(продолжува од претходниот ден) „Тогаш Исус им рече јасно: ‘Лазар умре; ама се радувам заради вас оти не бев таму, за да поверувате. Ајде да одиме кај него.’“ Тома не можел да види ништо друго освен смрт што го чека неговиот Учител ако појде во Јудеја, но го впрегнал својот дух и им рекол на другите ученици: „Да отидеме и ние за да умреме со него!“ Ја познавал омразата на Евреите кон Христа. Нивна намера била да го убијат, но таа не успеала затоа што му останало уште малку од одреденото време во кое Исуса го чувале небесни ангели. Не можело да му се случи никакво зло. Дури ни во пределите на Јудеја, во која рабините ковеле заговор како да го фатат и да го убијат.

Учениците се зачудиле кога ги слушнале Христовите зборови: „Лазар умре; ама се радувам… оти не бев таму.“ Дали Спасителот сам избрал да го избегне домот на своите пријатели што страдале? Навидум, Марија, Марта и Лазар, кој умирал, биле препуштени самите на себе. Но не биле сами. Христос ја гледал целата сцена и по смртта на Лазара. Неговата милост им давала поддршка на ожалостените сестри. Исус ја видел жалоста што ги кинела нивните срца додека нивниот брат се борел со силниот непријател со смртта. Тој ја чувствувал сета тежина на болката кога им рекол на своите ученици: „Лазар умре.“ Меѓутоа, Христос не морал да мисли само на саканите од Витанија; Тој морал да мисли и на поучувањето на своите ученици. Тие треба да станат негови претставници во светот со цел благословот на Отецот да може да ги опфати сите. Заради нив дозволил Лазар да умре. Кога би го исцелил од болеста, не би било сторено чудо што е најочигледен доказ за неговиот божествен карактер.

Кога Христос би се наоѓал во болесничката соба, Лазар не би умрел, зашто сатаната не би имал власт над него. Смртта не би можела да го насочи своето осило кон Лазара во присуство на Дародавецот на животот. Затоа Христос останал на страна. Тој му дозволил на непријателот да ја употреби својата моќ за да може да го потисне како победен непријател. Тој дозволил Лазар да падне под власта на смртта, а жалосните сестри го виделе својот брат положен в гроб. Христос знаел дека, додека ќе го гледаат мртвото лице на својот брат, нивната вера во својот Откупител ќе биде свирепо искушавана. Но знаел дека од борбата низ која сега поминувале нивната вера ќе засвети со уште поголема сила. Тој го поднесувал секој удар на болката што ја издржале тие. Не ги сакал помалку затоа што чекал, но знаел дека ќе извојува победа за нив, за Лазара, за себе лично и за своите ученици.

„Заради вас“, „за да поверувате“. На сите што настојуваат да го почувствуваат водството на Божјата рака, мигот на најголемото обесхрабрување е време кога божествената помош им е најблизу. Тие со благодарност ќе се осврнат на најмрачниот дел од својот пат. „Господ знае како да ги избави побожните од искушенија“ (2. Петрово 2,9). Од секое искушение, од секоја неволја, Тој ќе ги изведе со посилна вера и со збогатено искуство.

Одложувајќи да дојде кај Лазара, Христос имал намера да им покаже милост на оние што не го примиле. Одолжувал со цел со воскресението на Лазара од мртвите на својот тврдокорен, неверен народ да му даде уште еден доказ дека Тој навистина е „воскресение и живот“. Не сакал да се откаже од сеопштата надеж на народот, на сиромасите, на заблудените овци на домот Израелов. Неговото срце се кинело поради нивната окоравеност. Во својата милост имал намера да им даде уште еден доказ повеќе дека Тој е обновител, единствен кој може да ги изнесе на виделина животот и бесмртноста. Тоа требало да биде доказ што свештениците не ќе можат погрешно да го протолкуваат. Тоа била причината за неговото одложување да дојде во Витанија. Ова чудо, подигнувањето на Лазара од мртвите како круна на сè, требало да стави Божји печат на неговата работа и на неговото тврдење дека има божество. На патот до Витанија, Исус, според својот обичај, им служел на болните и неволниците. Кога стигнал во градот, пратил кај сестрите весник со вест дека пристигнал. Христос не влегол веднаш во нивниот дом, туку останал на едно тивко место крај патот.

Нападните сцени што ги правеле Евреите при смртта на пријателите или роднините не биле во сообразност со Христовиот дух. Тој ги слушал одгласите на плачењето на тажачките и не сакал да се сретне со сестрите во таква бркотница. Меѓу ожалостените пријатели се наоѓале и роднините на ова семејство од кои некои заземале високи, одговорни положби во Ерусалим. Меѓу нив биле некои од најогорчените Христови непријатели. Христос ги знаел нивните намери и затоа не се појавил веднаш.

Веста толку тивко ѝ е пренесена на Марта, што другите во просторијата не ја чуле. Скршена со тага, Марија не ги чула тие зборови. Марта веднаш станала и излегла да го сретне својот Господ, а Марија, мислејќи дека Марта отишла на гробот, седела тивко занемена од болка. (продолжува)

Pin It on Pinterest