(продолжува од претходниот ден) Додека Исус зборувал во предворјето на храмот, луѓето слушале речиси без здив. Истите луѓе што биле негови најжестоки противници, се чувствувале немоќни да му направат некое зло. За миг заборавиле на сè друго.

Тој неуморно го учел народот сè до „последниот, големиот дена на празникот“. Тој ден изутрината луѓето биле изморени од долгото празнување. Одненадеж, Исус го подигнал својот ѕвонлив глас што се разлевал низ предворјето на храмот: „Оној што е жеден нека дојде кај мене и нека пие. Кој верува во мене, како што е кажано во Писмото, од неговата внатрешност ќе потечат реки на жива вода.“ Состојбата на народот овој повик го сторила мошне силен. Тие биле зафатени со постојани сцени на раскош и празнување; нивните очи биле заслепени со светлината и со боите, а нивните уши восхитени со најраскошна музика, но во целокупната низа обреди немало ништо што би ги исполнило потребите на духот, ништо што би ја угасило жедта на душата за она што не пропаѓа. Исус ги повикал да дојдат и да пијат од изворот на животот кој во нив ќе биде извор на вода што тече во вечен живот.

Свештеникот тоа утро го извршувал обредот што го обновувал споменот на удирањето на карпата во пустината. Таа карпа била бележит знак што укажувал на него кој со својата смрт ќе стори да потечат живи реки на спасение за сите што се жедни. Христовите зборови биле вода на животот. Таму, во присуство на собраното мноштво, Тој се посветил себеси да биде удрен со цел водата на животот да му потече на светот. Со удирањето на Христа, сатаната мислел дека ќе го уништи Кнезот на животот; но од удрената Карпа потекла жива вода. Додека Исус му зборувал така на народот, нивните срца затрепериле со некоја необична страхопочит и мнозина биле готови да извикнат заедно со жената Самарјанка: „Дај ми од таа вода да не ожеднувам повеќе“ (Јован 4,15).

Исус ги познавал потребите на душата. Сјајот, богатството и честа не можат да го задоволат срцето. „Оној што е жеден, нека дојде кај мене.“ Богатите и сиромасите, возвишените и понижените, еднакво се добредојдени. Тој ветува дека ќе ја растовари душата, дека ќе ги утеши жалосните и ќе им подари надеж на духовно обесхрабрените. Мнозина од оние што го слушале Исуса биле жалосни поради неисполнетите надежи, мнозина тајно трпеле, мнозина копнееле да ги задоволат своите неуморни желби за нештата на овој свет и за пофалба од страна на луѓето; но кога го добиле сето тоа, утврдиле дека се труделе само да стигнат до провален извор на кој не можат да ја згаснат својата жед. Среде блескотните, радосни сцени, стоеле незадоволни и жалосни. Тогаш ненадејниот повик „оној што е жеден“ ги тргнал од нивното жалосно размислување и, слушајќи ги зборовите што уследиле, во нивните души се запалила нова надеж. Светиот Дух пред нив ги изнесувал овие вредности сè додека во Него не ја виделе понудата на непроценливиот дар на спасението.

Христовиот повик упатен до жедната душа и денеска се разнесува допирајќи до нас со уште поголема сила од онаа со која се чул во храмот во последниот ден на празникот. Изворот е отворен за сите. На уморните и папсани души им се нуди освежувачка вода на вечен живот. Исус сè уште повикува: „Оној што е жеден, нека дојде кај мене и нека пие.“ „Кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе дарум од водата на животот.“ „А кој пие од водата што јас ќе му ја дадам, нема да биде жеден довека“ (Откровение 22,17; Јован 4,14).

Pin It on Pinterest