барала Христос веднаш да се ослободи. Но Пилат се плашел од лошото настроение на народот. Ако одбие да им го предаде Исуса во раце, ќе се дигне бунт, а тој се плашел да се соочи со него. Кога слушнал дека Христос е од Галилеја, решил да го прати кај Ирода, управителот на таа покраина, кој тогаш се наоѓал во Ерусалим. Со оваа постапка Пилат мислел одговорноста за судењето да ја префрли од себе на Ирода. Ова исто така го сметал за добра прилика да среди една караница со Ирода. Така и се случило. Двајцата намесници се спријателиле преку судењето на Спасителот.

Пилат повторно им го предал Исуса на војниците кои, низ попатно подбивање и навреди од страна на толпата, итно го одвеле во судската сала на Ирода. „А кога Ирод го виде, многу се зарадува.“ Никогаш порано не го сретнал Спасителот, но „одамна имаше желба да го види, зашто беше чул за него и се надеваше дека ќе види некое чудо што ќе го направи Тој“. Тоа бил оној Ирод чиишто раце биле извалкани со крвта на Јована Крстителот. Кога Ирод првпат чул за Исуса, обземен со ужас, рекол: „Јован, кому јас му ја отсеков главата, станал од мртвите“, „и затоа прави чуда“ (Марко 6,16; Матеј 14,2). Но сепак, Ирод сакал да го види Исуса. Сега на царот му се дала можност да му го спаси животот на овој пророк, па се надевал дека засекогаш ќе го истера од своите мисли сеќавањето на онаа крвава глава што е изнесена пред него на послужавник. Исто така сакал да го задоволи своето љубопитство па мислел дека Христос би сторил сè што се бара од него ако му се понуди некаква можност за ослободување. (продолжува)

Pin It on Pinterest