(продолжува од претходниот ден) Голема група свештеници и старешини го следеле Христа до Ирода. Кога Спасителот е воведен, сите достоинственици, зборувајќи возбудено, ги изнесувале своите обвинувања против него. Меѓутоа, Ирод не се осврнувал на нивните обвинувања. Наредил да биде тишина, зашто сакал да го испита Исуса. Заповедал да му се симнат оковите на Христа, истовремено обвинувајќи ги неговите непријатели што грубо постапуваат со него. Набљудувајќи го со сочувство мирното лице на Спасителот на светот, на него читал само мудрост и чистота. Тој, како и Пилат, бил задоволен што Христос е обвинет од злоба и завист.
На Христа Ирод му поставил многу прашања, но Спасителот за сето тоа време чувствувал длабок мир. На царева заповед воведени се немоќни и болни и на Христа му е заповедано сите свои тврдења да ги докаже со тоа што ќе стори чудо. Ирод рекол: Луѓето велат дека ти можеш да исцелиш болни. Сакам да проверам дека не ја превозвишиле твојата слава. Исус не одговорил, па Ирод и понатаму упорно настојувал: Ако можеш да правиш чуда за другите, направи ги сега за себе па ќе ти биде навистина добро. Повторно заповедал: Покажи ни еден знак дека имаш сила што ти ја припишуваат тие гласишта. Меѓутоа, Христос бил сличен на оној што ништо не чуе и не види. Божјиот Син зел на себе човечка природа. Тој мора да дејствува онака како што мора да се однесува човек во такви околности. Затоа не сакал да направи никакво чудо за да се избави од болките и понижувањата што човекот мора да ги поднесе кога ќе се најде во слична положба.
Ирод му ветил на Христа дека ќе биде ослободен ако направи пред него некое чудо. Христовите тужители со сопствени очи виделе чудесни дела направени со негова сила. Го чуле како му заповеда на гробот да го врати својот мртовец. Го виделе мртовецот како излегува покорувајќи му се на неговиот глас. Ги обзел страв да не стори и сега некое чудо. Нај многу од сè се плашеле од манифестацијата на неговата сила. Таквиот доказ би им задал смртен удар на нивните планови и можеби тоа би го платиле со животот. Повторно загрижените свештеници и поглавари вршеле притисок со своите обвинувања против него. Подигајќи ги своите гласови, изјавувале: Тој е предавник, богохулник. Тој своите чуда ги прави со силата на Велзевул, кнезот ѓаволски. Во судската сала завладеала бркотија. Едни викале едно, а други друго.
Сега совеста на Ирода била многу понечувствителна одошто кога со ужас го слушал барањето на Иродијада за главата на Јована Крстителот. Извесно време го чувствувал осилото на грижата на совеста поради своето страшно дело; но, поради распуштениот живот, неговата морална совест тонела во сè подлабоко понижување. Неговото срце толку закоравело што сега дури се фалел со казната што му ја досудил на Јована поради тоа што се осмелил да го укори. Сега му се заканувал на Исуса, повторувајќи дека има власт да го ослободи или да го осуди. Меѓутоа, со ниеден знак Исус не покажал дека чул некој збор.
Ирода го гневело ова молчење. Навидум тоа значело потпол на рамнодушност кон неговиот авторитет. За суетниот и горделив цар отворениот укор би бил помалку навредлив отколку такво неуважување на неговата личност. Повторно налутено му се заканил на Исуса кој сè уште стоел неподвижен и молчалив.
Да задоволи бесполезно љубопитство не било Христова задача на овој свет. Тој дошол да ги исцели ранетите во срцето. Тој не би молчел кога би можел да изговори макар и еден збор со кој би ги излекувал раните на душите заболени од гревот. Но немал ниту еден збор за оние што би ја погазиле вистината со своите несвети нозе.
Христос можел да му каже на Ирода такви зборови што би ги пробиле ушите на овој закоравен цар. Можел да го исполни со страв и со трепет прикажувајќи му ги сите беззаконија на неговиот живот и стравотијата на казната што му се приближувала. Но со своето молчење Христос му упатил најстрог укор. Ирод ја отфрлил вистината што ја изложил најголемиот меѓу пророците и затоа не требало да добие никаква друга вест. Небесното Величество за него немало ниеден збор. Тоа уво, кое секогаш било готово да ги слуша човечките неволји, не ги слушало наредбите на Ирода. Тие очи, кои секогаш гледале со љубов полна со сожалување и со проштавање на грешникот кој се кае, ниту со еден поглед не се запреле на Ирода. Тие усни, кои изговарале највпечатливи вистини, кои со најнежен глас на преколнување се заземале за најгрешните и најотфрлените, биле затворени за најгорделивиот цар кој не чувствувал потреба за Спасителот. (продолжува)