Гледајќи ги своите ученици со божествена љубов и со најнежно сочувство, Христос рекол: „Сега се прослави Синот човечки, и Бог се прослави во него.“ Јуда ја напуштил Горната соба, па Христос останал сам со единаесеттемина. Пред да почне да зборува за својата блиска разделба со нив, зборувал за големата цел на својата мисија. Таа цел постојано ја имал пред себе. Се радувал што ќе го прослави името на Отецот со сите свои понижувања и страдања. Тој прво мислите на своите ученици ги насочил кон ова.

Потоа, обраќајќи им се како близок пријател со изразот „чеда“, продолжил: „Уште малку сум со вас; ќе ме барате и, како што им реков на Евреите, ‘таму каде што одам јас, вие не можете да дојдете.’“

Учениците не можеле да се радуваат кога го чуле ова. Ги опфатил страв. Се тискале околу Спасителот. Нивниот Водач и Господ, нивниот сакан Учител и Пријател, им бил помил и од животот. Во сите свои тешкотии, таги и разочарувања, очекувале помош и утеха од него. Сега требало да ги остави сами осамени и зависни. Мрачни биле претчувствата што го исполнувале нивното срце.

Но Спасителот им упатил зборови полни со надеж. Знаел дека непријателот ќе ги напаѓа, а сатаната е најуспешен кај оние што се притиснати со тешкотии. Затоа ги одвратил од она што „е видливо“ и ги насочил кон она што „е невидливо“ (2. Коринќаните 4,18). Нивните мисли ги пренасочил од земното изгнанство кон небесниот дом.

„Да не се вознемирува вашето срце“, рекол, „верувајте во Бога и верувајте во мене! Во домот на мојот Отец има многу места за живеење. Ако не беше така, јас ќе ви кажев. Но одам да ви приготвам место. А кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам кај себе, за да бидете и вие таму каде што сум јас, а патот за онаму каде што одам, го знаете.“ Заради вас дојдов на овој свет. Јас работам за вас. Кога ќе отидам, јас сè уште истрајно ќе работам за вас. Дојдов на овој свет да ви се откријам себеси, да можете да верувате. Одам кај Отецот да соработувам со него за вас. Целта на Христовото заминување била спротивна на она од што учениците се плашеле. Таа не значела конечна разделба. Отишол да им приготви место за да може повторно да дојде и да ги земе кај себе. Додека ќе им приготвува станови, тие треба да го изградат карактерот според божествениот пример.

Учениците сè уште биле збунети. Тома, секогаш мачен од сомневања, рекол: „Господе, не знаеме каде одиш. Како може ме да го знаеме патот? Исус му одговори: ‘Јас сум пат, вистина и живот. Никој не доаѓа кај Отецот освен преку мене. Ако мене ме познававте, ќе го познававте и мојот Отец. А отсега го познавате и сте го виделе!“

Нема многу патишта што водат кон небото. Не може секој да одбере свој пат. Христос кажува: „Јас сум пат … никој не доаѓа кај Отецот освен преку мене.“ Од првата евангелска проповед, кога во Едем е објавено дека потомокот на жената ќе ѝ застане на змијата на глава, Христос бил издигнат како пат, вистина и живот. Тој бил пат кога живеел Адам, кога Авел му принел жртва на Бога, крв на заклано јагне што ја претставувала крвта на Откупителот. Христос бил пат на спасение за патријарсите и пророците. Тој е единствен пат по кој можеме да дојдеме кај Бога.

„Ако мене ме познававте“, рекол Христос, „ќе го познававте и мојот Отец. А отсега го познвате и сте го виделе!“ Но учениците уште не разбрале. „Господе, покажи ни го Отецот“, извикнал Филип, „и доволно ќе ни биде.“

Зачуден со неговото слабо разбирање, Христос, болно изненаден, прашал: „Толку време сум со вас и не ме познали, Филипе?“ Зар е можно да не го гледаш Отецот во делата што ги прави преку мене? Зар не веруваш дека јас сум дојден да сведочам за Отецот? „Тогаш како велиш ти: ‘Покажи ни го Отецот!’“ „Кој ме видел мене, го видел и Отецот.“ Христос не престанал да биде Бог кога станал човек. Иако се понизил земајќи човечка природа, нему сè уште му припаѓало божеството. Само Христос може на човечкиот род да му го претстави Отецот, а учениците имале предимство ова претставување да го набљудуваат повеќе од три години. (продолжува)

Pin It on Pinterest