(продолжува од претходниот ден) На тој начин секој грешник може да дојде кај Христа. „Спаси нè, не заради праведните дела што сме ги сториле ние, туку по својата милост“ (Тит 3,5). Кога сатаната ти зборува дека си грешник и дека не смееш да се надеваш на Божји благослов, кажи му дека Христос дошол на светот да ги спаси грешниците. Ние немаме ништо што би нè препорачало на Бога; но причина што можеме секогаш да ја изнесуваме е нашата крајно беспомошна состојба за која е неопходна неговата откупителска сила. Откажувајќи се од нашата самоувереност, можеме да гледаме на голготскиот крст и да кажеме: „Рацете мои се празни, се надевам само на твојот крст.“

Евреите уште од своето детство се поучувани за делото на Месија. Ним им припаѓале вдахновените изјави на патријарсите и пророците и симболичната поука од жртвената служба. Меѓутоа, ја потцениле светлината, па во Исуса сега не виделе ништо што би посакале. Но капетанот, по потекло многубожец, воспитуван во идолопоклонството на царскиот Рим, обучуван како војник, привидно лишен од духовниот живот со своето воспитување и со околината, уште повеќе одвоен со лицемерството на Евреите и со презирот на своите сонародници спрема израелскиот народ ја сфатил вистината за која Аврамовите деца биле слепи. Не чекал да види дали Евреите ќе го прифатат Оној што тврдел дека е нивни Месија. Кога него го осветлила „вистинската Светлина која доаѓаше на светот и која го осветлува секој човек“ (Јован 1,9), тој иако оддалеку ја сфатил славата на Божјиот Син.

За Исуса ова било важно дело што требало да го изврши евангелието меѓу незнабошците. Со радост однапред го гледал откупувањето на душите од сите народи во неговото царство. Со длабока жалост им го прикажал на Евреите резултатот на нивното отфрлање на неговата милост: „Ви велам, мнозина ќе дојдат од исток и од запад, и ќе прилегнат крај трпезата со Аврам, Исак и Јаков во небесното царство; а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина, каде што ќе има плач и чкртање со заби.“ Ах, колку има такви кои сè уште се приготвуваат за истото судбоносно разочарување! Додека душите во темнината на незнабоштвото ја прифаќаат неговата милост, колку многу има такви во христијанските земји над кои светлината свети само за да биде занемарена.

Повеќе од триесет километри од Капернаум, на една рамнинка што се издигнувала над пространата, прекрасна израелска низина, лежело селото Наин, кон кое сега се упатил Исус. Многу од неговите ученици, а и други, биле со него и попатно му пристапувале луѓе. Копнеејќи за неговите зборови на љубов и сочувство, носејќи ги своите болни да ги исцели и постојано надевајќи се дека Тој, кој поседува толку чудесна сила, ќе се прогласи себеси за цар на Израел. Голема радосна придружба се туркала одејќи по неговите стапки и, полна со исчекување, го следела по каменливата патека кон капијата на планинското село.

Додека се приближувале, забележале како од селото излегува погребна поворка. Со бавни, тажни чекори се движела кон местото на закопот. Телото на мртовецот е носено на чело на поворката на отворени носила околу кои се наоѓале тажачки што го исполнувале воздухот со својот лелек. Се чинело дека сите луѓе од ова место се собрале да му ја изразат својата почит на умрениот и своето сочувство на ожалостените.

Тоа била сцена што предизвикувала сожалување. Умрениот бил единец во мајка, а таа била вдовица. Осамената и ужалена жена ја придружувала до гробот својата единствена земна потпора и утеха. „А кога Господ ја виде, се сожали на неа.“ Додека се движела заслепена, плачејќи, не забележувајќи го неговото присуство, Тој ѝ пристапил и нежно ѝ рекол: „Не плачи!“ Исус имал намера нејзината жалост да ја претвори во радост, но сепак, не можел да се воздржи од овој израз на нежно сочувство. (продолжува)

Pin It on Pinterest