(продолжува од претходниот ден) „Тогаш се приближи и ги допре носилата.“ Него дури ни допирот со мртовецот не можел да го оскверни. Носачите застанале, а плачот на тажачките престанал. Околу носилата се собрале две групи луѓе, надевајќи се, иако немало надеж. Бил присутен Оној што ја отстранувал болеста и на кого му се потчинувале демоните; дали и смртта ѝ се покорува на неговата моќ ? Со јасен, заповеднички глас, ги изговорил зборовите: „Момче, тебе ти зборувам, стани!“ Тој глас допира до ушите на мртовецот. Момчето ги отвора очите. Исус го зема за рака и го подига. Неговиот поглед паѓа врз онаа што плаче крај него, и мајката и синот се соединуваат во долга, цврста и радосна прегратка. Мноштвото набљудува во тишина како омаено. „Страв ги обзеде сите.“ Молчејќи и со страхопочит стоеле извесно време како да се наоѓаат во непосредно Божје присуство. Тогаш „го славеа Бога и велеа: ‘Голем пророк се појави меѓу нас, и Бог го посети својот народ.’“ Погребната поворка се вратила во Наин како победничка поворка. „И се разнесе овој глас за него по цела Јудеја и низ сета околина.“

Оној што стоел крај ожалостената мајка пред капиите на Наин, со длабока жалост го набљудува секого што плаче крај некој одар. Тој е трогнат со нашата болка. Неговото срце што сакало и било полно со сожалување, е срце со непроменлива нежност. Неговите зборови, што ги подигнувале мртвите во живот, не се помалку делотворни сега отколку тогаш кога биле изговорени над момчето во Наин. Тој вели: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“ (Матеј 28,18). Оваа сила не е намалена со течението на годините, ниту исцрпена со постојаното дејствување на неговата милост. За сите што веруваат во него Тој сè уште е жив Спасител.

Исус големата мајчина жалост ја претворил во радост кога ѝ го вратил синот; па сепак, овој младич е повикан само во овој земен живот да ги поднесува неговите жалости, неговиот труд и неговите опасности и пак да дојде под власт на смртта. Меѓутоа, Исус нас нè теши во нашата болка за мртвите со порака на бескрајна надеж: „… Жив сум; бев мртов, и еве, жив сум во сите векови, и ги имам клучевите од гробот и од смртта.“ „Бидејќи децата имаат тело и крв, така и Тој зеде учество во тоа, за со смртта да го уништи оној што има власт над смртта, односно ѓаволот, и да ги ослободи сите оние кои, заради стравот од смртта, цел живот беа во ропство“ (Откровение 1,18; Евреите 2,14.15).

Сатаната не може да ги држи мртвите под своја власт кога Божјиот Син ќе ги повика во живот. Тој не може да држи во духовна смрт ниедна душа која со вера го прифаќа силниот Христов збор. Бог им кажува на сите што се мртви во гревот: „Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!“ (Ефесците 5,14). Тие зборови се вечен живот. Како што го повикале првиот човек во живот, Божјите зборови сè уште ни даваат живот; како и Христовите зборови: „Момче, тебе ти зборувам, стани“, што му дале живот на младичот од Наин, така и зборовите: „Воскресни од мртвите“, се живот за душата што ги прифаќа. Бог „нè избави од власта на темнината и нè пренесе во царството на својот сакан Син“ (Колошаните 1,13). Сето тоа ни го нудат неговите зборови. Ако ги прифатиме тие зборови, ослободени сме.

„Ако навистина во вас живее Духот на Оној кој го воскресна Исуса од мртвите, Оној кој го воскресна Исуса Христа од мртвите, ќе ги оживее и вашите смртни тела со својот Дух кој живее во вас.“ „Зашто сам Господ ќе слезе од небото, на заповед, со глас на архангел и со Божја труба, и мртвите во Христа ќе воскреснат први. Потоа ние живите кои останавме, ќе бидеме земени заедно со нив на облаци, за да го сретнеме Господа во воздухот; и така засекогаш ќе бидеме заедно со Господа“ (Римјаните 8,11; 1. Солуњаните 4,16.17). Ова се утешни зборови со кои Тој заповеда да се утешуваме еден со друг.

Pin It on Pinterest