(продолжува од претходниот ден) Да се јаде Христовото тело и да се пие Христовата крв значи да се прими Христос како личен Спасител, верувајќи дека Тој ги проштава нашите гревови и дека во него сме совршени. Ние ќе станеме учесници во неговата природа ако ја набљудуваме неговата љубов, ако живееме во неа, ако пиеме од неа. Она што е храната за телото, тоа мора да биде Христос за душата. Храната не може да ни користи ако не ја јадеме, ако таа не стане дел на нашето суштество. Така и Христос нема никаква вредност за нас ако не го запознаеме како личен Спасител. Теоретското знаење нема да ни биде од никаква полза. Мораме да се храниме со него, мораме да го примиме во срцето така што неговиот живот да стане наш. Ние мораме да ја впиваме неговата љубов и неговата милост.

Меѓутоа, дури и овие сликовити прикази не можеле да го искажат предимството на поврзаноста на верникот со Христа. Исус рекол: „Како што ме прати мене живиот Отец, и како што живеам јас заради Отецот, така и оној што ме јаде мене, ќе живее заради мене.“ Како Божјиот Син што живеел со вера во Отецот, така и ние треба да живееме со вера во Христа. Тој во толкава мера ѝ се потчинил на Божјата волја, што самиот Отец се открил во неговиот живот. Иако бил искушаван во сè како и ние, пред светот стоел неизвалкан со злото што го опкружувало. И ние треба да победиме така како што победил Христос.

Дали си ти Христов следбеник? Тогаш сè што е напишано во врска со духовниот живот, е напишано за тебе и може да се постигне со твое соединување со Исуса. Дали твојата ревност потклекнала? Дали твојата прва љубов се изладила? Прифати ја повторно понудената Христова љубов! Јади го неговото тело и пиј ја неговата крв и ќе станеш едно со Отецот и со Синот.

Евреите не сакале да видат ништо друго освен најбуквално значење на зборовите на Спасителот. Со обредниот закон ним им било забрането да вкусат крв и сега Христовите зборови ги протолкувале како светогрдие и расправале меѓусебно за нив. Мнозина дури и меѓу учениците зборувале: „Тешка е оваа беседа! Кој може да ја слуша?“

Спасителот им одговорил: „Зар ова ве соблазнува? А што ќе биде ако го видите Синот човечки да се вознесува горе, каде што бил порано? Духот е оној кој оживува, телото не помага ништо. Зборовите што ви ги реков се дух и живот.“

Христовиот живот, кој му дава живот на светот, се наоѓа во неговата реч. Со својата реч Исус ги лекувал болните и ги истерувал лошите духови; со својата реч го смирил морето и ги подигнувал мртвите; и народот сведочел дека неговата реч имала сила. Тој ја зборувал Божјата реч, како што зборувал преку сите пророци и учители во Стариот завет. Целокупната Библија е Христова објава, и Спасителот сакал верата на своите следбеници да ја насочи кон оваа реч. Кога ќе се повлече неговото видливо присуство, речта мора да биде нивни извор на сила. Како и нивниот Учител, тие ќе мора да живеат „од секој збор што излегува од Божјата уста“ (Матеј 4,4).

Како нашиот телесен живот што се одржува со храната, така и нашиот духовен живот се одржува со Божјата реч. Секоја душа за себе треба да прима живот од Божјата реч. Како што мораме сами за себе да јадеме за да ги примиме хранливите состојки, така мораме да ја примиме речта сами за себе. Ние не би смееле да ја примиме само со посредство на туѓ ум. Мораме внимателно да ја проучуваме Библјијата, барајќи од Бога помош на Светиот Дух за да можеме да ја разбереме неговата Реч. Треба да земеме еден библиски стих и умот да го сосредоточиме на мислата што ја ставил Бог за нас во него. Треба да размислуваме за таа мисла сè додека истата не стане наша сопственост и не дознаеме што „кажува Господ“.

Во своите ветувања и опомени Исус мисли на мене. Бог толку го милее светот, што го дал и својот единороден Син, за јас, верувајќи во него, да не загинам, туку да имам живот вечен. Искуствата врзани за Божјата реч мора да бидат мои искуства. Молитвата и ветувањата, правилата и опомените се мои. „Со Христа бев распнат; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене, а животот што сега го живеам во телото, го живеам преку вера во Божјиот Син, кој ме милее и се предаде себеси за мене“ (Галатите 2,20). Кога верата така ќе ги прими и ќе ги усвои начелата на вистината, таа ќе стане дел на суштеството и движечка сила на животот. Божјата реч, прифатена во душата, ги обликува мислите и учествува во развитокот на карактерот. (продолжува)

Pin It on Pinterest