(продолжува од претходниот ден) Во мирниот дом, во кој Исус често се одморал, влегла тага. Лазара го погодила ненадејна болест и неговите сестри му нарачале на Спасителот: „Господе, оној што го сакаш е болен.“ Ја виделе силата на болеста што го зафатила нивниот брат, но знаеле дека Исус може да лекува секој вид болест. Верувале дека ќе сочувствува со нив во нивната жалост и затоа не му упатиле итно барање веднаш да дојде, туку пратиле само доверлива вест: „Оној што го сакаш е болен.“ Мислеле дека Тој веднаш ќе одговори на нивната порака и ќе биде со нив штом ќе може да стигне во Витанија.

Неспокојно очекувале порака од него. Сè додека во нивниот брат горела искра на живот, се молеле и чекале Исус да дојде. Меѓутоа, весникот се вратил без него. Сепак донел вест: „Оваа болест не е за умирачка“, и тоа им влеало надеж дека Лазар ќе живее. Нежно се обидувале да му даваат надеж и да го храбрат речиси бесвесниот страдалник. Кога Лазар умрел, биле горко разочарани, но ја чувствувале Христовата милост што ги поддржувала и тоа ги сочувало да не го обвинуваат Спасителот.

Кога Христос ја чул веста, на учениците им се сторило дека ја примил студено. Не покажал жалост, како што очекувале. Погледнувајќи ги, рекол: „Оваа болест не е за умирачка, туку е одредена за слава Божја да го прослави Божјиот Син.“ Два дена останал во местото каде што се наоѓал. Ова одлагање било тајна за учениците. Каква утеха би било неговото присуство за овој ожалостен дом, си помислиле. Неговата силна љубов кон семејството во Витанија на учениците им била добро позната и биле изненадени што не се оѕвал на таа жална вест: „Оној што го сакаш е болен.“

Во текот на тие два дена се чинело Исус како да ја заборавил оваа вест, зашто не го споменувал Лазара. Учениците размислувале за Исусовиот преттеча, за Јована Крстителот. Се прашувале зошто Исус, кој има сила да прави величествени чуда, дозволил Јован да гние во темница и да умре со насилна смрт. Бидејќи имал таква сила, зошто Христос не го спасил животот на Јована? Ова прашање често го поставувале фарисеите кои го изнесувале тоа како сигурен доказ против Христовото тврдење дека е Божји Син. Спасителот ги предупредил учениците на несреќите, на загубите и прогонствата. Дали ќе ги заборави во несреќите? Некои се прашувале дали можеби погрешно ја сфатиле неговата мисија. Сите биле длабоко ожалостени.

По два дена чекање, Исус им рекол на учениците: „Одиме пак во Јудеја!“ Учениците се прашале зошто Исус, ако имал намера да оди во Јудеја, чекал два дена. Меѓутоа, нивните мисли ги обзел страв за Христа и за самите себе. Не можеле да видат ништо друго освен опасност на патот на кој имал намера да појде. „Учителе“, рекле, „Евреите сега сакаа да те каменуваат, а ти пак одиш онаму? Исус одговори: ‘Зар денот нема дванаесет часови?’“ Јас сум под водство на мојот Отец и сè додека ја извршувам неговата волја, мојот живот е сигурен. Дванаесетте часа на мојот ден уште не поминале. Влегов во остатокот на мојот ден, но сè додека преостанува и најмалечок дел, јас сум сигурен.

„Ако некој оди дење“, продолжил, „не се сопина, зашто ја гледа светлината на овој свет.“ Оној што ја извршува Божјата волја, што оди по патеката којашто ја означил Бог, не може да се сопне и да падне. Светлината на Божјиот Дух кој води му дава јасна претстава за неговите должности и го води право до завршувањето на неговата работа. „А кој оди ноќе се сопина, зашто нема светлина во себе.“ Оној што оди по патека која самиот си ја избрал, на која Бог не го повикал, ќе се сопне. За него денот се претвора во ноќи, каде и да се наоѓа, не е сигурен.

„Тоа им го рече, а потоа продолжи: ‘Нашиот пријател, Лазар, заспа, туку одам да го разбудам.’“ „Нашиот пријател, Лазар, заспа.“ Какви трогателни зборови, преполни со сочувство! Мислејќи на опасноста на која ќе се изложи нивниот Учител со одењето во Ерусалим, учениците речиси го заборавиле ожалостеното семејство во Витанија. Но, не и Христос. Учениците се чувствувале укорени. Биле разочарани што Христос не одговорил многу побргу на веста. Биле во искушение да помислат дека Тој нема нежна љубов кон Лазара и кон неговите сестри, зашто инаку би побрзал назад со весникот. Но зборовите: „Нашиот пријател, Лазар, заспа“, разбудиле кај нив вистински чувства. Се увериле дека Христос не ги заборавил своите пријатели што страдаат.

Тогаш учениците му рекле: „Господе, ако заспал, ќе оздравее.“ Додека Исус зборуваше за неговата смрт, тие мислеа дека зборува за починка во сон.“ На своите верни деца Христос смртта им ја претставува како сон. Нивниот живот е скриен со Христа во Бога и додека не затруби последната труба, оние што умираат ќе спијат во него. (продолжува)

Pin It on Pinterest