(продолжува од претходниот ден) Предрасудата на фарисеите била многу подлабока отколку што го откривале тоа нивните прашања: таа имала свој корен во изопаченоста на нивното срце. Секој Исусов збор и дело кај нив поттикнувале непријателство, зашто духот што го негувале не можел во него да најде никаков одглас.

„Никој не може да дојде кај мене ако не го привлече Отецот кој ме прати, и јас ќе го воскреснам во последниот ден. Кај пророците е напишано: ‘Сите ќе бидат научени од Бога. Секој, кој чул од Отецот и научил, доаѓа кај мене.’“ Кај Христа нема да дојде никој, освен оние што ќе одговорат на љубовта на Отецот која ги привлекува. Меѓутоа, Бог ги привлекува сите срца кон себе, па затоа кај Христа нема да дојдат само оние што ќе ѝ се противстават на таа негова привлечна сила.

Со зборовите „сите ќе бидат научени од Бога“ Исус се повикува на пророштвото на Исаија: „Сите твои синови ќе бидат научени од Господа, и голема ќе биде среќата на твоите деца“ (Исаија 54,13). Овој дел од светите списи Евреите си ги присвојувале за себе. Се фалеле дека Бог е нивни Учител. Меѓутоа, Исус покажал дека ова тврдење е бесполезно, зашто рекол: „Секој што го слуша Отецот и ја прима неговата наука, доаѓа кај мене.“ Само преку Христа можат да го запознаат Отецот. Човечката природа не може да ја издржи цената на неговата слава. Оние што дознале за Бога и што го слушале гласот на неговиот Син, во Исуса од Назарет ќе го препознаат Оној што го објавил Отецот преку природата и откровението.

„Вистина, вистина, ви велам, кој ќе поверува во мене има живот вечен.“ Преку саканиот Јован, кој ги слушал овие зборови, Светиот Дух им се обратил на црквите: „А еве го сведоштвото: Бог ни даде вечен живот, и тој живот е во него виот Син. Кој го има Синот, има живот вечен“ (1. Јованово 5,11.12). А Исус рекол: „Јас ќе го воскреснам во последниот ден.“ Христос станал едно тело со нас, за ние да станеме еден дух со него. Преку ова единство ќе станеме од гробот не само како израз на Христовата сила, туку затоа што неговиот живот со вера станал наш живот. Оние што го согледуваат Христа во неговиот вистински карактер и го примаат во срцето, имаат вечен живот. Христос живее во нас со Духот, а Божјиот Дух, примен со вера во срцето, е почеток на вечниот живот.

Народот му укажувал на Христа на маната (храната) што ја јаделе нивните татковци во пустината, како таа храна да била поголемо чудо од она што го направил Исус, но Тој покажал колку незначителен бил тој дар кога ќе се спореди со благословите што Тој дошол да ги подари. Маната можела да го одржи само овдешниот живот; таа не го спречувала приближувањето на смртта ниту обезбедувала бесмртност; но Лебот од небото ја храни душата за вечен живот. Спасителот рекол: „Јас сум леб на животот. Вашите татковци јадеа мана во пустината и изумреа. Ова е лебот што слегува од небото. Оној што јаде од овој леб, ќе живее довека.“ Со ова сликовито прикажување Христос сега додава уште нешто. Тој само со смртта може да им подари живот на луѓето и со зборовите што следат укажува на својата смрт како средство за спасението. Тој вели: „Лебот што ќе го дадам јас, е моето тело што ќе го предадам за животот на светот.“

Евреите биле зафатени со подготовка за празнување на празникот Пасха во Ерусалим во знак на сеќавање на ноќта на ослободувањето на Израел, кога ангелот уништувач тешко ги погодил египетските домови. Бог сакал во пасхалното јагне да го видат Божјето Јагне и преку овој чин да го прифатат него кој се дал себеси за животот на светот. Меѓутоа, Евреите отишле толку далеку, што чинот го сметале за најважно, додека неговото значење останало незабележано. Тие не го препознале Господовото дело. Истата таа вистина, која сликовито е прикажана во пасхалната служба, била искажана со зборовите на Христовата поука. Но и таа не била препозната.

Сега рабините налутено викале: „Како може овој да ни го даде своето тело да го јадеме?“ Се преправале дека неговите зборови ги разбираат во иста буквална смисла како и Никодим кога прашал: „Како може човек да се роди кога е стар?“ (Јован 3,4). Во извесна мера го сфатиле значењето на Исусовите зборови, но не сакале да го признаат тоа. Толкувајќи ги неговите зборови погрешно, се надевале дека кај народот ќе создадат предрасуди против него.

Христос не го ублажил своето сликовито прикажување. Тој ја повторил вистината со уште посилни зборови: „Вистина, вистина, ви велам: Ако не го јадете телото на Синот човечки и не ја пиете неговата крв, не ќе имате живот во себе. Кој го јаде моето тело и ја пие мојата крв, има вечен живот, и јас ќе го воскреснам во последниот ден. Зашто моето тело е вистинска храна, и мојата крв вистинска напивка. Кој го јаде моето тело и ја пие мојата крв, останува во мене и јас во него.“ (продолжува)

Pin It on Pinterest