Доцна попладнето на денот на воскресението двајца ученици патувале по патот кон Емаус, малечко гратче оддалечено околу тринаесет километри од Ерусалим. Овие ученици не заземале истакнато место во Христовото дело, но тие вистински верувале во него. Дошле во градот да го прослават празникот Пасха и биле мошне збунети со настаните што се одиграле неодамна. Тоа утро ги чуле вестите за исчезнувањето на Христовото тело од гробот, како и извештајот на жените што ги виделе ангелите и го сретнале Исуса. Сега се враќале дома за да размислуваат и да се молат. Таа вечер жалосни чекореле по патот, оживувајќи ги во разговорот сцените од судењето и од распнувањето. Никогаш порано не биле толку длабоко разочарани. Без надеж и вера оделе во сенката на крстот.

На патот не отишле далеку, кога им се придружил некој странец; но тие биле толку потонати во својата тага и разочарување, што не го загледале добро. Го продолжиле разговорот, изразувајќи ги мислите на своето срце. Размислувале за поуките што ги давал Христос, но како да не биле способни да ги сфатат. Додека разговарале за настаните што се случиле, Исус копнеел да ги утеши. Ја видел нивната тага; ги разбрал тие противречни, збунувачки замисли што во нивните умови ја воведувале мислата: Може ли тој човек, кој дозволил толку да го понижат, да биде Христос? Плачеле, зашто не можеле да ја совладаат својата болка. Исус знаел дека нивните срца се поврзани со него со љубов, па копнеел да ги избрише нивните солзи и да ги исполни со радост и веселба. Но најпрво мора да им даде поуки што нема никогаш да ги заборават.

„А Тој ги праша: ‘Каков е тој разговор што го водите меѓу себе патем?’ А тие застанаа гледајќи нажалено. Едниот од нив,  по име Клеопа, му одговори: ‘Дали си ти единствениот туѓинец во Ерусалим кој не знае што се случи во него овие денови?’“ Му раскажале за своето разочарување поради својот Учител „кој беше пророк, силен на дело и на збор, пред Бога и пред сиот народ“, но „нашите првосвештеници и старешини“, рекле тие, „го предадоа да биде осуден на смрт и го распнаа“. Со стегнато срце од разочарување и со треперливи усни, додале: „А ние се надевавме дека Тој е Оној што ќе го избави Израел. И… веќе е трет ден како се случи тоа.“

Необично е тоа што учениците не се сетиле на Христовите зборови и не сфатиле дека Тој ги преткажал настаните што ќе се одиграат! Не сфатиле дека последниот дел од неговото откровение ќе се исполни исто толку сигурно колку и неговиот прв дел, дека третиот ден ќе стане. Тоа е оној дел што не смееле да го заборават. Свештениците и поглаварите тоа не го заборавиле. „Следниот ден, по денот за подготовка, првосвештениците и фарисеите се собраа кај Пилата и му рекоа: ‘Господару, се сетивме дека оној измамник, уште додека беше жив, рече: По три дена ќе воскреснам“ (Матеј 27,62.63). Но учениците не се сеќавале на овие зборови.

„Тој им рече: ‘О неразумни и бавни во сфаќањето на сето она што го рекоа пророците! Не требаше ли Христос да го претрпи тоа и да влезе во својата слава?’“

Учениците се прашувале кој би можел да биде овој странец, кој проникнал во самата нивна душа и кој зборува со таква сериозност, со таква нежност и сочувство и со толку силна надеж! Првпат откако Христос е предаден, почнале да се закрепнуваат со надеж. Често сериозно го погледнувале својот сопатник и помислиле дека неговите зборови се токму оние зборови што ги изговорил Христос. Биле исполнети со восхит и нивните срца почнале да чукаат во радосно очекување.

Почнувајќи од Мојсеја, вистинскиот почеток на библиската историја, Христос од целото Писмо го изложувал она што се однесувало на него. Кога би им се открил веднаш, нивните срца би биле задоволни. Во полнината на својата радост тие кон ништо веќе не би се стремеле. Меѓутоа, било неопходно да го сфатат сè она што се однесувало на него во сликите и во сведоштвата на Стариот завет. На тоа треба да биде заснована нивната вера. Христос не сторил никакво чудо за да ги осведочи, зашто негова прва задача била да го објасни Писмото. Неговата смрт ја сметале за уништување на сите свои надежи. Сега од пророците им покажал дека токму тоа е најси лен доказ за нивната вера. (продолжува)

Pin It on Pinterest