(продолжува од претходниот ден) Сега од пророците им покажал дека токму тоа е најсилен доказ за нивната вера. Поучувајќи ги овие ученици, Исус ја покажал важноста на Стариот завет како сведоштво за неговата мисија. Мнозина што себеси се нарекуваат христијани, денеска го отфрлаат Стариот завет, тврдејќи дека тој нема повеќе никаква важност. Но тоа не е Христово учење. Тој толку многу ја ценел неговата вредност, што еднаш рекол: „Ако не ги слушаат Мојсеја и пророците, нема да му веруваат ниту на оној кој би воскреснал од мртвите“ (Лука 16,31).

Од Адамовите денови, па сè до завршните сцени во ова време, Христовиот глас зборува преку патријарсите и пророците. Спасителот е откриен во Стариот исто толку јасно колку и во Новиот завет. Светлината од пророчкото минато го истакнува Христовиот живот и учење на Новиот завет јасно и убаво. Христовите чуда се доказ за неговото божество, но посилен доказ дека Тој е Откупител на светот се наоѓа во споредувањата на пророштвата на Стариот со историјата на Новиот завет.

Образложувајќи ги пророштвата, Христос на своите ученици им дал вистинско сознание за тоа зошто дошол меѓу луѓето. Нивните очекувања на Месија кој треба да заземе престол и царска власт во согласност со желбите на луѓето биле погрешни. Тоа не би се сообразило со правилното сфаќање на неговото спуштање од највисоката на најниска положба што може да се заземе. Христос сакал поимите на неговите ученици во секоја подробност да бидат чисти и вистинити. Тие во целост мора да ја сфатат чашата на страдањата што му била доделена. Им покажал дека страшниот судир, кој сега уште не можеле да го разберат, бил исполнување на заветот даден пред да бидат положени темелите на светот. Христос мора да умре како што мора да умре секој престапник на законот кога продолжува да греши. Сето ова мора да се исполни, но не треба да заврши со пораз, туку со славна, вечна победа. Исус им рекол дека е неопходно да се вложат максимални напори за светот да се спаси од гревот. Неговите следбеници мора да живеат и истрајно да работат како што живеел и работел Тој.

Христос вака разговарал со своите ученици, отворајќи им го умот да го сфатат Писмото. Учениците биле уморни, но разговорот не престанувал. Од усните на Спасителот излегувале зборови што даваат живот и сигурност. Но очите сè уште им биле затворени. Додека им зборувал за разурнувањето на Ерусалим, го набљудувале осудениот град со солзи. Меѓутоа, сè уште и не насетувале кој е овој нивни сопатник. И не помислувале дека крај нив чекори најважната личност на нивниот разговор, зашто Христос на себе укажувал како на некое друго лице. Мислеле дека Тој е еден од оние што учествувале на големиот празник и кој сега се враќа дома. Одел исто толку внимателно како и тие преку грубите камења, застанувајќи повремено заедно со нив за малку да се одмори. Така напредувале на планинската патека, а покрај нив одел Оној кој можел да каже: „Ми се даде секоја власт на небото и на земјата“ и кој набргу ќе заземе положба од десната страна на Бога (Матеј 28,18). (продолжува)

Pin It on Pinterest