За сето време додека бил во Ерусалим во текот на празникот, Исуса го следеле шпиони. Постојано се обидувале да го замолчат. Свештениците и поглаварите демнеле да го фатат во стапица. Настојувале да го спречат со сила. Но тоа не било сè. Сакале да го понижат овој галилејски Учител пред народот.

Првиот ден на неговото присуство на празникот, поглаварите дошле кај него прашувајќи го со чија власт учи. Сакале да го пренасочат вниманието од него кон прашањето за неговото право да учи, а со тоа и на својата сопствена важност и власт.

„Моето учење не е мое“, рекол Исус, „туку на Оној кој ме прати. Ако некој сака да ја исполнува неговата волја, ќе знае дали ова учење е од Бога или јас зборувам сам од себе“ (Јован 7,16.17). На прашањето на овие ситничари Христос не одговорил дребничаво, туку со откривање на вистината што има животно значење за спасението на душата. Разбирањето и уважувањето на вистината, рекол Тој, зависи помалку од умот отколку од срцето. Вистината мора да се прими во душата; таа бара потчинување на волјата. Кога вистината би можела да се подложи само на разумот, горделивоста не би претставувала пречка на патот за нејзино примање. Меѓутоа, таа мора да се прифати преку влијанието на милоста врз срцето, па нејзиното примање зависи од отфрлањето на секој грев што го открива Божјиот Дух. Колку и да се големи човековите предимства за стекнување на знаење за вистината, тие нема да му бидат од никаква полза сè додека срцето не биде отворено за примање на вистината и додека не биде свесно совладана секоја навика и секој обичај што се спротивни на нејзините начела. На оние што така му се потчинуваат на Бога, со чесна желба да ја запознаат неговата волја и да ја извршуваат, вистината им се открива како Божја сила за нивно спасение. Тие ќе бидат во состојба да направат разлика меѓу оној што зборува од Бога и оној што зборува сам од себе. Фарисеите својата волја не ја ставиле на страна на Божјата волја. Не барале да ја сфатат вистината, туку да најдат некој изговор да ја избегнат, а Христос покажал дека токму тоа било причината зошто не го разбрале неговото учење.

Тој сега го открил испитот со чија помош вистинскиот учител може да се разликува од измамникот: „Кој говори сам од себе, бара своја слава, а кој ја бара славата на Оној кој го пратил, тој е вистинит во него нема неправедност“ (Јован 7,18). Оној што бара лична слава, зборува сам од себе. Духот на себичноста го покажува своето потекло. Но Христос ја барал Божјата слава. Тој зборувал Божји зборови. Тоа било доказ дека е овластен како Учител на вистината.

Исус на рабините им дал доказ за своето божество со тоа што покажал дека им ги чита срцата. Од исцелувањето во Витезда постојано ковеле заговор да го убијат. На тој начин самите го кршеле законот за кој тврделе дека го бранат. „Зар Мојсеј не ви го даде законот?“, рекол Тој. „Но никој од вас не го исполнува законот. Зошто сакате да ме убиете?“

Како секавица овие зборови им ја откриле на рабините провалијата на пропаста во која ќе се струполат. За миг биле исполнети со страв. Виделе дека се во судир со бесконечната Сила. Меѓутоа, не сакале да ја примат опомената. За да го сочуваат своето влијание меѓу народот, морале да ги прикријат своите злосторнички намери.

Избегнувајќи го Исусовото прашање, извикнале: „Ѓавол е во тебе! Кој сака да те убие?“ Вешто наведувале на помисла дека Исусовите величествени дела биле поттикнати од зол дух.

Исус не обрнувал внимание на ова поттурање. Тој продолжил со желба да покаже дека неговото дело на исцелување во Витезда било сообразено со законот за саботата и дека тоа е оправдано со толкувањето што самите Евреи му го дале на тој закон. Рекол: „Вам Мојсеј ви го даде обрезанието… и вие во сабота обрежувате човек.“

Според законот секое дете морало да биде обрежано осмиот ден. Ако ова одредено време паѓало во сабота, обредот морал тогаш да се изврши. Колку повеќе мора да биде во сообразност со духот на законот „што наполно исцелив човек во саботен ден“. Тој ги предупредил: „Не судете по надворешниот изглед, туку судете праведно!“

Поглаварите морале да замолчат и мнозина во народот извикнале: „Не е ли овој човекот кого бараат да го убијат? А ете, зборува и ништо не му велат. Да не се увериле старешините дека тој навистина е Христос?“ (продолжува)

Pin It on Pinterest